Македонија
Шаќири: Сите да придонесеме за јакнење на механизмите за детекција и справување со врсничко насилство

Проблемот со врсничкото насилство не е нов ни во нашето школство, ниту во развиениот свет, па со цел спречување на секаков вид насилство и градење на соживот во училиштата, Министерството за образование и наука има развиено сет закони, проектни мерки и активности, рече министерот за образование и наука Јетон Шаќири на дебата на тема „STOP BULLYING“. Тој нагласи дека секогаш има место за дополнително јакнење на механизмите за детекција и справување со врсничко насилство.
„Во фаза на изработка е правилник наменет за училиштата за превенирање и за постапување во случај на насилство. Исто така, мораме добро да размислиме за ограничување на влијанието на социјалните мрежи во училишната средина. Отворивме и електронска адреса каде учениците, родителите но и граѓаните можат да пријават случај на врсничко насилство“, појасни Шаќири, додавајќи дека МОН е во фаза на консултации со најшироката заедница, професорите и експертите што е тоа што може да се преземе за да се подигне институционалната грижа за правилниот раст и развој на децата и младите.
Шаќири посочи дека во текот на школувањето, децата треба да израснат во луѓе со вистински вредности, со емпатија, со разбирање за различните од себе и најважно да умеат да ги решаваат конфликтните ситуации без насилство.
„Колку е важно ова не само да стои запишано во стратешки документи, туку сите чинители во едукацијата на младите луѓе да го применуваат, добро покажуваат последните регионални случаи на ескалација на девијантни однесувања кај деца и млади луѓе, со страшни последици. Затоа се значајни заедничките дискусии за врсничкото насилство, зашто, какви генерации ќе создадеме не зависи само од наставниот кадар и стручните служби во училиштата, туку тоа е процес во кој е неопходно да се вклучат сите општествени чинители“, нагласи Шаќири.
Наведувајќи дека и сега насилството е санкционирано со образовната регулатива, дека училиштата имаат обврска да планираат програми и активности за заштита од насилство а законот предвидува и обврска за директорот на училиштето да го пријави на надлежен орган секој облик на насилство, министерот посочи дека натамошното јакнење на заштитните механизми на ниво на школство, ќе значи и поздрави и поотпорни млади генерации.
Шаќири побара да се вложи сето знање и умеење во спречување на сѐ што е туѓо на образованието, затоа што секое дете е важно, а иднината ја градиме сите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Османи: Влегов во оваа трка не за да заменам една личност со друга, туку за да го скршам менталитетот на „не можам“

Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, на денешната прес-конференција ја истакна својата решеност да ја промени дводецениската матрица на управување со општината со изговорот „не можеме“, кога станува збор за реализирање на крупни проекти во интерес на граѓаните. Тој порача дека неговата кандидатура не е борба против личности, туку против менталитетот на „не можам“, кој, како што рече, го кочи развојот на Чаир веќе 20 години.
Тој потсети дека повеќе од 20 години, од основањето на општината, Чаир се води без план, без идеја и без храброст, а граѓаните се навикнати на изговори и поразителното „не може“.
„Имало многу ветувања, во секоја изборна кампања. Но секогаш по нив следело: ‘Не може’. Повеќе од 20 години една клика ни инсталираше начин на размислување дека ‘ние не можеме’, дека ‘ова ни е судбина’. Јас влегов во оваа трка не за да заменам една личност со друга, туку за да го скршам тој начин на размислување“, нагласи Османи.
Тој истакна дека промената што ја предлага не е само инфраструктурна, туку ментална и политичка трансформација, со јасна визија за иднината на Чаир.
„Во секоја институција каде што сум работел, сум го предизвикувал менталитетот дека ‘не може’. И кога влегов во преговорите за името, за НАТО, за официјализирањето на албанскиот јазик, сите велеа ‘не може’. Но јас секогаш сум влегувал со уверување дека треба да се предизвика, затоа што храброста е таа што ги реализира промените, не само идеите“, рече Османи.
Тој ја поврза оваа порака со најзначајниот проект во неговата програма, реализација на „Плоштад Лирија“ и подземна сообраќајница, кој треба да го реши најголемиот инфраструктурен проблем во општината и да ја трансформира во модерен и функционален центар.
„Идеи можеме да имаме многу, но мора да имаме храброст да преземеме одговорност за големите идеи“, порача Османи.
Тој подвлече дека реализацијата на проектот „Плоштад Лирија“ и подземна сообраќајница веќе започнала со подготвителната фаза, со планирање на средства од Европската Унија, Владата, Град Скопје и сопствените општински фондови, со цел да се обезбеди стабилно финансирање.
„Овој проект ќе го скрши менталитетот на ‘не може’. Храброста е таа што ги решава големите животни и општествени предизвици“, заклучи Османи.
Македонија
Почина Панчо Минов, поранешен пратеник и градоначалник на Кавадарци

На 67-годишна возраст денеска почина Панчо Минов, поранешен градоначалник на Кавадарци и поранешен пратеник во Собранието.
Панчо Минов беше дипломиран правник и политичка фигура со повеќедецениско искуство. Тој два пати беше избран за градоначалник на Општина Кавадарци – прво како кандидат на Либералната партија (2000–2005), а потоа како независен кандидат (2005–2009).
Минов имаше и пратеничка кариера, учествувајќи во повеќе состави на Собранието.
Првпат беше избран во првиот повеќепартиски состав (1990–1998), а подоцна повторно стана пратеник преку ГРОМ (2016–2020) и СДСМ (2020–2024).
Македонија
Уште колку луѓе треба да настрадаат за Панче Тошковски да почувствува одговорност, прашуваат од СДСМ

Министерот Панче Тошковски без око да му трепне јавно соопшти дека не чувствува никаква одговороност за колапсот на безбедносниот систем и фактот што на улиците се пука како да сме Див Запад, велат од СДСМ.
Според нив, последиците од партизацијата на полицијата и претоварењето во партиски сервис на ДПМНЕ скапо ги чини граѓаните.
„До кога мисли Тошковски да се криe зад политички реторики додека улиците стануваат небезбедни за граѓаните?
Не е само последното пукање во Куманово, непрекинатиот раст на вооружените и насилни инциденти во различни градови е сигнал за целосно системско потфрлање на безбедниот апарат, нема ниту превенција ниту соодветна реакција.
За тоа мора да има одговорност“, додаваат од оваа партија.