Македонија
(Видео) Стоилковски: Ковачевски да прифати ТВ-дебата за да го објасни штетниот договор за коридорите
Димитар Ковачевски мора да ја прифати понудата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за ТВ-дуел посветен на договорот за коридорите, истакна на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
„Народот се ужасува од фактот дека се крие договор, кој само за два месеца ги чини 300 милиони евра, а лопата не е фрлена! Народот, чии пари се фрлаат, мора да ги знае фактите, толкав договор не смее да се скрие! Договорот со толку штетни клаузули не може да остане скриен од народот! Димитар Ковачевски мора да престане да бега и мора да се соочи со фактите, јавно на ТВ-дуел, вели тој.
Ковачевски, како што додава, мора да го прифати повикот за јавен ТВ-дуел од Христијан Мицкоски на која било телевизија што тој ќе ја избере!
„Јавна покана за ТВ-соочување за македонските граѓани да ги видат фактите за договорот за дел од коридорите 8 и 10 д, да видат граѓаните како се трошат народните пари, а штом од Ковачевски доаѓаат фалби за него дека тој договор е добар, нема потреба Ковачевски да бега. Нека излезе Ковачевски пред јавноста да дебатира и да образложи како и зошто е постигнат таков штетен договор за изградба на коридорите? Зошто Македонија е ставена во подредена позиција да плаќа пенали и стотици милиони евра за непочнати автопати? Да каже зошто бил склучен штетен договор на непостојни закони, кои предизвикуваат штета на државата и на буџетот, кој се полни од македонските даночни обврзници?“, прашува Стоилковски.
Според него, Ковачевски треба да излезе на дуел и да каже, па народот сам нека процени кој е крадецот, а кој е кочничарот, односно дали се работи за историски проект или историска пљачка. Ако сè е чесно, нека не се крие.
„Ако има трошка доблест, не смее да го одбие повикот за дебата посветена само на договорот. Не за дебаклите во другите области, ако Ковачевски сака да бега од нив. Ако Ковачевски одбие, тоа ќе биде уште еден кукавички чин на човек фатен во злодело! Одбивањето дуел ќе значи и признание дека договорот е дотолку лош што Ковачевски не може да го одбрани. Одбивањето дуел ќе значи и признание дека е направена огромна, огромна пљачка на народот“, истакнува портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

