Македонија
Брзата помош не доаѓа во Шутка, Поликлиниката нема специјалисти, жителите револтирани
Ромите и граѓаните од Шуто Оризари бараат функционална политика, реагираат ромските невладини организации.
„Во Законот за здравствената заштита јасно е наведено дека во една поликлиника потребно е да се обезбеди здравствена дејност на две или повеќе ординации од специјалистичко-консултативната дејност и соодветна дијагностичко-лабораториска, односно заботехничко-лабораториска дејност и радиодијагностичка дејност. Меѓутоа ниту една од овие здравствени дејности не се обезбедува во Поликлиниката во Шуто Оризари, што не е случај со поликлиниките во другите општини во Скопје“, изјави Борјан Павловски од здружението ЕСЕ.
Ромите и граѓаните од Шуто Оризари, се додава во реакцијата, се соочуваат со сериозни проблеми во пристапот до основните здравствени услуги од примарната и секундарната здравствена заштита. Според изнесеното во соопштението, кај дури 35 % од Ромите од Шуто Оризари, кои повикале итна медицинска помош, таа не дошла, а кај 40 % пристигнала во временски период подолг од 30 минути. Во Шуто Оризари нема доволен број матични лекари, имено има 3.675 жители на 1 матичен доктор, а во уредбата за мрежата на здравствени установи предвидено е да има 1000 жители на еден матичен лекар.
„Недостигот на матични лекари сериозно се рефлектира врз здравјето на целата заедница. Но, стравот е уште поголем поради тоа што и сегашните матични лекари се веќе пред пензионирање или, пак, некои од нив го продолжија работниот век со цел да не се остават дополнителни три илјади граѓани без матичен лекар“, изјави Фадил Џемаил од ИРИЗ.
Во општината, додаваат упатените, нема ниту еден доктор специјалист, кој има договор со Фондот за здравствено осигурување, а нема ниту ренгден-апарат. За сите овие здравствени услуги луѓето од Шуто Оризари треба да патуваат во другите скопски општини, што претставува дополнителна пречка за сиромашното население. Поради недоволниот број патронажни сестри во општината, само 23 % од жените Ромки биле посетени од патронажна сестра при последната бременост, а само 18 % од мајките и новороденчињата биле посетени од страна на патронажна сестра.
„Граѓаните ни кажуваат дека патронажните сестри веќе подолг период не се присутни на терен во Шуто Оризари“, изјави Мерлина Мифтарова од „Романо Чачипе“. „Секојпат кога ќе им се јавиме на патронажните сестри да ги прашаме зошто не ги посетуваат мајките и децата, ни кажуваат дека тоа е поради тоа што не се во доволен број, а имаат голем реон за посета“, изјави Фадил Џемаил од ИРИЗ.
Дежурната служба во Поликлиниката, како што се додава, воопшто не е опремена со медицинска опрема, материјали, ниту со лекови.
„Лекарите во дежурната служба многу често пациентите ги препраќаат по болниците. Освен стетоскоп и неколку инјекции, друго немаат. На прашањето зошто немаат, одговараат дека Здравствениот дом е одговорен и дека стетоскопите и друг материјал си носат од нивните ординации. Бројот на дежурни лекари што ротираат се намалува, а се случува некои викенди да нема дежурен лекар“, изјави Фадил Џемаил од ИРИЗ. „Поради сето ова, дежурната служба е речиси невидлива и нефункционална и граѓаните честопати немаат можност да добијат лекарски третман во ноќните часови“, се надоврза со изјава Мерлина Мифтарова од „Романо Чачипе“.
„Поради сите овие причини, граѓанските организации – Здружението за развој и унапредување на ромската заедница „Романо Чачипе“; Иницијативата за развој и инклузија на заедниците – ИРИЗ; и Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ, почнуваат со спроведување петиција со наслов „Бараме функционална поликлиника во Шуто Оризари! – Ромите и сите граѓани од Шуто Оризари повеќе нема да молат за своето здравје“!, која ќе биде потпишувана на терен од самите граѓани, како и во форма на онлајн-петиција.
Преку петицијата граѓаните бараат од надлежните институции во Поликлиниката во Шуто Оризари да обезбедат: 1. Пункт за итна медицинска помош; 2. Дополнителни две опремени ординации за работа на матични лекари; 3. Специјалистичко-консултативна здравствена заштита од најмалку четири специјалности: интерна медицина, дерматовенерологија, неврологија и ортопедија; 4. Радиодијагностичка дејност (рендген-дијагностика); 5. зголемен број патронажни сестри; 5. Опремена дежурна служба“, се истакнува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
,,Реформска агенда и европски пат“: Владата го презентираше напредокот пред ЕУ амбасадорите
Во рамки на брифингот посветен на следењето на напредокот во спроведувањето на Реформската агенда, што се одржа во Владата, а на кој присуствуваа членовите на Владата, амбасадорите на Европската Унија и претставници на меѓународната заедница, беше направен детален осврт на досегашните резултати и идните приоритети во клучните реформски области.
