Македонија
Град Скопје: Сметката не е блокирана, но има долг што го направил Трајановски, а не го платил ни Шилегов

Од Град Скопје ја демантираат веста дека сметката им е блокирана.
„Сметката на Град Скопје не е блокирана ниту, пак, е загрозено материјално-финансиското работење на администрацијата. За жал, точно е дека Град Скопје има неплатени обврски кон приватни субјекти, а во случајот се работи за долг што го направил ексградоначалникот Коце Трајановски, а потоа не успеал да го плати ниту ексградоначалникот Петре Шилегов.
Ваквиот начин на работа на овие политичари и нивните политички опции не само што го загрозуваат работењето на Градот, како во случајот, туку 33 години ја ставаат државата во должничко ропство. Повеќе од три децении граѓаните на Р. Македонија отплаќаат долгови што ги генерира секоја владејачка гарнитура полнејќи си ги сопствените приватни џебови со пари што денес ги враќаат граѓаните“, велат од Градот.
Од таму додаваат дека во последната година успеале да го вратат својот кредитен рејтинг на највисоко ниво во последните 15 години за што, како што посочуваат, предуслов е токму намалувањето на акумулираните долгови, систематското материјално-финансиско работење и консолидацијата на финансиите.
„Сепак, ја разбираме потребата на поединци, кои во недостиг на идеја со полуинформации креираат сензационализам“, додаваат од Град Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без струја денеска делови од Бутел и Аеродром

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.20 до 12.30 часот, дел од корисниците од ул. 1 во населба Радишани. (општина Бутел)
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од ул. Горно Лисиче лоцирани на потегот од Маг Комерц, А-М Стил, Феромонт Инжинеринг кон село Долно Лисиче. (општина Аеродром)
Македонија
Дел од Аеродром денеска без вода

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на 3-та Македонска Бригада бб, прекинато водоснабдување ќе имаат објектите на Вива, Метро, Центро, Спорт М и Форд, општина Аеродром.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со повремен локален дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер претежно од северен правец (локално над 60 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 7 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен локален дожд. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
До среда ќе се задржи претежно облачно време со повремени локални врнежи од дожд и студени утра. Ќе дува умерен до засилен, а долж Повардарието повремено силен ветер од северозападен правец. Потоа следи период на стабилно и суво со постепен пораст на дневната температура.