Економија
Со иновативно капаче поблиску до „Свет без отпад“ – безалкохолните пијалаци на Пивара Скопје во нова еколошка амбалажа
Раководејќи се од својата долгорочна стратегија за одржлив развој, Пивара Скопје ја промовираше најновата иновација во ПЕТ-амбалажата на пијалаците од своето портфолио која ќе придонесе за заштита на животната средина.
Новите пластични шишиња на безалкохолните пијалаци од понудата на Пивара Скопје ќе бидат со капачиња кои се прицврстени на амбалажата, со што се овозможува тие да бидат рециклирани заедно со неа, по консумирањето на пијалакот. Првите шишиња Rosa со прицврстени капачиња веќе се пласирани на пазарот,а планирано е новата амбалажа да биде применeта кај сите брендови безалкохолни пијалаци на Пивара Скопје, најдоцна до крајот на оваа година.
„Оваа новина е показател за одговорниот однос што го имаат компаниите како Пивара Скопје кон животната средина. Истовремено тоа е и пример кој треба да го следат и останатите компании за тоа како треба да се размислува и делува со цел да се овозможи поефикасен систем за собирање и рециклирање на целокупниот отпад од пакување. Верувам дека ваквите решенија што се предвидени и со Директивата на ЕУ за пластиката за еднократна употреба и што веќе делумно се опфатени и во домашното законодавство, ќе се мултиплицираат, со што ќе придонесат кон остварување на нашите заложби како Влада да создадеме услови за развивање на одржливо управување со отпад преку селекција, собирање и рециклирање на отпадот, како и градење позитивни навики кај широката јавност. Само со силни партнерства и соработка ќе постигнеме јасни и долгорочни придобивки за животната средина“, истакна министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова.
Воведувањето на прицврстени капачиња е резултат на темелен процес на истражување и развој во групацијата Coca-Cola HBC, кој вклучувал и фаза на тестирање, за да се осигура дека новото решение ќе биде удобно искуство за потрошувачите, а истовремено ќе ги исполнува и највисoките технички и безбедносни стандарди. Како резултат на ваквиот процес, избрано е решение кое не влијае на начинот на отворање и затворање на шишињата, кој останува ист како и претходно.
„Новото решение можеби изгледа како едноставна работа, но за нас тоа претставува уште една значајна иновација која ни помага, заедно со потрошувачите и партнерите, да ги исполниме нашите амбициозни цели и заложби од платформата „Свет без отпад“ и иницијативата за Нула емисии на CO2 во атмосферата, кои се дел од нашата долгорочна стратегија за одржлив развој. Преку искуството и знаењата на двете групации на кои припаѓаме – Coca-Cola HBC и HEINEKEN, помагаме во унапредување на легислативата на државата и ги делиме истите вредности со консументите од земјите од ЕУ. Истовремено, горди сме што со ваквите иновации поставуваме стандарди и за останатите компании и помагаме да се испрати значајна порака во општеството дека секој од нас, но и сите заедно можеме повеќе да придонесеме за почиста и одржлива животна средина, а со тоа и за доброто на целата заедница“, изјави генералниот директор на Пивара Скопје, Горан Сладиќ.
Воведувањето на новата пластична амбалажа со прицврстени капачиња го поздрави и Пакомак – првата и најголема специјализирана организација за управување со отпад од пакување во земјата, која е долгорочен партнер на Пивара Скопје во исполнување на целите за одржлив развој и заштита на животната средина.
„Оваа новина од Пивара Скопје која очекувам дека брзо ќе ја прифатат и останатите компании и која е дел од актуелните трендови од оваа област во ЕУ, се надоврзува на останатите активности кои заеднички ги спроведуваме, а имаат за цел да се зголеми ефикасноста на системот на собирање, селекција и рециклирање на отпадот од пакување во нашата земја. Анализите на пластичниот отпад во океаните покажуваат дека капачињата се еден од главните загадувачи, како ситен отпад за кој помалку се грижат граѓаните. Со оваа иновација, капачињата ќе останат составен дел од отпадот од шишиња и со сигурност ќе се рециклираат.
