Македонија
Османи од Советот за безбедност во Њујорк: Итно да се воспостави мир во регионот на ОБСЕ
Повик за акција и итно воспоставување на мирот во регионот на ОБСЕ, упати денеска Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи кон светските лидери присутни на денешниот состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации во Њујорк.
Претседавањето со Советот за безбедност на ОН од овој месец е во рацете на Швајцарија, која го покани Османи да ги презентира приоритетите на Претседателството на Северна Македонија со ОБСЕ и соработката помеѓу ОБСЕ и ОН.
Ставајќи акцент на 30-годишнината од партнерството помеѓу ОБСЕ и ОН, особено во областите на спречување конфликти и управување со кризи, Османи повика на синергијата за постигнување мир за сегашните и идните генерации.
„Како што безбедносните предизвици продолжуваат да се развиваат, природата на соработката на ОБСЕ со ОН исто така мора да се развива, но и да станува попрагматична и ориентирана кон акција. Силните партнерства и заедничките стратегии се единствениот начин за ефикасно справување со сè покомплексните безбедносни предизвици, особено во време на војна, економски тешкотии и кризи“, истакна Османи во своето обраќање пред Советот за безбедност.
Политичката визија на нашето Претседавање е во мотото „За луѓето се работи“ преку кое сакаме да потенцираме дека безбедноста на луѓето е наш врвен приоритет. Која е целта на нашите политички дејствија, на национално и на меѓународно ниво, ако останеме неми пред страдањата на луѓето, праша Османи.
„Како лидери, имаме одговорност да им служиме на луѓето, да ги заштитиме и да се погрижиме нивниот глас да биде слушнат. Светот се соочува со невидени предизвици за кои цената ја плаќаат токму луѓето. Време е да преземеме решителна акција. Не можеме да си дозволиме да чекаме повеќе, додека страдањето на луѓето продолжува“, рече Османи.
Во таа насока, од пред Советот за безбедност, Османи уште еднаш ја повика Русија да ги повлече своите трупи од суверената територија на Украина и да стави крај на страдањето на луѓето.
Во своето обраќање тој ги претстави и неговите досегашните активности во рамки на Претседателството, осврнувајќи се на посетата на неколку клучни ОБСЕ региони како Украина, Молдавија и Јужен Кавказ, но и на посветеноста за зачувување на стабилноста и одржувањето на мирот во нив. Османи ја најави и својата претстојна посета во својство на Претседавач со ОБСЕ и на земјите од регионот на Западен Балкан.
„Останатите приоритети кои се вградени во нашата програма за Претседавањето во 2023 година во голема мера ќе зависат од безбедносните случувања. И покрај сите тешкотии, ќе продолжиме да ја промовираме безбедноста на луѓето преку поддршка на одржлив економски раст, основните човекови права, толеранција и недискриминација како предуслови за сеопфатна безбедност“, рече Османи пред светските лидери и повика ОБСЕ и ОН да го покажат на дело целиот свој потенцијал и да не дозволат заедничките принципи и заложби да бидат само празни фрази.
Токму соработката помеѓу ОБСЕ и ОН во годините што изминаа, покажува дека преку заедништво може да се постигнат резултати, рече Османи.
„Искуството од минатото и научените лекции ни даваат соодветни насоки за иднината. Свесен сум дека новите предизвици може да бараат прилагоден и нов пристап, но во секој случај, партнерството на ОБСЕ со ОН е и ќе остане од витално значење. Мораме да ги зголемиме напорите за заеднички да го одржиме мултилатерализмот, особено во однос на сеопфатната безбедност“, рече Османи.
Османи се осврна и на искуството на Северна Македонија како пример за придобивките што земјите ги имаат од двете организации ОБСЕ и ОН.
„Оваа година одбележуваме три јубилеи. Имено, како Претседавач со ОБСЕ чест ми е да ја истакнам 30-годишнината од соработката помеѓу ОБСЕ и ОН, понатаму кон крајот на оваа година Северна Македонија ќе биде домаќин на 30-от Совет на министри на ОБСЕ и одбележуваме 30-годишнина од членството на нашата земја во ОН. Овие три јубилеи се симболични знаци на нашата посветеност на мултилатералната соработка и признание за искуството што го стекнавме, особено на полето на решавање спорови и на прашањата за културните и етничките идентитетски разлики“, рече Османи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

