Свет
Американската војска заплени пратка хероин од Иран вредна 80 милиони долари
Американската војска соопшти во средата дека во Оманскиот Залив запленила хероин во вредност од 80 милиони долари на рибарски брод, кој испловил од Иран, пренесува „Ал Арабија“.
Според соопштението на Централната команда на американските поморски сили (НАВЦЕНТ), пресретнувањето во средата го извршил кутер за брза реакција на американската крајбрежна стража.
Американскиот брод „Глен Харис“ е дел од Комбинираната оперативна група (КОГ)150, една од четирите оперативни единици, кои го формираат најголемото мултинационално поморско партнерство во светот.
Од НАВЦЕНТ соопштија дека на брод што транзитирал во меѓународни води по испловувањето од Чах Бахар, Иран, биле пронајдени 1.964 килограми хероин.
„Многу се гордеам на мојот екипаж и на сето она што успеавме да го постигнеме како тим оваа недела. Овде сме за да работиме со регионалните партнери и да ја прекинеме секоја дестабилизирачка поморска активност“, истакна командантот на бродот, поручник Ник Џебс.
Акцијата доаѓа само два дена по запленувањето пратка метамфетамин и хероин вредна 30 милиони долари во меѓународни води на брод што испловил од истото иранско пристаниште.
Претходната заплена на „Глен Харис“ на 8 мај вклучуваше 580 килограми метамфетамин и 35 килограми хероин.
„Глен Харис“ пристигна на Блискиот Исток минатата година како дел од контингентот американски кутери на крајбрежната стража, кои се распоредени во регионот како дел од патролните сили за Југозападна Азија.
Од 2021 до 2022 година американските и меѓународните поморски единици на Блискиот Исток заплениле нелегална дрога со вкупна вредност од 1 милијарда долари. Само годинава тие заплениле дрога со проценета улична вредност во САД од повеќе од 250 милиони долари.
Овие напори помагаат да се обезбеди легитимен комерцијален бродски транзит низ регионот, без закани од незаконски поморски ентитети.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Орбан: Унгарија е единствениот европски сојузник на САД кога станува збор за зачувување на мирот во регионот
Унгарија е единствениот европски сојузник на Соединетите Американски Држави кога станува збор за зачувување на мирот во регионот, изјави денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Орбан во редовното неделно интервју за јавниот радио „Кошут“ рече дека за време на претходните избори американската администрација на „левичарите“ ја поддржувала опозицијата во Унгарија, но дека ситуацијата оттогаш се променила, пренесе МТИ.
„Добро соработувавме за време на првиот мандат на претседателот на САД Доналд Трамп. Нашата филозофија е дека суштината на надворешната политика е собирање пријатели. Бевме успешни во Америка бидејќи постои големо меѓународно прашање – војната во Европа, војната меѓу Украина и Русија, прашањето за мир и војна – околу кое се согласуваме и каде што на Соединетите Американски Држави им е потребна поддршка“, рече Орбан.
Унгарскиот премиер ја нагласи важноста на националната петиција на владата и изјави дека само патриотска влада може да ја гарантира безбедноста на Унгарија.
„Мораме да се држиме подалеку од војната, што значи да кажеме ‘не’ и да прифатиме судир со Брисел“, рече тој.
Орбан додаде дека не може сам да го промени ставот на повеќе од 20 други европски земји, но дека се обидува да ги охрабри европските држави да застанат зад мирот.
Унгарскиот премиер оцени дека единствениот начин Европа да избегне војна е оние што сакаат мир – и во Унгарија и низ целиот континент – да ги натераат своите влади да се залагаат за мир, а не за судир.
„Нашата единствена опција е да се држиме подалеку од она што е погрешно“, рече Орбан и додаде дека патриотска влада може да ја обезбеди сигурноста на земјата.
Европа
Висок руски генерал застрелан во Москва
Висок руски воен функционер, генерал-потполковник Владимир Алексеев, беше застрелан во Москва во петокот и итно префрлен во болница. Државните медиуми ја објавија веста, повикувајќи се на истражители, пренесува Ројтерс.
Според официјални информации, непознато лице испукало неколку куршуми кон Алексеев во станбена зграда во северозападна Москва во петокот, а потоа избегало од местото на нападот. Ранетиот генерал бил итно префрлен во московска болница, а неговата состојба сè уште не е официјално објавена, објавија руските медиуми. Истражниот комитет соопшти дека е отворена кривична постапка за обид за убиство и нелегално поседување огнено оружје.
Истражителите и форензичките експерти се на местото на пукањето, ги прегледуваат снимките од надзорните камери и ги испрашуваат сведоците, додека потрагата по напаѓачот или напаѓачите продолжува. Информациите за пукањето брзо се проширија на руските и украинските канали на Телеграм.
Алексеев е заменик-началник на Главната дирекција на Генералштабот на Министерството за одбрана. Тој беше еден од високите функционери испратени да преговараат со водачот на платениците Евгениј Пригожин за време на неговиот краткотраен бунт во јуни 2023 година.
Свет
Мерц повторно патува во Вашингтон
Германскиот канцелар Фридрих Мерц ќе отпатува во Вашингтон на почетокот на март на својата трета посета, во рамките на напорите за ублажување на трансатлантските тензии меѓу европските земји и американскиот претседател Доналд Трамп, објави во петокот германскиот весник „Ди Велт“, повикувајќи се на Ројтерс.
Канцеларијата на Мерц не одговори веднаш на барањето за коментар.
Веста доаѓа околу една недела пред Минхенската безбедносна конференција, годишен собир на високо ниво на експерти за безбедносна политика. На претходната конференција, американскиот потпретседател Џ. Д. Венс остро ги критикуваше европските партнери на САД во НАТО.
Не се очекува Венс да присуствува оваа година, но се очекува да присуствуваат државниот секретар на САД, Марко Рубио, и конгресна делегација.

