Македонија
Петровска на одбележувањето на денот на Дирекцијата за заштита и спасување: Вие сте дел од системот кој обезбедува сигурност за граѓаните
Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, денеска, во касарната „Гоце Делчев“ се обрати на свеченото одбележување на 18-годишнината од формирањето на Дирекцијата за заштита и спасување за која порача дека е дел од системот чиј императив е ефикасна и економична цивилна заштита, која гарантира сигурност за граѓаните.
„Вие ги градите оперативните капацитети за справување со заканите и опасностите што произлегуваат од природните непогоди, но и другите видови несреќи и затоа вие сте составен дел од системот кој мора континуирано и да се развива, модернизира и опремува. Знам дека тоа се приоритети и на раководството на Дирекцијата за заштита и спасување“, рече Петровска.
За вработените во Дирекцијата, кои секојдневно се на терен во поддршка и помош на граѓаните, Петровска истакна дека тоа се вистински професионалци со долгогодишно искуство, кое го пренесуваат и на следните генерации што ја носат одговорноста за функционалноста на оваа значајна институција.
„Токму вашата професионалност и вештини можевме да ги видиме кога вие заедно со армиските и полициските припадници се боревте со огнените стихии што ја зафатија нашата земја во 2021 година, но се борите со пожарите во земјата речиси секоја година во летниот период, со големите поплави, со ковид-пандемијата, а својата одлучност и посветеност ја покажавте и неодамна во Турција кога несебично помагавте во спасување и извлекување колку што е можно повеќе лица, кои, за жал, беа затрупани под урнатините од разорните земјотреси што ја зафатија оваа наша пријателска и сојузничка земја“, истакна таа.
Се осврна и на работата на мултисекторскиот поткомитет, кој е во фаза на финализирање на предлогот за реформа на системот за цивилна заштита, со кој треба да се обезбеди уште поголема ефикасност на овој систем.
Петровска на вработените во Дирекцијата им порача дека одбраната и Армијата се секогаш подготвени да им помогнат и со искуство и знаење и во процесот на обука и развојот на интероперабилноста, која е исклучително важна и помеѓу домашните институции зашто нас нè поврзуваат многу заеднички активности, од кои најважни се заштитата, сигурноста и безбедноста на секој граѓанин.
„Остануваме подготвени секогаш да сме во ваша поддршка кога се борите за секој човечки живот, за секој дом, секое материјално и културно добро на нашата татковина“, заклучи Петровска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
РСБСП Апелира: Возете внимателно и одговорно во зимски услови!
Според прогнозите во наредните денови се најавени снежни врнежи и значителен пад на температурите, РСБСП потсетува на потребата од внимателно и одговорно управување со моторните возила, како и задолжително правилно користење на зимска опрема. Пред поаѓање на пат, неопходно е возилото соодветно да се подготви за управување во зимски услови.
„Направете проверка на возилото која вообичаено опфаќа: проверка антифриз, нивото на гориво, состојба на бришачите и течноста за ветробранското стакло, состојбата на акумулаторот и состојбата и притисокот на пневматиците“.
РСБСП апелира возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и поставената сообраќајна сигнализација, навреме да се информираат за состојбата на патиштата и нивната проодност, да ја прилагодат брзината на движење според условите и состојбата на патот, да одржуваат безбедно растојание меѓу возилата – со цел зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Истражувањата покажуваат дека неповолните временски услови бараат од возачот поголемо внимание за време на управување со возилото.
Затоа, РСБСП упатува јасен апел: Само со одговорно однесување во сообраќајот сите заедно можеме да придонесеме за побезбеден сообраќај на патиштата – секој живот е важен.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот дожд и снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во северозападните делови ќе има повремени врнежи од дожд, на планините од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -9 до -2, а максималната ќе достигне од 3 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 4 степени.
Времето во наредните денови
Во сабота ќе има локални врнежи, на планините и на повисоките места од снег, а во пониските од дожд и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови, а висината на снежната покривка дополнително ќе се зголеми.
Во недела и понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер (над 60 km/h) и ќе има повремени локални врнежи од снег. Температурата ќе биде во опаѓање, а наместа дневната ќе остане под нула степени. Од вторник следува период на стабилно и суво време.
Македонија
Делови од Центар и Зелениково денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради дефект на затварач од ф – 100 мм на ул. 5 бр. 47 во село Моране, во периодот од 08.30 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат дел од корисниците од село Моране, општина Зелениково.
Од ЈП Водовод и Канализација исто така информираат дека поради уличен дефект на ул. Васил Ѓорѓов б.б – пред ОУ Киро Глигоров, во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат корисниците од улиците Васил Ѓорѓов, Адам Мицкиевиќ, дел од корисниците од улиците Киро Глигоров и Козара, како и објектот на заводот за физикална медицина и рехабилитација, општина Центар.

