Македонија
Новото обележје на градот – комплексот „Гранд Скопје“ претставен пред локални и меѓународни професионалци за недвижности

Скопје денеска беше центарот каде на едно место се собраа голем број на професионалци за недвижности од земјава и странство со цел да ги разменат своите знаења, искуства и успешни приказни од областа на индустријата за недвижности.
Причина за овој собир беше првата Конференција за недвижности во земјава, на која златен спонзор беше „Гранд Скопје“.
Конференцијата создаде одлична можност за вмрежување и разговор на актуелни теми кои ја засегаат индустријата за недвижности, како најновите трендови, перспективи и предизвици со кои таа се соочува, а едни од клучните говорници беа токму претставниците на „Гранд Скопје“.
„ Станбено- деловниот комплекс „Гранд Скопје“ со своите карактеристики поседува потенцијал комплетно да ја редефинира урбаната слика на центарот на градот. Целиот комплекс е идеално поврзан со околината, а близината на самиот кеј на реката Вардар, и целата таа динамична и урбана средина која го опкружува, овозможува целосна функционалност и достапност на најразлични содржини. “, истакна Леонид Антиќ, член на Управниот одбор на „Гранд Скопје“ при својата презентација.
Антиќ во текот на претставувањето на „Гранд Скопје“ се фокусираше на најважните придобивки кои овој комплекс ќе ги обезбеди за неговите жители и посетители, акцентирајќи ја изградбата на урбан парк со големина колку Плоштад Македонија во склоп на комплексот.
„Во рамки на комплексот предвиден е парк кој ќе содржи разновидно парковско зеленило налик на светските уредени урбани паркови и простори оплеменети со современа фонтана и урбана смарт опрема. Но, она што е можеби и најважно е поголемата слика од само станбено- деловен објект. Комплексот ‘Гранд Скопје’ неспорно ќе донесе огромна придобивка и за нашиот град, бидејќи неговата реализација ќе создаде одлична атмосфера за економски развој, нови можности за вработување, а ќе се отвори дополнителна врата за развој на туризмот и културата“, заклучи Антиќ пред присутните.
Во рамки на конференцијата се одржаа и неколку панел дискусии на кои учество земаа претставници на „Гранд Скопје“ и ја пренесоа својата експертиза од полето на резиденцијално домување.
Спонзорството на оваа конференција ја покажува посветеноста на „Гранд Скопје“ за потребата за едукација, развој и унапредување на пазарот на недвижности.
Првата конференција за недвижности во земјава беше организирана од страна на Фортонмка, компанија која е стратешки партнер на Cushman & Wakefield- најголемата светска компанија за советување за недвижности.
(ПР текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
УЈП со повик за исполнување на ДДВ обврските: евидентирана е загрижувачка состојба

Управата за јавни приходи информира дека заклучно со 25 јули 2025 година евидентирана е загрижувачка состојба во однос на исполнувањето на обврските поврзани со данокот на додадена вредност (ДДВ).
„Според последните податоци: не се поднесени ДДВ-пријави од 142 месечни и 2.134 тримесечни обврзници. Пријавен, но неплатен ДДВ-долг е евидентиран кај 1.326 месечни и 7.748 тримесечни обврзници.
Директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова, со порака: „Непочитувањето на законскиот рок е сериозен прекршок. Сите обврзници кои не поднеле ДДВ-пријава или не го платиле ДДВ-долгот се повикуваат итно да постапат согласно законските прописи. Даночната дисциплина не е избор, туку законска обврска и одговорност на секој граѓанин и компанија, темел за функционална држава.“
Управата за јавни приходи, како што додаваат во информацијата, веќе доставила персонализирани известувања до сите ДДВ-обврзници кои имаат пријавен, а ненаплатен долг за соодветниот даночен период.
„Преку координирано постапување и интензивна комуникација со даночните обврзници и со сметководителите, се спроведува целосен сет активности и мерки — со цел да се избегнат блокади на сметки и дополнителни трошоци за присилна наплата. За секој ден на задоцнување, се пресметува камата во износ од 0,03% од преостанатиот долг. По доставата на опомените, управата ќе пристапи кон присилна наплата кај сите обврзници кои нема да го подмират долгот доброволно. Со цел навремено информирање и исполнување на обврските, како и обезбедување солидна даночна историја, УЈП останува во постојана комуникација со сите релевантни страни“.
Македонија
Владата донесе одлука за промена на таблиците на службените возила и отворање на конзулат во Корча

Владата на денешната 97 седница донесе одлука сите државни институции да ги променат регистарските таблици на службените возила со новите таблици со боја најдоцна до 15 септември 2025 година. Оваа одлука е во насока на уште едно реализирано ветување пред граѓаните со цел поголема отчетност, транспарентност и ставање крај на злоупотребите кои со биле пракса во минатото, соопшти владината служба.
Дополнително, Владата на предлог на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија донесе одлука за отворање на генерален конзулат во Корча со јурисдикција во целиот регион. „Граѓаните мора да имаат брз и ефикасен сервис и услуги, поддршка за културни, образовни и економски врски.
Владата продолжува со конкретни мерки и политики кои имаат за цел да ја потврдат вистинската грижа за подобрување на стандардот и враќање на довербата на граѓаните во институциите“.
Македонија
Со запален факел се обидел да подметне пожар во Струмица: под истрага едно лице за загрозување на општата сигурност

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за обид да изврши – Тешки дела против општата сигурност од член 292 став 1 во врска со член 288 став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот вчера попладне, преку една социјална мрежа, се заканил на лице од Струмица дека ќе му ја запали викендицата, а потоа се обидел заканите да ги реализира.
На локацијата брана Водоча се обидел да подметне пожар и да предизвика поголема имотна штета. Со запален факел од хартија и текстил ги запалил гредите на натстрешницата, кои започнале да чадат и да горат. Со тоа предизвикал ризик од пожар не само на објектот, туку и на повеќе други викенд-куќи и на нискостеблеста и високостеблеста вегетација во непосредна близина.
Поради опасност од бегство и можност да го повтори односно да го доврши делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор.