Регион
Урош ги откри мотивите за крвавиот масакр: „Ми беа љубоморни и заговараа против мене“
Урош Блажиќ (20), кој го изврши крвавиот масакр во Младеновац и уби осум лица, а рани 15, откри кој бил неговиот мотив за ова монструозно злосторство.
Како што дознава „Блиц“, тој се обидел да го оправда масакрот што го направил тврдејќи дека трпел насилство во основно училиште, како и дека селаните „го исмевале и заговарале против него“. Урош раскажал детали од својот живот и со тоа открил потенцијален мотив за ова невидено злосторство.
Блажиќ, според неофицијални информации, почнал да пука во 2021 година кога на таванот од куќата нашол „калашников“ и пиштол. Повремено одел на стрелиште, каде што пукал под надзор на вработени. Сепак, тоа не беше сè – Блажиќ вежбаше гаѓање во подрумот од својата куќа.
Како што рече, со пиштол пукал во вреќа со песок во подрумот од куќата. Татко му Радиша Блажиќ е потполковник во војската на Србија, а вчера беше уапсен.
При претрес на објектот што го користел осомничениот Радиша пронајдени се неколку стотици куршуми во различен калибар, наполнети за муниција, еден пиштол и еден револвер. Тој се товари за недозволено поседување оружје и пуштање експлозивни материи во промет.
Тој не бил во блиски односи со убиените, што го потврдиле и селаните, кои рекле дека го познаваат само од видување. Мештаните шокирани од трагедијата се обиделе да разберат зошто Блажиќ ги нападнал соседите со оглед на тоа што не бил близок со никого.
Од друга страна, тој во сведочењето тврди дека мештаните го исмејувале.
„Чувствував потсмев и исмејување. Мештаните правеа заговор против мене“, изјавил Блажиќ.
Тој раскажал и како селаните наводно зборувале лоши работи за татко му, вклучително и дека тој е криминалец. Тој се осврнал на своето растење и периодот од основното училиште. Како што рекол, децата го исмејувале бидејќи бил со потемен тен и не сакал да се дружат со него.
„Од мали нозе гледам неправда и тага, неправдата на општеството се одразува на мене. Немам идоли, јас сум православен, Србин, христијанин, не пушам, не пијам алкохол“, изјавил Блажиќ.
За време на неговото сведочење, во кое се обидел да го оправда монструозното злосторство, споменал и како се дружел со јавни личности. Тој раскажал како бил близок со некои учесници во реалното шоу – Никола Ѓорѓевиќ, Филип Цар, како и со старлетата Дениз Дејм, па дури и го навел тоа како причина за љубомората што другите ја чувствувале кон него.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

