Македонија
Задолжителен тест на дрога на средношколци и деветтоодделенци предложен за поголема безбедност во училиштата
Задолжителен тест на дрога кај средношколците и кај учениците од деветто одделение, контрола на оружјето што го имаат граѓаните, анализа на казните за извршителите на насилство и контрола на интернет-провајдерите се меѓу мерките што денес ги претстави професорот Марјан Ѓуровски како дел од предлозите за зголемување на безбедноста во училиштата. Тој заедно со тим професори од Филозофскиот факултет го спроведува научноистражувачкиот проект „Безбедноста во училиштата – градење механизми на превенција од ризици и рано предупредување“, со кој, како што нагласи, Универзитетот „Кирил и Методиј“ ја става во прилог на праксата за градење механизми за рано предупредување за насилство, особено по убиствата во Србија.
„Предлагаме да се размисли за воведување задолжителен тест кај учениците од средно образование и кај учениците од деветто одделение на дрога и наркотични средства, и тоа еднаш-двапати во текот на училишната година. Сакаме да им предложиме на институциите серија мерки не само за Министерството за образование и наука туку и, за пример, од Министерството за внатрешни работи. Дополнително, треба да се ангажира Министерството за внатрешни работи да направи контрола на лесното и мало оружје што го поседуваат граѓаните. Сега е моментот кога се врши пререгистрација на дозволите на граѓаните и мора да се зајакнат контролата на начинот на чување на оружјето и почитувањето на регулативата кај стрелиштата. Потребна е и посебна регулатива за тоа кој може да поседува лесно и мало оружје, но и начинот како тие ќе се користат. Предлагаме Министерството за правда да направи анализа на казнената регулатива во делот на политиката за извршителите на насилство, но и во делот на казнената регулатива на оние што не постапуваат во однос на одговорностите што ги имаат за справување со безбедноста“, рече Ѓуровски.
Тој најави дека со интердисциплинарниот пристап на проблемот ќе бидат направени прирачници, но и механизми, а еден од предлозите е и да се дојде до национална платформа за безбедносна култура, превенција и рано предупредување за сите видови насилство кај децата и младите.
Ѓуровски вели во соработка со Бирото за развој на образованието има предлог да се разгледа можноста за развој на предметна програма од областа на безбедносната култура во основното, средното и во високото образование, каде што би било и справувањето со природните катастрофи, со сајбер-безбедноста, но и со насилството.
Министерот за образование, пак, Јетон Шаќири, рече дека во фаза на изработка се правилници, протоколи и платформа, но првите препораки до сите училишта ќе бидат доставени до крајот на неделава за превенирање и постапување во случај на насилство, а ќе се разгледа можноста за начинот на ограничување на социјалните мрежи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) ДИК: Излезноста до 9 часот во четирите општини е 1,12 отсто
Државната изборна комисија на својата веб-страница објави дека до 9:00 часот утринава, излезноста на гласачите во четирите општини каде што се одржуваат повторени избори за градоначалник е 1,12%.
По општини:
– Врапчиште – 1%
– Гостивар – 0,93%
– Маврово–Ростуше – 2,89%
– Центар Жупа – 0,75%
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, на прес-конференција кажа дека на избирачките места кои се отворени навреме, гласањето тече непречено, без поголеми тешкотии. Поради временските прилики со задоцнување се отворени неколку избирачки места, а едно избирачкото место во Ќафа не е воопшто отворено.
Денеска се гласа на вкупно 215 избирачки места, а право на глас имаат 128.286 избирачи.
Македонија
(Видео) Успешно спасени двајца вработени во мобилен оператор заглавени во снег кај Лазарополе
Двајца вработени во мобилниот оператор А1 синоќа беа заглавени во снег кај село Лазарополе, во близина на базната станица на операторот, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Случајот бил пријавен во 23:30 часот, откако со лицата не можело да се воспостави контакт поради отсуство на мобилна мрежа. Веднаш по пријавата, во акцијата биле ангажирани припадници на Одделот за специјални полициски операции, Одделот за униформирана полиција, како и на Дирекцијата за заштита и спасување.
Со две теренски возила, опремени со санки за снег и спасувачка опрема, екипите се упатиле кон местото на настанот.
„Денеска (11.01.) во 08:30 часот, лицата биле пронајдени и успешно извлечени во добра здравствена состојба. Станува збор за лицата Г.Н. (47) и М.М. (37), двајцата од Скопје, кои се движеле со теренско возило марка „VW Amarok“ со скопски регистерски ознаки.
Тие биле пронајдени на локација позната како „Коритник“, во близина на предавателот на мрежата на А1, на атарот на село Лазарополе“, стои во објавата на МВР.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.

