Македонија
Маричиќ по повод 9 Мај: Како што успеавме да станеме членка на НАТО, така ќе успееме да станеме членка и на ЕУ
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашање, Бојан Маричиќ, по повод 9 Мај, Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, порача дека европските држави на 9 мај 1950 година го направија невозможното и дека „ние до 9 мај 2030 година можеме да го направиме возможното, а тоа е нашето членство во Европската Унија“.
„Ние денес се бориме за истите вредности и цели за кои Германија и Франција направија историски исчекори по Втората светска војна. Тоа е обединувањето. Економската соработка. Да бидеш свој на своето, а во исто време да припаѓаш во нешто многу поголемо. Да се движиш слободно, да работиш слободно. Да придонесуваш и да добиваш. Да биде подобро“, рече Маричиќ во своето видеоизлагање.
Маричиќ укажа дека на сите им е јасно „оти најтешките одлуки се зад нас“ и дека уставните измени не се ништо друго, освен влог што носи гаранција за придобивките, а не ни одзема ништо.
„Тоа добро го знаат и тие што се противат на нашиот европски пат. Затоа, време е да престанат да се противат за да не станат историски негатори и кочничари на стратешките цели на сопствениот народ“, укажа вицепремиерот.
Денес, кога имаме и слобода и држава, Маричиќ вели дека „точно знаеме каде одиме, што бараме и што ќе добиеме“ и дека „работата е во наши раце, нема веќе чекање“.
„Нема откажување. Како што успеавме да станеме членка на НАТО, така ќе успееме да станеме членка и на ЕУ. Одиме во сојуз што ни носи европски фондови и европски стандарди во сите области што живот значат. Фондови за да градиме како никогаш досега – македонска инфраструктура со европски пари. И паралелно со тоа – реформи. Реформи за сите наши институции, во сите ресори да дадат најдобра услуга за нашиот народ“, посочи Маричиќ во видеообраќањето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Никаде во Европа нема ваква корумпирана Влада, техничка влада мора да остане, бараат од СДСМ
„Споредбите со земјите од ЕУ како аргумент за укинување на техничката влада се класична манипулација. Никаде во Европа нема ваква корумпирана влада“, велат од СДСМ.
„Тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не ја сака техничката влада, затоа што кога ќе влезе министер од опозиција, ќе има увид во сите документи, во сите злоупотреби во целиот коруптивен систем.
Скандалот со ИПАРД 3 и злоупотребите на европските пари, за кои е приведен директор од ВМРО, се уште еден пример дека влез на опозициски министер ќе значи отворање и на другите криминални шеми во министерството.
Од тоа се плаши тендер коалицијата. Не сакаат техничка влада, затоа што тоа ќе значи отворање на пандорината кутија на криминалните тендери.
Без техничка влада не може да има праведни избори, нема контролен механизам и нема фер избори и затоа мора да остане“, соопшти СДСМ.
Македонија
Времето утре – сончево со мала до умерена облачност, максималната температура до 10 степени
Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -10 до -3, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, сончево и тивко со умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
До петок ќе се задржи стабилно и суво време со услови за појава на утринска магла по котлините. Температурите ќе бидат во постепен благ пораст. Во деновите од викендот ќе има зголемена облачност со услови за слаби локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Дневната температура повторно ќе биде во опаѓање
Македонија
Сиљановска-Давкова прими претставници на Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и на Центарот за еколошка демократија ФЛОРОЗОН
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска прими претставници на Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и на Центарот за еколошка демократија ФЛОРОЗОН, со коишто разговараше за актуелните предизвици во областа на заштитата на животната средина.
Претставниците на двете организации ги изнесоа своите согледувања и препораки со посебен акцент на еколошката правда, превенцијата од еколошки штети, заштитата на природните ресурси и усогласувањето со европското право.

Според Сиљановска-Давкова заштитата на животната средина треба да биде клучен приоритет, а соработката меѓу институциите, граѓанските организации и стручната јавност е од суштинско значење за креирање одржливи и ефикасни политики. Таа укажа дека вклученоста на овие организации во креирањето на законските решенија треба да биде институционализирана, преку нивно учество во комисиските тела во Собранието и во Владата.
Именувањето на експертот од областа на метеорологијата и климатските промени, проф. д-р Спиридонов, за член на Советот за безбедност, е важен чекор кон интегрирање на научната експертиза во стратешкото одлучување. Ова, според претседателката, би им овозможило на невладините еколошки организации, со своите идеи и предлози да придонесат во работата на ова тело.
Соговорниците се согласија дека загрозувањето на животната средина е сериозен безбедносен ризик и закана за уставно загарантираното право на живот.

Тие ја нагласија потребата од користење на меѓународни искуства и унапредување на регионалната соработка во справувањето со реалните предизвици.
Претседателката и претставниците на МЗМП и ФЛОРОЗОН повикаа на континуирана едукација и поттикнување на младите во градењето партнерски однос со природата како неопходен предуслов за превенција на можни штети со несогледливи последици.

