Македонија
Грковска – Џакта: Поголемата транспарентност води кон поголема контрола и одговорност
Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, во рамките на посетата на ООН, имаше работен состанок со Ларби Џакта, претседавач со Меѓународната комисија за цивилна служба на Обединетите нации, на кој се разговараше за транспарентноста, отчетноста, но и за почитувањето на етичките вредности, како предуслов за одговорно работење.
Меѓународната комисија за цивилна служба одлучува за трошењето 70 проценти од годишниот буџет на ООН, кој во најголем дел се однесува на трошоците за службата на оваа организација, поради што се наметнува потребата постојано да се унапредуваат и надградуваат транспарентноста и отчетноста во овој процес.
Грковска истакна дека унапредувањето на транспарентноста на институциите, особено во начинот на кој се трошат јавните пари, е врвен приоритет за нејзиниот кабинет имајќи предвид дека на тој начин се зголемува и одговорноста, но и отчетноста.
Таа информира за иницијативата на нејзиниот кабинет за поактивна транспарентност на институциите како во делот на јавните набавки така и во однос на информациите за кои граѓаните, граѓанските организации, медиумите покажале најголем интерес.
Претседавачот Џакта информира дека Меѓународната комисија во моментот работи на хармонизација на системите на ОН, но и на обезбедување сеопфатен холистички пристап, во кој значаен елемент е транспарентноста.
Двајцата соговорници разговараа и за етичките принципи, вградени во Кодексот за однесување на ОН, како и за потребата овие принципи постојано да се унапредуваат во согласност со општествените промени и технолошкиот напредок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
За еден месец 138 санкции за непрописно вградени фолии
Во периодот од 01 до 31 октомври, Секторот за сообраќајни работи при Министерството за внатрешни работи спроведе сообраќајни контроли на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возачи кои не ги исполнуваат пропишаните услови во однос на затемнувањето на стаклата на возилата.
При контролата санкционирани се 138 учесници во сообраќајот. На сите прекршители изготвени им се соодветни поднесоци.
„Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта“, велат од МВР.
Македонија
Пецаков: Охрид не само што ќе изгледа поинаку туку ќе има и многу подобри услови за сите жители и за сите туристи
Кирил Пецаков го почнува вториот мандат како градоначалник на Охрид. Тој најави дека Охрид не само што ќе изгледа поинаку, туку ќе има и многу подобри услови за сите жители и сите туристи
„За мене е голема обврска и чест да продолжиме заедно по патот на успехот и да работиме за подобра иднина за нашите поколенија. Реализиравме многу проекти кои што значат за Охрид и стратешки го менуваат, а така продолжуваме и во вториот мандат. Имаме 10 нови капитални проекти на кои ќе се надополни и финиширањето на четири проекти, кои беа ветени во претходниот мандат. Станува збор за сериозна промена на сето она што ние го перцепираме во Охрид, првично за охриѓани и за сите оние кои што доаѓаат и уживаат во неговите убавини. Пред нас следува инвестициски период кој верувам дека ќе заврши успешно, односно за многу работи за кои што охриѓани разговарале, побарувале и било како насушна потреба во изнинативе 30 години, ќе се остварат, ќе се завршат и сметам дека Охрид не само што ќе изгледа поинаку, ќе има и многу подобри услови за сите жители и сите туристи кои го посетуваат“, рече Пецаков.
Македонија
Новата градинка во Бутел 2 ќе згрижува 200 деца
Градоначалникот Дарко Костовски изврши увид во градежните активности за изградба на нова детска градинка во Бутел 2.
„Градежните активности напредуваат со одлична динамика. Стариот објект кој беше изграден во далечната 1964 години е срушен и на негово место локалната самоуправа гради нова детска градинка на површина од 1800 м2. Новиот објект ќе има 3 влеза, 7 занимални со 7 спални соби, 2 занимални со заеднички спални соби и една просторија за јасли. Покрај тоа, во новата градинка ќе има и посебна просторија за изолација и медицинска сестра како и млечна кујна. Новиот објект ќе ги исполнува сите услови за згрижување на 200 деца“, вели Костовски.
Тој додава дека изградбата на новата детска градинка е најголема инвестиција во населеното место Бутел 2.

