Македонија
Се проширува бројот на секторите каде мора да има лектор – ќе се носи нов закон за македонски јазик
Владата на денешната седница донесе неколку одлуки. На денешната седница е разгледан и утврден текстот на Предлог на закон употребата на македонскиот јазик. Новопредложениот Закон, според предлагачот, Министерството за култура, се заснова на: подигање на јазичната култура, негување и заштита на македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо; афирмирање на потребата од зголемена општествена и индивидуална грижа за правилна употреба на македонскиот јазик во јавната и во службената комуникација; почитување и унапредување на јазичниот стандард и организирање активности во оваа насока.
Постојниот Закон за употребата на македонскиот јазик нуди многубројни решенија и механизими за градење соодветна јазична политика, коишто, според Министерството за култура е потребно да се прошират и со дополнителни механизми, што се во функција на зајакнување на почитувањето на македонскиот стандарден јазик и неговата правилна употреба.
Од тие причини, се предлага донесување нов Закон за употребата на македонскиот јазик, со којшто ќе се прошират областите во коишто задолжително се употребуваат македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо. Ќе се прошири опсегот на задолжително лекторирање текстови што се објавуваат: општите и поединечните акти на законодавната, на извршната и на судската власт и на единиците на локалната самоуправа, службените документи и текстови на овие органи, но и на јавните установи и институции од областа на културата, образованието и науката.
Со предлогот на Законот ќе се даде правна основа за донесување Национална стратегија за македонскиот јазик. Министерството за образование и наука ќе објавува конкурси за стипендирање кадри за изучување на македонскиот јазик. Како и досега – и со овој закон проверката на потребното стручно знаење за лекторирање ќе се врши преку полагање испит за добивање лекторска лиценца. За вршење инспекциски надзор над примената на Законот се предлага основање Инспекторат за употребата на македонскиот стандарден јазик, орган во состав на Министерството за култура со својство на правно лице.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Дали ќе трае пет месеци или пет години никој не може да каже, рече судијката Груевска-Илиевска на почетокот на судењето за „Пулс”
Со посебна почит кон болката на семејствата на загинатите, судијката Диана Груевска-Илиевска на почетокот на судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ кој однесе 63 животи, рече дека никој не може да претпостави колку време ќе трае постапката. Таа ги повика сите учесници на дисциплина за да може да се дојде до вистината и правдата.


„Не можам да ви гарантирам брзина, но повикувам на дисциплина и редовност за да дојдеме до вистината и до правдата. Колку ќе трае судењето, дали ќе бидат пет месеци или пет години никој не може да знае“, рече судијката Груевска-Илиевска.
Најави транспарентност за време на судењето, а оштетените ги замоли на судењата да се договорат да испраќаат по еден член кој подоцна ќе им ги пренесува информациите оти и најголемата судница во земјава се покажа тесна.


Судијката повика на дисциплина на судењата и нагласи дека секој што нема да ги почитува „правилата на игра“ ќе биде опоменат, а втора опомена ќе значи исфрлање од судница или парична казна.
За заштита од непотребни одлагања, судијката рече дека судот дополнително ќе ги проверува сите лекарски белешки.
Судењето почна утрово, но повеќе од еден час трае евиденција на присутните.
Ова е најголемо судење во земјава со обвинети 35 физички и три правни лица, 15 обвинители, а многумина од обвинетите имаат и по двајца адвокати.
Македонија
Прекин на патот Македонски Брод – Скопје поради одрон
Поради одрон патот Македонски Брод – Скопје е во прекин.
„Во 08:40 часот на регионалниот пат Македонски Брод-Скопје, поточно кај резерватот Јасен сообраќајот е во прекин поради одрон на патот“, информира АМСМ.
Македонија
ЦУК: Добиени се повеќе пријави за свлечишта и одрони на патот
Во текот на вечерните и утринските часови, како последица на обилните врнежи кои го зафатија западниот и југозападниот дел, на единствениот повикувачки број за итни повици 112 се добиени повеќе пријави за свлечишта на земја и одрони на патот, поточно кај местата Дебар-Струга кај местото Џепчиште и кај патот Кичево – Охрид кај место Извор, известија од Центарот за управување со кризи.
Оперативниот центар при ЦУК веднаш стапи во контакт со дежурните служби на Македонија пат, кои веднаш се вклучија во отстранување на свлечиштата и одроните кои предизвикуваа опасност по сообраќајот, додаваат од ЦУК.

