Македонија
Пендаровски: Ако нема претседател на Судскиот совет, нема кој да потпише и плата за судиите, што побргу мора да се реши оваа темна дамка
Сè додека не изберат претседател на Судскиот совет, судиите не може да земат плати. Претседателот на државата, Стево Пендаровски, денес порача дека ситуацијата што побргу мора да се реши оти фрла темна дамка на европското и демократско досие на земјата.
„Она што го знам и што претставува посебен проблем е што претседателот на Судскиот совет, кој и да е, по словото на законот е и претседател на Судско-финансискиот совет, што значи ако немате претседател на Судскиот совет, народски кажано нема кој да потпише решенија за судиите да земат плата. Таа ситуација мора што побргу да се реши не само заради платите на судиите туку затоа што тоа фрла таква темна дамка врз целото европско и демократско досие на Република Северна Македонија што не се случајни реакциите што ги видовме деновиве и од Европската Унија и од американската амбасада. По она што го знам, а дојдоа тие реакции и до мене од средбите со амбасадори, тоа се најжестоки критики за состојбите во македонскиот правосуден систем од 1990 година до денес“, рече претседателот Пендаровски.
Скандалозното разрешување на Весна Дамева од функцијата претседател на Судскиот совет и двата неуспешни обида за избор на нејзин наследник претседателот Пендаровски ги опиша како немили сцени, кои со години не сме ги имале.
„Не паметам дека со години во Македонија сме имале толку непријатни сцени поврзани со сферата која и инаку е жестоко критикувана со право и од каде што најчесто, за жал, ни доаѓаат негативни вести. Тоа беше една ситуација, една сцена, која не смее да се дозволи во една држава што преговара со Европската Унија и утре сака да биде членка во тој клуб, каде што се најголемите демократи во светот“, рече претседателот Пендаровски.
По разрешувањето на Дамева минатата недела, за вчера Судскиот совет имаше закажано втор обид за избор на претседател, но седницата без образложение беше одложена.
Судскиот совет и минатата недела кога ја разреши Дамева, а не избра нов претседател, како и оваа недела, добива критики дека седницата не се случува оти нема мнозинство, а со одлагањето се остава простор за влијание врз членовите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