На настанот, свое обраќање имаше и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, која се осврна на активностите и резултатите на Министерството во делот на праведната транзиција, пазарната интеграција и унапредувањето на енергетската политика во согласност со европските стандарди.
Министерката информираше дека управувачките структури предвидени со Патоказот за праведна транзиција се целосно функционални и дека е успешно усвоен Годишниот план за имплементација за 2026 година, усогласен со стратешките документи и инвестициските приоритети на Владата.
Посебен акцент беше ставен на донесувањето на новиот Закон за енергетика, со кој државата направи значаен исчекор кон целосна усогласеност со Пакетот за интеграција на електричната енергија на Енергетската заедница, како и на напредокот во подготовката на подзаконските акти од страна на АД МЕПСО.
Во своето обраќање, министерката ја истакна и институционалната подготвеност на операторите за практична имплементација на европските пазарни механизми, како и меѓународното признание преку членството во Italian Working Border Table.
Во делот на социјалната димензија, беше потенцирано дека Министерството активно спроведува мерки за заштита на ранливите потрошувачи, со донесена методологија за мерење на енергетската сиромаштија и обезбедена поддршка за илјадници домаќинства.
Дополнително, министерката информираше за усвојувањето на Тригодишниот план за реновирање на објектите на централната Влада. Постигнатите резултати, како што беше истакнато, претставуваат јасна потврда за посветеноста на институциите кон успешна енергетска транзиција, пазарна интеграција и одржлив развој, во интерес на граѓаните и економијата.
Како што најави премиерот Христијан Мицкоски, редовно ќе се одржуваат циклус на средби, односно брифинзи со претставници на земјите членки на Европската унија, кои што се резидентни во нашата земја, се со цел да се информираат меѓународните претставници во однос на реализираните чекори на Реформската агенда.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ќе продолжи со одговорно и транспарентно спроведување на реформите, во тесна соработка со Владата, институциите и меѓународните партнери, со цел обезбедување сигурен, модерен и праведен енергетски систем, додаваат од таму.
Македонија
Минчев: Законот за општа управна постапка е еден од најзначајните системски закони во македонската легислатива
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денеска се обрати на промоцијата на публикацијата „Коментар на Законот за општата управна постапка“, која претставува значајно стручно дело од областа на управното право и практичната примена на Законот за општата управна постапка (ЗОУП).
Во своето обраќање, министерот Минчев истакна дека ЗОУП е еден од најзначајните системски закони во македонската легислатива, бидејќи ги уредува односите меѓу граѓаните и јавната администрација во сите фази од животот, како и работата на сите државни органи и институции со јавни овластувања.
„Коментарот на Законот за општата управна постапка претставува неопходна практична алатка за службениците во јавната администрација, која придонесува кон законита, стручна и предвидлива примена на законот и ја зајакнува правната сигурност на граѓаните“ истакна министерот Минчев.
Тој ја нагласи и посебната вредност на публикацијата, која е резултат на заедничка работа на еминентни теоретичари и практичари од областа на управното право, и упати честитки до авторите и издавачот за вложениот труд и професионалност.
Министерството за јавна администрација ја поддржува и ја препорачува публикацијата за широка употреба во јавната администрација, како значаен придонес кон унапредување на квалитетот на управните постапки и услугите кон граѓаните, велат од таму.
Македонија
Љутков на Меѓународниот саем за туризам ЕМИТТ во Истанбул
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, и националниот координатор за туризам, Аккан Махмут, присуствуваа на свеченото отворање на 29-тото издание на Меѓународниот саем за туризам ЕМИТТ, кој од 5 до 7 февруари се одржува во Истанбул, Република Турција.
Во рамките на саемот, Љутков оствари средба со претседателот на Турската асоцијација на туристички агенции (ТУРСАБ), Фируз Багликаја, на која се разговараше за унапредување на туристичката соработка, развој на заеднички туристички производи и културни рути, како и промоција на културниот и креативниот туризам меѓу Македонија и Турција. Инаку, досегашната континуирана соработка со ТУРСАБ е насочена кон промоција на нашата земја како туристичка дестинација и развој на туристички бизнис-релации.
Турција е еден од најзначајните туристички пазари за нашата земја, со над 500 илјади остварени ноќевања минатата година од туристичките посети. Македонската туристичка понуда веќе 15 години континуирано е претставена на Саемот за туризам во Истанбул, кој е една од највлијателните туристички изложби во регионот и пошироко. Секоја година обединува околу 30 000 туристички професионалци и љубители на патувањата, и е платформа за промоција на дестинации, туристички производи и нови можности за соработка.
Оваа година, Саемот се одржува во „Експо-центар Истанбул“ (IFM), со учество на над 656 изложувачи од 109 земји и присуство на околу 660 туроператори, што дополнително го потврдува неговото значење како клучен меѓународен настан за развој на туристичката индустрија.