Новата амбалажа со прицврстени капачиња може да се одложува во постојните и во новите повратни вендинг машини за собирање пластични шишиња и лименки кои ги поставуваме на многу фрекфентни локации и со кои истовремено сакаме да ги мотивираме граѓаните да се вклучат активно во процесот на селекција и рециклирање на целокупниот отпад од пакување, а со тоа да придонесат во креирањето поквалитетен живот за сите“, рече Филип Ивановски, извршен директор на Пакомак. Воведувањето на прицврстените капачиња на ПЕТ-амбалажата е само еден сегмент од активностите на Пивара Скопје со кои компанијата го дава својот придонес за постигнување на заложбите за одржлив развој. Како дел од овие заложби, во Пивара Скопје веќе се употребуваат амбалажи кои 100% може да се рециклираат, а компанијата активно учествува и го поддржува собирањето на отпадот од пакување кој се генерира на пазарот, како и во неговата правилна селекција и рециклирање. За своите заложби, активности и достигнувања во одржливиот развој, Coca-Cola HBC групацијата, а во тие рамки и Пивара Скопје, минатата година, по шести пат последователно, беше прогласена за најодржлива компанија за пијалаци во светот, во рангирањето кое секоја година го спроведува водечкиот глобалeн индекс за одржливост – The Down Jones Sustanability Index.
(ПР текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Минималната плата ќе се зголеми во март за 1.500-2.000 денари, зголемување пред март ќе значи отпуштање работници, вели Дурмиши
Економско – социјалниот совет на денешната седница не се договори за зголемување на минималната плата барем на 500 евра, според барањето на Сојузот на синдикати на Македонија од мај 2024 година, пред изборите. Министерот за економија Бесар Дурмиши по седницата кажа дека минималната плата во март, со редовното усогласување ќе се зголеми за 1500 до 2000 денари, точно ќе се знае по Нова година, а интервентно зголемување на минималната плата рече дека ќе значи отпуштање работници од малите и средни претпријатија кои нема да го издржат ударот.
„Проекциите се дека следната година инфлацијата ќе падне под 3%. Ние како Влада никогаш не сме биле против зголемување на минималната плата туку преку дијалог оставаме таа да биде договор помеѓу работодавачите и работниците. Сепак, според нашите индикатори во вакви економски услови нема оправданост за интервентно зголемување на минималната плата пред редовното усогласување во март кое е јасно утврдено со закон и кое би било меѓу 1500 до 2.000 денари. Со интервентно покачување малите и средни претпријатија со економски и финансиски проблеми ќе ги отпуштаат вработените. Мене ако ме прашате 1000 евра треба да биде минималната плата, може така да кажеме и да бидеме херои пред народот, но тоа ќе предизвика проблеми кои ќе се видат за два – три месеца“, рече министерот Дурмиши и нагласи дека во регионот добро стоиме оти пониска минимална плата отколку кај нас има во Бугарија, Албанија и Турција.
Го демантираше претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), пак, Слободан Трендафилов кој кажа дека од први јануари 500 евра е минималната плата во Албанија, 430 па од јуни 500 евра во Косово, 550 евра во Србија, а Босна и Херцеговина, се веќе далеку, минималната плата таму ќе биде колку просечната плата во Македонија.

Како и во 2022 година во јануари и февруари и оваа 2026 година Трендафилов вели дека ќе преземат конкретни мерки и активности за зголемување на минималната плата и на сите останати плати
Трендафилов вели дека на седницата се зборувало за различен износ на минималната плата кој се движел од 500 до 1000 евра, па остава простор Владата во следните денови да се изјасни за зголемување на минималната плата. Побара да се договорат што е можно побрзо оти во спротивно тие ќе се организираат и ќе постапат како пред три години.
„Ако ја чекавме претходната Влада во 2022 година да го почитува само законот за минималната плата, да не протестиравме, да не штрајкувавме за негова измена и промена на критериумите, денеска работниците ќе имаа 19.000 денари минимална плата“, рече претседателот на ССМ, Трендафилов.
Како и во 2022 година во јануари и февруари и оваа 2026 година Трендафилов вели дека ќе преземат конкретни мерки и активности за зголемување на минималната плата и на сите останати плати.
Минималната плата изнесува 24.397 денари.
Економија
Усвоен буџетот на Општина Илинден за 2026 година
Советот на Општина Илинден го усвои Буџетот за 2026 година, кој изнесува 742.557.000 денари, односно над 12,5 милиони евра.
„Споредбено со минатата година, може да се забележи значителен пораст во средствата со коишто ќе располага Општината. При неговото креирање беа земени предвид остварените приходи и расходи од претходните години, како и реалните проекции за приходите во 2026 година. Буџетот има изразена развојна насока и е подготвен согласно принципот на партиципативно буџетирање, со фокус на реалните потреби и барања на граѓаните и локалната заедница“, соопшти Општина Илинден.
Голем дел од планираните капитални инвестиции се насочени кон изградба, реконструкција и санација на локалните улици и патишта, со цел унапредување на патната инфраструктура во општината. Дополнително, се предвидуваат средства за подобрување на инфраструктурата во стопанските комплекси и локалните економски зони, како и за редовно одржување на постојната патна мрежа.
