Свет
(Видео) НАТО верува дека Русија веќе минирала подводни цевки и кабли во Европа
Лидерите од НАТО веруваат дека е очигледно зошто Русија покажува толку голем интерес за подморската инфраструктура на европските нации и изрази сомнеж дека некои подводни кабли и цевките се можеби веќе минирани, пренесува „Брејтбарт“ цитирајќи истражување на скандинавските радиодифузери.
Во извештајот се цитираат воени инсајдери и тековната голема истрага на руската поморска активност и се посочува можноста дека руските сили ја саботираат европската критична инфраструктура.
Како што беше претходно објавено, руските поморски средства, кои често се навидум цивилни бродови со нормални, цивилни активности, се забележани како опсесивно пловат околу критичната инфраструктура.
Се вели дека предмет на интерес на овие бродови е суштинската опрема за одржување на модерниот свет вклучувајќи ги тука високонапонските кабли за пренос на електрична енергија, гасоводите и нафтоводите, како и каблите за интернет-податоци, кои се протегаат по дното на морето.
Извештај на „Тајмс“ тврди дека лидерите на НАТО веруваат оти овие експедиции отишле подалеку од обичното извидување и ја минирале оваа инфраструктура за да експлодира по команда, можност што би претставувала џокер во ракавот на Москва во случај Западот подиректно да се вклучи во руската војна во Украина.
„Од каде овој руски фокус на подморската офшор-инфраструктура? Одговорот е очигледен. Ако Русија нападне една од нашите централи на копно, тоа ќе значи војна. Ако може да саботираат некои од нашите подводни цевководи или кабли, тогаш – погледнете го ‘Северен тек’, сè уште не знаеме кој го стори тоа – може да го негираат евентуалниот напад“, вели неименуван офицер на НАТО цитиран во извештајот.
Во однос на саботажата на „Северен тек 2“, скандинавскиот извештај посочува дека неколку дена пред експлозијата минатата година, која го прекина протокот на нафта низ нафтоводот, во областа на експлозијата пловеле повеќе руски бродови, меѓу кои и еден способен за пуштање и враќање подморници.
Во однос на ранливоста на другите гасоводи и инфраструктура на руски напади, офицерот на НАТО истакна:
„Некаде во Москва има луѓе што седат и размислуваат за најдобрите начини да ги разнесат нашите цевководи или да ги исечат каблите. Нашата работа е да го направиме тоа скап и залуден потфат. Барем да направиме да не може да негираат затоа што тогаш тоа е чин на војна“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Грчките земјоделците го завршија протестот во Атина
Со сирени и свирење, исто како што и пристигнаа, тракторите на грчките земјоделци претпладнево си заминаа од Атина, откако во текот на ноќта останаа паркирани пред грчкиот Парламент. Околу 50 трактори вчера пристигнаа во Атина, поминаа низ низа централни улици, каде што беа пречекани и поздравени од граѓаните и случајните минувачи, а на ист начин си заминаа денеска.
Во текот на вечерта тракторите останаа паркирани на плоштадот Синтагма пред Парламентот, откако претходно, протестот заврши мирно, а свои обраќања имаа земјоделци од различни делови на земјата, пренесувајќи ги нивните ставови и барања поврзани со примарниот сектор.
Свет
(Видео) Хаос во авион, тепачка и расистички испади принудија итно слетување
Драматични сцени се одвивале во авион на авиокомпанијата „Jet2“, откако избувнала тепачка за време на летот од Анталија кон Манчестер. Поради инцидентот, авионот бил принуден итно да слета во Брисел.
Од компанијата соопштија дека летот „LS896“ бил пренасочен поради „апсолутно неприфатливо однесување на двајца патници“, кои подоцна биле симнати од авионот од страна на белгиската полиција. По интервенцијата, летот продолжил кон крајната дестинација и слетал во Манчестер околу 22 часот.
Според сведоштво на патник кој бил присутен во авионот, инцидентот започнал кога маж, кој наводно консумирал алкохол, почнал да извикува расистички навреди кон патници со пакистанско потекло.
– Иако пиеше алкохол, беше целосно свесен што зборува и што прави – изјавил сведокот, додавајќи дека ситуацијата дополнително ескалирала кога патникот не успеал да купи цигари за време на летот.
По тоа, тој станал агресивен и кон членовите на екипажот, а тензијата кулминирала со физичка пресметка во авионот.
Во еден момент ситуацијата стана многу физичка. Луѓето беа вознемирени и исплашени. Атмосферата беше хаотична – раскажал сведокот.
По принудното слетување во Брисел, двајцата патници биле приведени и симнати од летот. Од „Jet2“ потврдија дека тие се ставени на трајна „црна листа“ и повеќе нема да можат да летаат со оваа авиокомпанија.
– Како семејно ориентирана авиокомпанија имаме политика на нулта толеранција кон вакво однесување. Ќе ги преземеме сите правни чекори за да ги надоместиме трошоците што настанаа поради пренасочувањето на летот – соопшти портпаролот на компанијата.
Сведокот оценил дека инцидентот е потсетник дека „расизмот сè уште постои и нема место во општеството“.
‘FLIGHT’ CLUB: A Jet2 flight from Turkey to the U.K. was diverted to Belgium after a violent altercation broke out between passengers.
Jet2 says two passengers have been banned from flying with them, according to a report. pic.twitter.com/26FRuGhMOK
— Fox News (@FoxNews) February 14, 2026
Свет
Ден на жалост во Сараево по трагичната трамвајска несреќа
Ден на жалост во Сараево по трамвајска несреќа е прогласен од Владата на Кантонот Сараево откако трамвај излета од шините во централното градско подрачје, при што едно лице го загуби животот, а повеќе лица беа повредени, соопштија надлежните институции по одржаната вонредна седница.
Одлуката следуваше по силните реакции во јавноста и барањата трагедијата да биде официјално одбележана. Во несреќата животот го загуби 23-годишен студент кој се наоѓал на трамвајска постојка во моментот на инцидентот. Дел од повредените се задржани на болничко лекување, а за една малолетна девојка се наведува дека се здобила со тешки телесни повреди.
Надлежните органи отворија истрага за да се утврдат причините и околностите под кои дошло до излетувањето на трамвајот. Институциите најавија дека по завршувањето на постапката ќе бидат соопштени дополнителни информации.
Со одлуката за Ден на жалост се предвидува знамињата да бидат спуштени на половина копје и да се откажат или одложат јавните настани на територијата на кантонот.

