Свет
Жена се изгубила во австралиска дивина, преживеала со шише вино

48-годишна жена од Австралија се изгубила во австралиската дивина и преживеала пет дена во непристапниот терен јадејќи слатки и пиејќи вино. Лилијан Ип во неделата отишла на кратко патување, а завршила во непристапен предел на сојузната држава Викторија. Откога погрешно свртела, наишла на ќор-сокак, а возилото ѝ се заглавило во калта.
Поминала пет ноќи заглавена во дивината, а во петокот била пронајдена од службите за итни случаи. Лилијан, која тврди дека вообичаено не пие, имала шише вино во автомобилот, што планирала да го подари.
„Првото нешто што ми падна на ум беше вода и цигари“, изјави таа за 9News Australia. „Мислев дека ќе умрам таму. Целото тело ми откажа во петокот“, рече таа.
Бидејќи изгубила надеж дека ќе биде пронајдена жива, напишала писмо до семејството во кое вели дека ги сака. Лилијан била пронајдена на 60-ина километри од најблискиот град, а бидејќи не можела да оди далеку поради здравствени проблеми, останала покрај својот автомобил, соопшти полицијата на Викторија.
Со себе имала само неколку грицки и слатки, заедно со шише вино, а била и без вода.
„Единствената течност што Лилијан ја имала со себе било шише вино што го купила како подарок за мајка си, но тоа ја спасило“, рече наредникот Мартин Торпеј од полициската станица Водонга. „Таа го следеше здравиот разум и тоа ѝ помогна да не залута во дивината, а тоа ѝ помогна и на полицијата да ја најде“.
На крајот, полицијата ја однела во болница, каде што била лекувана од дехидратација, но не се задржала долго и во меѓувреме се вратила дома во Мелбурн.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Стотици Американци го напуштија Иран, Стејт департментот предупредува на опасноста

Стотици американски граѓани го напуштија Иран по копно во текот на изминатата недела откако изби војната со Израел, пишува „Ројтерс“ повикувајќи се на извештај на Стејт департментот до кој имал увид.
Додека многумина заминале без проблем, бројни граѓани се соочиле со задоцнување и малтретирање при обидот да си заминат, се наведува. Неидентификувано семејство пријавило приведување на двајца американски државјани кои се обидувале да го напуштат Иран.
Интерната порака од 20 јуни го нагласува предизвикот со кој се соочува Вашингтон во обидот да ги заштити и да им помогне своите граѓани во земја со која нема дипломатски односи и во војна во која САД наскоро би можеле да се вклучат.
Стејт департментот не одговори веднаш на барањето за коментар.
Претседателот Доналд Трамп и Белата куќа во четвртокот соопштија дека во следните две недели ќе одлучат дали САД ќе се вклучат во израелско-иранската војна. Трамп го држеше светот во неизвесност за неговите планови, преминувајќи од предлагање брзо дипломатско решение до сугерирање дека Вашингтон може да се приклучи на борбата на страната на Израел.
Воздушната војна започна на 13 јуни кога Израел го нападна Иран. Израел е единствената земја на Блискиот Исток за која се верува дека има нуклеарно оружје и тврди дека со нападот на Иран го спречил Техеран да развие сопствено нуклеарно оружје. Иран, кој тврди дека неговата нуклеарна програма е мирна, возврати со свои напади врз Израел.
Американскиот Стејт департмент издаде предупредување за патување во петокот во кое ги повикува своите граѓани кои сакаат да го напуштат Иран да користат копнени рути преку Азербејџан, Ерменија или Турција. Иранскиот воздушен простор е затворен.
Амбасадата на САД во главниот град на Туркменистан, Ашгабат, побарала влез за повеќе од 100 американски државјани, но владата на Туркменистан сè уште не одобрил, се вели во телеграмата.
Исламската Република ги третира иранско-американските двојни државјани исклучиво како граѓани на Иран, нагласи Стејт департментот.
„Американските граѓани се изложени на значителен ризик од испрашување, апсење и притворање во Иран“, се вели во предупредувањето.
Вашингтон бара начини како потенцијално да ги евакуира своите граѓани од Израел, но речиси и да нема начин да им помогне на Американците во Иран. Двете земји немаат дипломатски односи од Иранската револуција во 1979 година.
Свет
Нетанјаху: Нашите разузнавачи вршат света работа во борбата за победа

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја посети базата на разузнавачката управа заедно со неколку високи функционери.
На средбата учествуваа и израелскиот министер Рон Дермер, воениот секретар генерал-мајор Роман Гофман, шефот на националната разузнавачка служба и шефот на воената разузнавачка администрација.
Нетанјаху рече дека војниците и припадниците на војската во базата вршат „света работа за да дадат разузнавање што носи победа во војната“.
„Не можам доволно да ја истакнам важноста на досегашната работа, како и важноста на она што моментално се прави за да се постигне апсолутна победа“, рече Нетанјаху.
Свет
САД испраќаат трет носач на авиони на Блискиот Исток

САД испраќаат трет носач на авиони на Блискиот Исток, поради ескалацијата на тензиите меѓу Израел и Иран, објави Ројтерс, повикувајќи се на американски официјални лица.
Американскиот носач на авиони УСС Џералд Р. Форд ќе ја напушти својата база во Норфолк, Вирџинија, на 24 јуни, соопшти американската морнарица. Станува збор за планирано распоредување во областа на операции на Европската команда на САД (EUCOM), но неговото пристигнување во близина на Медитеранот значи дека третиот американски носач ќе биде во дофат на потенцијален конфликт на Блискиот Исток.
УСС Карл Винсон веќе е во регионот, учествувајќи во воздушни операции против бунтовниците Хути во Јемен, поддржани од Иран. Трет носач, УСС Нимиц, исто така се испраќа во регионот, потврди висок американски функционер за одбрана.
Министерот за одбрана Пит Хегсет издаде наредба за „одржување на одбранбената положба и заштита на американскиот персонал“.
Како што објави Ројтерс, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ќе одлучи во рок од две недели дали САД ќе се приклучат на нападите на Израел врз Иран. Тој додаде дека сè уште постои шанса за преговори со Техеран.
Трамп вчера изјави дека врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, е „лесна цел“, нагласувајќи дека не ја исклучил можноста за воена акција. Да потсетиме дека Трамп се повлече од нуклеарниот договор со Иран од 2015 година, а сега ги поддржува израелските напади врз иранските нуклеарни објекти и воени команданти.