Во рамки на програмата за заштита и унапредување на животната средина, планирани се средства за изградба на фекална канализација, чистење на одводни канали и речни корита, одржување на јавната чистота, уредување и проширување на зелените површини, пошумување, како и доделување субвенции од најразличен вид со цел подигнување на еколошката свест кај граѓаните.
Буџетот предвидува и значајни вложувања во образованието и предучилишното воспитание, преку набавка на нова опрема, реконструкција и доградба на училишните објекти и детската градинка, како и инвестиции во развој на спортската инфраструктура.
Економија
ЕСМ: Потпишани договори за 97 милиони евра, започнува историски инвестициски циклус во обновливи извори
Денеска беа потпишани договорите за државна гаранција и договорите за заем во вкупна вредност од 97 милиони евра, наменети за два капитални енергетски проекти кои ќе ја трансформираат енергетската слика на државата, соопшти АД ЕСМ.
Од овие средства, вкупно, 87 милиони евра кон АД ЕСМ се наменети за најголемата фотонапонска електрана „Битола 3“, 50 милиони евра од КфВ и 37 милиони евра од Европската банка за обнова и развој(ЕБОР). Уште дополнителни 10 милиони евра од КфВ ќе бидат насочени за реализација на третата фаза од ревитализацијата на државните хидроелектрани.
На настанот на кој присуствуваше претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, договорите за државна гаранција ги потпишаа министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, претставникот на ЕБОР во земјава, Фатих Туркменоглу и директорот на регионалната канцеларија на КфВ, Мориц Реме. Истовремено, генералниот директор на АД ЕСМ, Лазо Узунчев, ги потпиша посебните договори за заем со претставниците на меѓународните финансиски институции.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска -Кочоска се заблагодари на Европската банка за обнова и развој и германската КфВ банка кои континуирано стојат зад Република Македонија во реализацијата на значајни проекти во инфраструктурата и особено во енергетскиот сектор и истакна дека Министерството за финансии преку обезбедување државна гаранција овозможи овој проект да добие вкупно 87 милиони евра – 50 милиони од КфВ и 37 милиони од ЕБОР, како и дополнителни 10 милиони евра за ревитализација на хидроелектраните.
„Со овие капитални инвестиции, заедно со АД ЕСМ, ја зајакнуваме домашната енергетска продукција, обезбедуваме стабилно снабдување со електрична енергија и ја поттикнуваме економската стабилност и одржлив развој. Министерството за финансии останува посветено на поддршка на проекти кои ја граделе иднината на нашата држава – зелена, економски силна и енергетски независна“, изјави Димитриеска-Кочоска.
Генералниот директор на АД ЕСМ, Узунчев, истакна дека овој чекор е од суштинско значење за оперативната одржливост на компанијата и за енергетската безбедност на Македонија.
„Нашите стратешки цели веќе се реализираат со голема динамика на терен. Токму денеска ги отвораме понудите за избор на изведувачи за фотонапонските електрани ’Осломеј 2’ и ’Битола 1 и 2’, а истовремено интензивно се работи и на теренска реализација на втората фаза од ветерниот парк ’Богданци’. Преку сите овие проекти, вклучувајќи ја и новата електрана ’Битола 3’, во следните две до три години ќе го зголемиме домашното производство од обновливи извори за повеќе од 200 MW. Тоа не само што значи енергетска стабилност, туку и значаен еколошки придонес со намалување на годишните емисии на јаглерод диоксид за повеќе од 260.000 тони, годишно“, изјави Узунчев.
Како што рече амбасадорката на СР Германија Петра Дрекслер, во текот на изминатите години, Германија и ЕУ обезбедуваа континуирана поддршка за земјава на патот кон одржлива и отпорна енергетска иднина.
„Договорите потпишани од Германската развојна банка KfW, ЕБОР, Владата и ЕСМ се уште еден чекор за овозможување непречена енергетска транзиција преку правилна комбинација на обновливи извори на енергија“, смета Дрекслер.
Посебен фокус во овој инвестициски циклус е ставен и на проектот Ревитализација на хидроелектраните, чија вкупна финансиска конструкција изнесува 47,3 милиони евра, заокружена со денешниот дополнителен договор за заем од КфВ и значаен грант од 10 милиони евра преку ВБИФ механизмот на Европската Унија. Реализацијата на овој капитален проект ќе резултира со зголемување на домашното производство на електрична енергија од нашите хидропотенцијали за дополнителни 50 GWh, годишно.

