Спорт
Струга првпат во историјата стана македонски шампион
ФК Струга првпат во својата кратка историја стана шампион на Македонија на две кола пред крајот на шампионатот во Првата лига, откако покрај 2:0 победата над Силекс им одговараше и 2:1 победата на досегашниот шампион Шкупи над Шкендија во дербито, со што направи предност од седум поени на врвот на табелата на само две кола пред крајот на шампионатот.
Со ова стружани ја потврдија својата фантастична сезона, во која го зазедоа врвот на табелата уште од самиот почеток на шампионатот и до крајот не дозволија да потфрлат, дури и со промената на тренерот Срѓан Захариевски и пристигнувањето на Шпетим Дуро.
По повеќе шанси во првото полувреме, ветеранот Бесарт Ибраими им донесе водство на домаќините во 43. минута, за во второто полувреме да додадат уште два гола во мрежата на кратовчани – капитенот Бунјамин Шабани во 46. минута зголеми на 2:0 со гол од пенал, за во 77. минута да стрела повторно за убедлива победа за титула на клубот кој е формиран само пред осум години, поточно во 2015 година.
На „Чаир“, пак, Шкендија прва дојде во водство со одличниот гол на Ералдо Чинари во 17. минута, но Шкупи успеа бргу да израмни преку Сандеј Адетунџи во 28. минута. Дарко Илиески во 77. минута осигура трите поени и второто место да останат во Скопје.
Во преостанатите три меча од 31. коло не недостасуваа голови – Македонија Ѓорче Петров со 7:0 го декласираше новиот второлигаш Победа, Тиквеш приреди изненадување со 4:1 победа на гости кај Академија Пандев, додека во драматичен меч во Скопје, Работнички со 5:4 ја совлада Брегалница.
ПРВА ЛИГА, 31.КОЛО
Академија Пандев – Тиквеш 1:4
Македонија Ѓорче Петров – Победа 7:0
Работнички – Брегалница 5:4
Шкупи – Шкендија 2:1
Струга – Силекс 3:0
Фото: ФК Струга
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
(Видео) Лејкерси во луд меч славеа над Сан Антонио, Портланд прв ја победи Оклахома
Фуриозниот финиш на ЛА Лејкерс против Сан Антонио Спарс и првиот пораз на Оклахома сити Тандер, покрај феноменалната партија на Никола Јокиќ против Мајами Хит, ги обележаа натпреварите во НБА лигата одиграни изминатата ноќ.
ЛА Лејкерс без Леброн Џејмс и Остин Ривс, славеа во трилер завршница против Сан Антонио со 118:116.
Лејкерси ја остварија својата петта последователна победа и покрај тоа што на седум минути пред крајот губеа со 106:97, но со серија од 21:10, остварија пресврт и победа за скок на второто место во Западната конференција со резултат од 7-2.
Најдобар играч на натпреварот беше Лука Дончиќ со 35 поени, 13 скока, 9 асистенции и 5 украдени топки. Дончиќ, поддршка доби од Деандре Ајтон со 22 поени и 10 асистенции.
Францускиот центар Виктор Вембањама постигна најмногу за гостите, го заврши натпреварот со 19 поени, 8 скока и 3 асистенции. Спарси се петти на Западот со резултат од 5-2.
Во исто време, во Орегон, Портланд ѝ го нанесе првиот пораз на Оклахома оваа сезона (121:119) благодарение на феноменалната игра на Дени Авдија, кој го заврши натпреварот со 26 поени, 10 скока и девет асистенции.
Треилблејзерс направија вистински подвиг против Тандер, бидејќи успеаја да се вратат и победата откако имаа минус од 22 поени. Точка на големата победа стави Џру Холидеј од линијата за слободни фрлања на шест секунди до крајот.
Гостите играа значително ослабени, ги немаше Холмгрен, Дорт и Карузо, кои овој пат одмараа, Шеј Гилџис-Александар блескаше со 35 поени, а Арон Вилијамс уфрли 27 поени.
Од другата страна, Авдија имаше најсилна напаѓачка поддршка во Холидеј (22 поени) и Џереми Грант (20 поени).
Спорт
Слукас: Срам ми е како одигравме
Капитенот на Панатинаикос, Костас Слукас, по тешкиот пораз од Црвена звезда во Белград (86:68) изјави дека се срами од играта на неговиот тим во белградска Арена.
Црвено-белите од Белград им одржаа час по кошарка на Атињаните во спектакуларен амбиент и ги победија во натпревар кој беше „еднонасочна улица“ од самиот почеток.
Недолго по натпреварот, Слукас ги сподели своите впечатоци од натпреварот со грчките медиуми.
„Бевме лоши. Во тешка ситуација сме. Не е лесно во модерната кошарка да се игра без висок играч во вакви натпревари и против вакви противници. Повторно, не успеавме, нашата игра во овој и претходниот натпревар, особено во третата четвртина, беше многу лоша. Во првото полувреме промашувавме и примавме лесни кошеви. Се наоѓаме во лош период од кој мора да излеземе силни. Навистина се срамам како одигравме. Затоа во последните десет минути дадов сè од себе, се обидов сè да го намалам резултатот. Се срамам како капитен поради нашата слика и ветувам дека ќе бидеме подобри“.
Инаку, Слукас беше најефикасен кај ПАО со 16 поени, 10 од нив постигна во последната четвртина. ПАо по девет рунди во Евролигата има скор од пет победи и четири порази.
Спорт
(Видео) Брутален трип-дабл на Јокиќ, Денвер го победи Мајами
Никола Јокиќ го забележа својот петти трипл-дабл оваа сезона со 33 поени, 16 асистенции и 15 скока, предводејќи ги Денвер Нагетс до победа од 122:112 над Мајами Хит.
Јокиќ шутираше 12 од 18 од поле, а го комплетираше трипл-даблот со офанзивен скок на шест минути и 36 секунди пред крајот на третата четвртина.
Ова е веќе неговиот трет трипл-дабл во три четвртини од оваа сезона, и 71-ви таков во неговата кариера.
Ова е седми пат Јокиќ да има натпревар со најмалку 30 поени со по 15 скока и асистенции.
Од 1980 година, сите други играчи имаат забележано вкупно седум вакви натпревари,
И ако на оваа статистика се додаде 75% шут од поле, тогаш Јокиќ има три такви натпревари во својата кариера, а сите други играчи во историјата имаат два.
„Уживајте во ова додека трае… ова е нешто што никогаш повеќе нема да го видите“, го опиша тренерот на Денвер, Дејвид Аделман, настапот на Јокиќ.
Ова беше 11-та победа по ред на Денвер над Мајами во регуларната сезона.
Арон Гордон додаде 24 поени за Нагетс, кои остануваат непоразени дома оваа сезона (4-0).
Одлична поддршка од клупата даде Тим Хардавеј со 18 поени, погодувајќи четири тројки.
Денвер имаше водство од 17 поени пред финалниот дел, но Мајами успеа да ја намали разликата на осум поени на 43 секунди до крајот.
Џамал Мареј (14п, 8ск) потоа ги погоди двата слободни фрлања за да ја запечати победата.
Мајами нема победа во Денвер во текот на регуларната сезона од 30 ноември 2016 година.
Норман Пауел беше најефикасен за Мајами со 23 поени, Ендру Вигинс додаде 22, а Хаиме Хакес 21.
Бем Адебајо го напушти натпреварот по првата четвртина поради повреда на левото стапало, а повеќе информации за неговата состојба се очекуваат во четврток.

