Регион
Уапсена шестчлена криминална група: осомничени се дека врбувале девојки за проституција во Белград
Полицијата уапсила шест члена на организирана криминална група поради постоење основи на сомнение дека сториле кривични дела здружување за извршување кривични дела и посредување во проституција, соопшти српската полиција.
Уапсени се Ј. Д. (1973), Д. К. (1959), А. С. (1982), Ж. Ш. (1983), B. Г. (1993) и Д. M. (1989).
Надлежните се сомневаат дека од септември 2022 до мај 2023 година врбувале жени да се занимаваат со проституција, а потоа изнајмувале станови на територијата на Белград, каде што жените биле со клиенти, пренесуваат српските медиуми.
Осомничените се обвинети и за организирање рекламирање проституција преку социјалните мрежи подведувајќи повеќе од 10 девојки на кои им организирале превоз до клиентите.
Постојат сомнежи дека членовите на организираната група ги поделиле парите добиени од проституција.
При претрес на становите и другите простории што ги користеле полицијата пронашла 203.000 динари, 3.200 евра, 39 мобилни телефони, 3 лаптопи, кои, како што се сомневаат, биле користени за евиденција на девојките што даваат сексуални услуги, евиденција за заработените пари, за времетраењето на давањето сексуални услуги.
На осомничените им е одредена мерка притвор до 48 часа и со кривична пријава ќе бидат изведени во надлежното обвинителство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Побаран притвор за сите уапсени поради трагедијата во Нови Сад, меѓу нив и поранешен министер
По рочиштето, Вишото јавно обвинителство во Србија побара притвор за сите 12 уапсени, меѓу кои и поранешниот министер за градежништво Горан Весиќ и уште еден осомничен по кој беше распишана потерница, поради падот на настрешницата на железничката станица на 1 ноември во при што загинаа 15 лица.
Покрај Весиќ, кој поднесе оставка пет дена по несреќата, меѓу уапсените, а за кои Вишото јавно обвинителство во Нови Сад бара притвор, се и Јелена Танасковиќ, која поднесе оставка од челната позиција во Железничката инфраструктура на Србија, поранешниот директор на Инфраструктурата на Железниците на Србија Небојша Шурлан, како и помошникот министер за железнички транспорт Анита Димовски.
Обвинителството предлага приведување и притвор и за 13. осомничениот кој е во бегство и по кого е распишана потерница.
Осомничените се товарат за сторени повеќе кривични дела предизвикување јавна опасност, тешки кривични дела против општата безбедност и неправилно изведување градежни работи и им се заканува затворска казна од две до 12 години.
Вкупно 15 лица загинаа во падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември околу пладне – 14 загинаа на местото на несреќата, додека уште едно лице од тројцата тешко повредени им подлегна на повредите подоцна во болница.
Регион
Голем протест на пензионерите во Атина
Во Атина се одржаа големи протестни демонстрации на пензионерите. Сакаат добро здравство и повисоки пензии.
„Сакаме достоинствени пензии“, скандираа пред парламентот стотици грчки пензионери кои на протестот пристигнаа од целата земја. На дел од плакатите беа испишани нивните барања – пристојни пензии, бесплатни лекови и ниски цени, барем за основните потреби.
Демонстрантите за медиумите изјавија дека сакаат и да се отстранат голем дел од пензиските одбитоци и да се плати голем попуст за струја, како и во другите европски земји.
Големиот проблем со кој се соочуваат пензионерите се недостатоците во здравствениот систем – немање доволно специјалисти во државните болници и скапите лекови. И грчките пензионери побараа бесплатни празнични ваучери за сите пензионери.
Пензионерите на протестите скандираа „Стоп за војната во Украина и Газа, не убивајте млади луѓе“.
Голем број млади се приклучија во поддршка на протестот на пензионерите.
Регион
(Видео) Излизгани возила, застој на автопатиштата, сообраќаен колапс поради снежна бура во Србија
Попладнево во Србија падна снег кој зад себе остави колапс во сообраќајот и предизвика дефекти во електричната мрежа.
Дождот и силните налети на ветерот се претворија во снег во Белград, каде снегот паѓаше со поголем интензитет, што дополнително ја усложни состојбата во сообраќајот и предизвика тотален колапс, пренесуваат тамошните медиуми.
Поради снежни наноси застој има на автопатот од Ниш кон Белград, на делот од патот од Алексинац кон Ражње.
Сообраќајот се одвива отежнато и на автопатот Ниш-Димитровград кај тунелот Банчарево, поради снежни наноси и сообраќајна несреќа во која учествувале патник и товарно возило, стои во написите.
Јавното претпријатие „Патишта на Србија“ ја информира јавноста дека при денешните обилни врнежи од снег на речиси целата територија на Србија, во повеќе случаи товарни возила се излизгале и на тој начин биле блокирани повеќе патни правци, поради што сообраќајот бил во прекин и на автопатот и и на патиштата со низок степен, поради некористење зимски гуми и опрема од страна на неодговорни возачи на тешки моторни возила – шлепери.
ЈП „Патишта на Србија“ апелира особено до возачите на тешки моторни возила и сите други учесници во сообраќајот да не излегуваат на пат без задолжителна зимска опрема, да користат синџири, особено во ридско-планинските предели, да ги почитуваат ограничувањата на брзината, сообраќајните сигнали и да ја приспособат својата брзина на условите на патот.
На целата територија на Република Србија, механизацијата е достапна на терен 24 часа, а екипите на патиштата се во готовност и подготвени да интервенираат за да се обезбеди безбедно одвивање на сообраќајот, пишуваат српските медиуми.