Спорт
„Комити“ добиваат 25 отсто од ФК Вардар, ќе работат волонтерски во клубот
Навивачката група на Вардар, „Комити“, ќе станат сопственици на 25 отсто од акциите на најтрофејниот македонски клуб и ќе бидат директно вклучени во организацијата на клубот, најавувајќи дека волонтерски ќе ја извршуваат својата обврска.
Вардар се бори за враќање во македонската Прва лига, но клубот е во тешка финансиска состојба и во последно време не успеваше ниту да ги подмири платите на своите фудбалери.
Во објавата на „Комити“ стои:
СООПШТЕНИЕ ДО ЈАВНОСТА
Ја известуваме целокупната јавност, дека ние, навивачите на ФК Вардар, во договор со сопственикот на клубот Слободан Крстевски, отпочнуваме постапка за стекнување на 25% од акциите на клубот. Во склоп на договорот, членови на нашата група ќе станат дел од сите структури, и ВОЛОНТЕРСКИ ќе ги извршуваат сите тековни задачи, а се со цел нормално функционирање на клубот. НЕ ЗА ПАРИ – ЗА КЛУБОТ!
На ваков чекор се одлучивме од повеќе причини. Првенствено, затоа што не можевме повеќе да ја гледаме катастрофалната ситуација во која се наоѓа нашиот Вардар. Предолго веќе трае агонијата. Сите визии и планови кои ни беа презентирани се мртви. Сите рокови во кои требаше да бидат исполнети, се одамна поминати. Вардар низ годините, од спортски гигант, стана предмет за пресметка помеѓу разни струи, кои преку нашиот клуб единствено сакаа да си ги исполнат личните цели, кои по нас, немаат допирна точка со она како ние гледаме на работите, како ние гледаме на Вардар.
Како група помагавме и максимално се трудевме, клубот и покрај сите проблеми, да продолжи да функционира, да оди напред. Но, околностите во овој момент, бараат од нас радикална одлука. Главната цел на ваквиот наш чекор е целосно расчистување на долгот на ФК Вардар кон сите институции и физички лица, воспоставување на здрав долгорочен систем, во кој главен удел ќе имаат кадарните лица, чија главна цел ќе биде, спортскиот успех на клубот и создавање подобра иднина, за која сите ние заедно ќе треба да се избориме!
Ќе тропнеме на секоја врата. Во секоја надлежна институција, кај секој човек. Покани нема да чекаме. Нашиот план ќе го презентираме секому. Веруваме дека ќе наидеме на конструктивност и желба за соработка. Пред секој состанок, со секоја надлежна институција, јавно ќе ги обзнаниме нашите конкретни барања. По завршување на секој состанок, јавно ќе го озбаниме исходот, односно резултатот од средбата. Веруваме дека на ваков начин, јавноста, народот, ќе има најдобра прилика да увиди кој конкретно го помага, а кој го минира и одмага спроведувањето на нашиот план.
Радува фактот што, веќе денес, заедно со Општината Аеродром, успеавме да изнајдеме решение, со кое на ФК Вардар, му се препишува фудбалскиот терен, лоциран во близина на С.Ц. Јане Сандански, кој по завршување на законската рамка, ќе стане достапен за нашите фудбалери. Благодарност до Општина Аеродром, до советот и градоначалникот, за конструктивната соработка и желбата да му се помогне на ФК Вардар. Веруваме дека сите институции и општини ќе го следат овој пример, ќе ја имаат истата волја, и ќе придонесат кон побрзо решавање на проблемите поврзани со клубот.
Секако, доколку во периодот што следи, се појават одредени спонзори, чии цели би биле во дослух со нашите, ние како засегната страна, би биле апсолутно отворени за разговор, и секако за можен потенцијален договор. Но, на секого нека му биде јасно дека ќе мора да се исполнат одредени критериуми. Нема да дозволиме ФК Вардар да стане полигон за остварување на личен профит, и нема да дозволиме преку грбот на клубот, да се пазари!
За крај, сакаме да потенцираме, дека нашиот легитимитет не го црпиме само од правен аспект, туку сметаме дека ова е нашето природно право, поради сите заложби и акции преку кои активно сме помогнале на клубот. Секако, најголемиот легитимитет го црпиме од народот, кој ја препозна нашата искреност, и не поттикна уште повеќе на ваков чекор. Вардар е клуб на народот, бил и ќе биде. Заедно ќе се избориме за неговата иднина!
Ќе известуваме за секој нареден чекор, а вие бидете спремни, затоа што ќе има многу активности, преку кои директно ќе може да му помогнете на клубот.
БОРБА – ЗА ВАРДАР НАШ!
Фото: Комити Скопје
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
(Видео) Шешко во 96-та минута спречи пораз на Јунајтед
Словенецот Бенјамин Шешко, во 96-та минута, спречи пораз на Манчестер Јунајтед, на гостувањето кај ест Хем. ЈУнајтед го искористи киксот на Челси и се искачи на четвртата позиција на табелата. Инаку ова е прво реми, по четири победи на Јунајтед, под водство на Мајкл Керик.
Херој на Вест Хем, чии фудбалери беа подобри во првото полувреме, беше Томас Сучек кој го постигна водечкиот гол во 50-тата минута по асистенција од Џарод Бовен. Но, во последните моменти од натпреварот, Шешко ги постави конечните 1:1.
Како што е познато, невозможно е да не се спомене, навивачот на Јунајтед кој чека 18 месеци на шишање, ќе мора уште да чека за да добие нова фризура, бидејќи тимот не успеја да ја забележи петтата победа во низа.
Спорт
(Видео) Лидс освои бод кај Челзи, Њукасл победи кај Тотенхем
Фудбалерите на Борнмут и Њукасл остварија триумфи во натпреварите од 26-то коло од Премиер лигата, додека Челзи испушти предност од два гола и ремизираше против Лидс.
Фудбалерите на Лидс Јунајтед, на „Стенфорд Бриџ“ надоместија негатива од два гола и на крајот освоија бод голем „како куќа“.
Лидс јунајтед ја потврдија одличната форма со само два порази во последните 13 натпревари во Премиер лигата.
Челзи поведе во 24-та минута преку Жоао Педро,тоа беше неговиот шести гол во последните 30 дена.
Во продолжението, домашните ја дуплираа својата предност, Палмер постигна гол од пенал.
Сепак, Лидс не се предаде. Лукас Нмеча го намали резултатот од пенал, а потоа во 73-тата минута му асистираше на Ноа Окафор, кој ја искористи лошата реакција на одбраната на домашниот тим и го постави конечниот резултат 2:2.
Челзи имаше шанса за победа до крајот, но Палмер не успеа да постигне гол.
Бортнмут со головите на Рајан и Адли победи кај Евертон 2:1, а со истиот резултат Њукасл, во Лондон го совлада Тотенхем. Чау и Ремзи во 88-та минута погодија за Њукасл, стрелец за Тотенхем во 64-та минута беше Греј. Тптенхем нема победа во Премиер лигата на последните осум натпревари.
Foto/ EPA
Спорт
Арне Слот: Ова е најтешката сезона во мојата кариера
Тренерот на Ливерпул, Арне Слот, изјави дека тековната сезона е најтешката во неговата тренерска кариера и дека би бил незадоволен ако тимот не обезбеди место во Лигата на шампионите.
„Фер е да се каже дека ова е најтешката сезона што сум ја имал, досега. Сите други сезони беа претежно позитивни, не мислам дека некогаш сум изгубил два натпревари по ред. Ова е исклучок за мене оваа сезона, како и за играчите, бидејќи не се навикнати да губат многу или да имаат многу нерешени резултати. Ни јас не сум навикнат на тоа“, рече Слот.
Актуелните англиски шампиони се на шестото место со 39 бода, пет бода помалку од четвртопласираниот Манчестер Јунајтед, кој е на последното место што води директно во Лигата на шампионите.
Во среда, Ливерпул гостува кај тимот на Сандерленд, во натпреварот од 26-то коло од Премиер лигата, а во претходната рунда беа поразени дома од Манчестер Сити (1:2).
Foto/ depositphotos.

