Регион
Хрватска меѓу рекордерите во ЕУ по протерување нелегални мигранти во 2022
Речиси 12.000 мигранти биле запрени на хрватските граници во 2022 година, а уште 40.000 мигранти, кои нелегално престојувале во Хрватска, морале да ја напуштат нејзината територија, покажуваат податоците на „Евростат“.
Минатата година Европската Унија им забрани влез на својата територија на 141.060 државјани на трети земји. Секој 12-ти од нив, односно 11.800, ја заработил забраната на хрватската граница со Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора, која е и надворешна граница на ЕУ.
Според овие податоци, минатата година Хрватска беше трета земја во ЕУ по бројот на издадени забрани за влез во ЕУ. Пред неа биле само Полска (23.330 забрани) и Унгарија (15.780 забрани).
Иако звучи чудно бидејќи ЕУ ширум ги отвори границите за милиони бегалци од Украина, токму украинските граѓани добиле најмногу забрани за влез во ЕУ лани.
Според Евростат, 28.890 иматели на украински пасоши биле спречени да влезат во ЕУ најмногу под изговор дека веќе престојувале во ЕУ три месеци, во период од шест месеци или со образложение дека немаат валидна дозвола за престој. Сепак, бројот на Украинци што лани биле спречени да влезат во ЕУ е намален 43 отсто во однос на 2021 година.
На второ место по бројот на забрани за влез во ЕУ се државјаните на Албанија, од кои 15.630 останале пред вратата на ЕУ во 2022 година, а на третото место се граѓаните на Русија (10.860).
Хрватска е меѓу членките на ЕУ, кои во текот на 2022 година откриле и протерале најмногу нелегални мигранти пронајдени на територијата на Унијата.
Имено, од 1,08 милион нелегални мигранти откриени во ЕУ, на 422.400 им било наредено да ја напуштат ЕУ, што е за речиси 25 отсто повеќе од 2021 година, а секој 10-ти од нив бил протеран од ЕУ токму во Хрватска.
Податоците на Евростат покажуваат дека хрватските власти протерале 40.550 нелегални мигранти во 2022. Повеќе нелегални мигранти се протерани само од Франција – 135.650, а по Хрватска, е Грција, чии власти протерале 33.500 нелегални мигранти откриени во таа земја.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Албанија на суд поради ВИ министерката: Актерка ја тужи владата за злоупотреба на нејзиниот лик
Албанската министерка – првиот виртуелен државен функционер во светот, би можела да остане без својот препознатлив лик, откако актерката врз чии карактеристики е создаден дигиталниот аватар поднесе тужба против Владата на Албанија.
Премиерот Еди Рама во август 2025 година најави можност за именување министер или премиер заснован на вештачка интелигенција, а веќе во септември беше претставена Диела – вештачка функционерка задолжена за борба против корупцијата во јавните набавки.
Диела претходно беше позната како чат-бот на државниот портал e-Albania, а нејзиниот дигитален лик и глас биле креирани според актерката Анила Биша, врз основа на договор кој истекол на 31 декември 2025 година. Откако Диела добила министерска функција, нејзиниот лик бил прикажан и во обраќање до парламентот што се пренесувало низ целиот свет.
Според локалните медиуми, Биша поднела тужба против Владата, премиерот, приватната компанија која учествувала во проектот и Националната агенција за информациско општество (AKSHI). Таа тврди дека владата продолжила да го користи нејзиниот лик и по истекот на договорот, и надвор од дозволената намена, која била ограничена само на платформата e-Albania.
Во судските документи, Биша бара итна забрана за натамошна употреба на нејзиниот лик додека трае судскиот процес, наведувајќи дека неовластеното користење ѝ нанело значителна и непоправлива штета.
Во претходен телевизиски настап, Биша изјавила дека за потребите на системот снимала обемни аудио и видео материјали за ограничен временски период и за симболичен надомест, но никогаш не дала согласност за други форми на користење.
Портпаролката на албанската влада, Мањола Хаса, изјави дека Албанија е демократска држава во која граѓаните имаат право да покренат судски постапки против институциите. Таа додаде дека владата смета дека тужбата е неоснована, но е подготвена спорот да се реши пред суд, пренесе „Политико“.
Регион
Јотова го назначи Ѓуров за технички премиер: Бугарија влегува во процес на формирање привремена влада
Претседателката на Бугарија, Илијана Јотова, ќе го задолжи кандидатот за вршител на должноста премиер Андреј Ѓуров да формира влада, соопшти прес-службата на шефот на државата.
Шефицата на државата го назначи заменик-гувернерот на Бугарската народна банка (БНБ) Андреј Ѓуров за вршител на должноста премиер. Денес во 10:00 часот, претседателката Јотова ќе го прими Ѓуров во Дондуков 2.
Според Законот на БНБ, доколку гувернерот или заменик-гувернерот изразиле експлицитна согласност да бидат назначени за вршител на должноста премиер, тој или таа треба да поднесе оставка.
„Фер избори може да се одржат кога привремената влада не се меша во политичката сцена, е доволно неутрална и работи само во рамките на овластувањата што ѝ се доделени со Уставот“, рече Андреј Ѓуров по разговорот со Илијана Јотова во јануари, пренесува „Офњуз.бг“.
Според Уставот на Бугарија, по консултации со пратеничките групи и по предлог на кандидатот за привремен премиер, претседателот назначува привремена влада и закажува избори во рок од два месеци.
Минатата недела, претседателката изјави дека таа и нејзиниот тим ќе сторат сè што е можно за да се одржат изборите на првиот датум по велигденските празници. Првата недела по Велигден е 19 април.
Регион
(Видео) Тепачка во турскиот парламент додека новиот министер за правда полагаше заклетва
Во турскиот парламент изби тепачка меѓу пратениците на владејачката АКП и опозициската ЦХП за време на полагањето заклетва на новиот министер за правда Акин Гурлек.
Инцидентот настанал кога опозициски пратеници се обиделе да го спречат Гурлек да се заколне, по што дошло до туркање и физичка пресметка. Седницата била прекината околу 15 минути.
Гурлек на крајот ја положил заклетвата, додека опозицијата фрлала копии од Уставот кон претседателот на парламентот.
ЦХП оцени дека неговото назначување е удар врз демократијата, додека АКП тврди дека постапката е во согласност со Уставот.

