Македонија
Пенов: Преку успешно имплементирање на ИПА-инструментот за прекугранична соработка се презентира и зрелоста на земјите од регионот за интегрирање во ЕУ

Спроведувањето на програмите за прекугранична соработка со финансиска поддршка од ИПА-инструментот на Европската Унија е најдобриот начин за учење на правилата на ЕУ за управување со јавните финансии и за спроведување проекти, рече министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов, на 9. форум за прекугранична соработка на земјите од регионот.
„Ја поздравувам оваа пракса на Европската комисија за организирање регионален форум за прекугранична соработка затоа што преку споделување на добрите примери, но и на лошите искуства, најбргу се учи и се коригираат работите. Исто така, сакам да ја истакнам континуираната финансиска поддршка од Европската Унија преку ИПА-инструментот за прекугранична соработка, која е многу важна за државата, за општините, за институциите и за граѓанските организации.
Затоа е важно сите учесници во процесот на спроведување да изградат капацитети и да работат транспарентно и отчетно.
„Во вториот програмски период, во рамките на трите програми за прекугранична соработка на Северна Македонија со Албанија, со Косово и со Србија, во просек се имплементирани или се во фаза на спроведување 50 заеднички проекти. Сè уште процесот на спроведување на програмите не е затворен, но тенденциите покажуваат дека реализацијата на ИПА-средствата ќе биде над 90 %. Тоа значи и речиси целосна искористеност на буџетската поддршка од 15 % за кофинансирање на проектите“, рече тој.
Пенов очекува во третиот програмски период Министерството за локална самоуправа да финансира проекти што ќе бидат одржливи и навистина корисни за граѓаните. За таа цел, планираме со поддршка на Делегацијата на ЕУ да организираме и посебни обуки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Касами: Тетово ќе биде пример за соживот и меѓуетничка хармонија

Во Општина Тетово денеска се одржа седница на Општинскиот совет за превенција, на која беа избрани членовите на Локалниот совет за превенција. На овој состанок присуствуваа претставници од државните институции, верските заедници и други релевантни организации.
Градоначалникот на Општина Тетово, Биљал Касами, во своето обраќање потенцира дека овој совет е клучен за превенција на појави кои ја загрозуваат општествената кохезија.
„Како град и како мултиетничка и мултиконфесионална држава, имаме обврска да испраќаме обединувачки пораки и да ја зајакнеме културата на соживот. Само на тој начин ќе обезбедиме стабилност и посигурна иднина за нашите граѓани,“ истакна Касами.
Тој додаде дека Општина Тетово, во тесна соработка со полицијата, обвинителството, социјалните центри, училиштата и верските лидери, ќе преземе конкретни чекори за граѓаните да живеат во мир, хармонија и заемна почит.
„Нашиот заеднички ангажман е гаранција дека граѓаните на Тетово ќе се чувствуваат заштитени, почитувани и еднакви, без разлика на нивната етничка или верска припадност. Само преку соработка можеме да изградиме поправедно и посилно општество,“ нагласи градоначалникот Касами.
Македонија
(Видео) Нов скопски саем во Бутел и голем парк покрај него е првото ветување на скопјани од Мециновиќ

Амар Мециновиќ, кандидат за градоначалник на Скопје од редовите на партијата Левица, преку социјалните мрежи најави изградба на нов скопски саем во северниот дел на градот, во општина Бутел, покрај обиколницата и булеварот Христјан Тодоровски-Карпош.
„Скопје го загуби саемот поради сите претходни власти, кои не успеаја да ги зачуваат и надградат капацитетите за новите генерации. Наместо тоа, денес тој простор е претворен во трговски центар, што ја одразува политиката на уништување на јавните простори за личен профит. Затоа новиот саем е од клучна важност бидејќи повторно ќе овозможи простор за сите еднакво – за култура, заеднички активности, образование и за социјализација на скопјани“, вели Мециновиќ.
Проектот предвидува изградба на изложбени хали со површина од 20.000 квадратни метри, конгресен центар за јавни собири и трибини, како и отворени простори за културни настани и заеднички активности. Според Мециновиќ, новиот објект ќе биде лесно достапен и ќе придонесе за создавање нов културен и економски пол во градот, кој ќе претставува противтежа на сегашната концентрација на економски и културни активности.
Покрај саемот, најавен е и голем парк, кој треба да стане „белодробен систем на северот на Скопје“. Паркот ќе содржи централен тревник за фестивали и собири, детски игралишта, спортски терени, тематски градини, амфитеатар на отворено и екопатеки со современа инфраструктура.
„Идејата е саемот и паркот да функционираат како целина, како куќа на јавниот живот, простор за културни манифестации, собири и дијалози, но и како зелено прибежиште за спорт, детска игра и колективна релаксација. На тој начин го враќаме јавниот интерес пред приватниот профит“, рече Мециновиќ.
Македонија
Општина Центар доделува стипендии за ученици во износ до 3.500 денари месечно

Општина Центар ги повикува учениците од општинските основни училишта да аплицираат за стипендии во три категории: спорт, култура и науки, техника, посебни вештини.
Стипендиите изнесуваат од 2.500 до 3.500 денари месечно во зависност од категоријата за која аплицираат, во текот на осум месеци од тековната учебна 2025/2026.
„Општина Центар и годинава инвестира во младите, во нивната креативност, знаење и спортски дух. Нивните постигнувања се афирмација не само за нашата локална самоуправа туку и за целата држава“, рече градоначалникот Горан Герасимовски.
Секој ученик може да аплицира само во една категорија.
Потребно е да се достави потврда за редовно школување или доказ за живеалиште , кратка биографија, контакт на родител или старател, фотокопии од свидетелства, добиени признанија и награди, како и потврди од надлежните федерации или организации каде е потребно.
Документите се поднесуваат во Архивата на Општина Центар или по пошта на ул. „Михаил Цоков“ бр 1 со соодветна назнака за категоријата.
Крајниот рок за пријавување е 23 септември 2025 година, а ќе се разгледуваат само комплетни и навремено доставени пријави.