Македонија
(Видео) Новиот претседател се обиде да ги исклучи камерите од Судскиот совет за да имале услови за работа
Новиот претседател Сашо Георгиев се обиде да забрани снимање на седницата на Судскиот совет. Тој рече дека негов предлог е да се исклучат камерите и да се извадат надвор, а во салата да останат само новинарите. На ова реагира разрешената претседателка Весна Дамева, која рече дека е изненадена од одлуката и му порача дека не може да ги исклучува камерите. Георгиев во текот на дискусијата исклучувањето на камерите го правдаше со став заземен на колегиум.
„Колеги, само ќе потенцирам дека едногласен договор ни е дека во делот на јавноста, таа ќе биде присутна, но камерите оставаме уште една-две минути да го завршат својот прилог во смисла на снимање, а потоа тие ќе мора да ја напуштат седницата, јавноста останува да биде присутна. Условите ни се такви, не е тоа нетранспарентност, но е потребно за условите за работа“, рече Георгиев.
По ова, реагира разрешената претседателка Дамева.
„Јас сум изненадена од оваа Ваша одлука затоа што Судскиот совет е колективно тело и ова не е дискреционо право да одлучувате Вие дали ќе има камери или не и сметам дека ова треба да го одлучуваме заеднички, доколку мнозинството одлучи, во ред, прифаќам, прифаќам во смисла дека не можам да ја оспорам одлуката на мнозинството, но ова е предмет за дискусија и навистина треба да го разгледуваме. Не може Вие како претседател да ја исклучите јавноста или камерите или Вие за што и да било да одлучувате самостојно“, вели Дамева.
Георгиев, пак, побара членовите да се изјаснат за неговиот предлог за исклучување на камерите, но никој, освен Дамева, не се јави за збор.
„Не ја исклучуваме јавноста, немојте да ја доведуваме во заблуда со такви атрибути. Јавноста е тука присутна, но камерите не се јавноста. Тие се придружен дел од настанот. Но, за условите на работа, имајќи ги предвид условите, околностите во кои работиме, доволно е сметам да снимаат само воведен дел. Но, тоа е мој предлог. Ајде да слушнеме, колеги, какво е вашето видување“, рече Георгиев.
Дамева одново му укажа дека камерите секогаш биле на истото место, секогаш кога се држело седница.
„Поаѓајќи од сето она што се случи во Судскиот совет, јавноста и камерите треба да ги следат седниците доколку постои заинтересираност. Се плашам дека заинтересираноста кај медиумите ќе спласне бидејќи можеби се разочарани од некои наши постапки. Јас категорично сум против сè додека има интерес да следат, но сепак тоа останува на вас, јас категорично се спротивставувам на ова – поради немање услови, камерите да бидат исклучени, особено што секогаш било исто местото на Судскиот совет, секогаш Судскиот совет одржувал седница во оваа зграда“, рече Дамева.
Георгиев, пак, рече камерите ќе останат ако колегите сметаат така.
„Ова е став на колегиум. Мене не ми пречи ако сметате дека условите дозволуваат да работиме пред камерите во дадена ситуација. Јавноста е присутна, новинарите се тука, не бегаме од тоа, но повторно ќе кажам – ова е дискутирано на колегиум и го пренесувам гласот на колегите од колегиум. Тоа е заеднички став“, појасни Георгиев.
Немаше дискусија.
„Ако нема дискусија. Но, пак ќе речам, треба концентрација, треба да се посветиме на работа, но, од друга страна, не знам колку дозволуваат условите вака со повеќе камери да работиме“, рече Георгиев.
Тој по реплика на член на Судскиот совет, кој го поддржа, рече дека не е сигурен дека сите колеги биле на колегиумот и чиј бил ставот за исклучување на камерите.
„Ова е заклучок, еве, пак ќе речам, не знам дали беа сите присутни, не е едногласен, иако од присутните беше став на сите колеги“, рече Георгиев.
По ова, зборуваа и членови на Судскиот совет по што беше дадена пауза.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Отворени гласачките места, граѓаните избираат градоначалници во 32 општини и Град Скопје
Денеска во земјава се одржува вториот круг од локалните избори, на кои граѓаните избираат градоначалници во 32 општини и во Град Скопје. Право на глас имаат 1 013 375 избирачи, од кои 474 304 гласаат и за градоначалник на главниот град.
Во првиот круг на 19 октомври беа избрани 44 градоначалници, а денеска се гласа во Центар, Карпош, Аеродром, Куманово, Кичево, Струга, Тетово, Пробиштип, Кочани, Валандово и други.
Гласачките места се отворени од 7 до 19 часот.
Изборниот процес го следат 1 598 набљудувачи – 933 домашни и 651 меѓународен. Државната изборна комисија најави дека првичните резултати ќе ги соопшти вечерва, околу 23 часот.
Вчера гласаа болните лица и затворениците, а гласањето се одвиваше непречено.
Македонија
Сончево време со температура до 23 степени
Претпладне по одделни котлини ќе има услови за појава на магла. Во текот на денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 7, а максималната ќе достигне од 18 до 23 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има слаба маглa. Преку денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 21 степен, јавува УХМР.
Во понеделник попладне, во текот на ноќта и во вторник ќе има повремени локални врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Ќе дува умерен до засилен северен ветер, а дневната температура ќе опадне за неколку степени. Од среда повторно се очекува стабилно и суво време.
Македонија
ДИК: Без неправилности помина денешното гласање на болните и затворениците, гласовите ќе се бројат утре
Денес се спроведува гласањето на болните или немоќни лица, лицата кои се на издржување на казна затвор или се во притвор и лицата кои се пријавиле за гласање, а се сместени во установите за вонсемејна грижа.
Гласањето на оваа категорија гласачи се одвива во општините каде се одржува вториот круг на локалните избори и Градот Скопје.
Од вкупно 4.826 болни или немоќни лица кои можат да го остварат своето право на глас на вториот круг од локалните избори, до 20:00 часот гласале 3327 гласачи. Во 14 казнено поправни установи, каде што своето право на глас можат да го остварат 1256 лица кои се на издржување казна затвор или притвор, до 18:30 часот гласале 588 гласачи. Од 214 лица сместени во установите за вонсемејна грижа до 18:30 часот гласале 125 гласачи.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните и немоќните лица, затворите и домовите за стари лица, не се објавуваат денес посебно. Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвараат денес. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре после 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа.

