Свет
(Видео) „Јутјубер“ намерно урна авион за повеќе прегледи, му се заканува затвор од 20 години

Американскиот јутјубер Тревор Џејкоб, кој намерно урна спортски авион за да добие што е можно повеќе прегледи, се соочува со затворска казна од 20 години.
Американските обвинители објавија дека Џејкоб ќе се изјасни за виновен за уништување и прикривање со намера да ја попречи федералната истрага бидејќи го исчистил местото на несреќата, јавува Би-би-си.
Признавајќи вина, Џејкоб рече дека видеото е дел од договор за спонзорство на производ, пренесува Би-би-си.
Тревор Џејкоб, 29-годишен пилот и падобранец, го објави видеото од авионската несреќа на „Јујтуб“ во декември 2021 година велејќи дека тоа е несреќа. До денес таа објава собра речиси три милиони прегледи.
Во ноември 2021 година Џејкоб полета од аеродромот во Санта Барбара, Калифорнија, со соло лет, со камери поставени на авионот. Заедно со камерите со себе понел падобран и селфи-стап.
Тој немал намера да стигне до својата дестинација, туку планирал да се катапултира за време на летот и да се сними како скока со падобран на земјата и неговиот авион се урива“, соопшти американското обвинителство за Централниот округ на Калифорнија.
Авионот се урна во шумата Лос Падрес 35 минути по полетувањето. Џејкоб отишол на местото и го снимил видеото.
Некои гледачи на „Јутјуб“ беа скептични за снимката од несреќата истакнувајќи дека Џејкоб веќе имал падобран и не се ни обидел безбедно да го приземји авионот.
Тој ја пријави несреќата до Националниот одбор за безбедност на транспортот.
Џејкоб подоцна тврдеше дека не ја знаел локацијата на несреќата иако отишол таму со хеликоптер и ги отстранил остатоците, кои подоцна ги уништил. Се очекува тој да се појави на суд во наредните недели.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Кина го губи „Тик-ток“ во САД, „Бајт денс“ останува со мал удел

Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша уредба со која се потврдува договорот за одвојување на „Тик-ток“ од кинеската компанија „Бајт денс“ и пренос на мнозинскиот удел во рацете на американски инвеститори.
Според планот, конзорциум предводен од софтверскиот гигант „Оракл“ ќе управува со американските операции на „Тик-ток“, ќе ги чува податоците во домашни сервери и ќе добие лиценца за алгоритмот што препорачува содржини. Очекувањата се американските инвеститори да држат околу 80 отсто од уделите, додека „Бајт денс“ ќе остане со минорен дел.
„Тик-ток“ во САД има околу 180 милиони корисници, а со овој договор платформата ќе продолжи да биде достапна под американска контрола и построг надзор. Од администрацијата на Трамп велат дека целта е заштита на националната безбедност и податоците на корисниците.
Свет
Трамп: Нема да дозволам Израел да го анектира Западниот Брег

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека нема да дозволи Израел да го анектира Западен Брег, одбивајќи ги барањата на дел од крајно десните израелски политичари за проширување на израелскиот суверенитет врз оваа територија.
„Не, нема да дозволам. Тоа нема да се случи. Доста е, време е ова да запре“, рече Трамп во Белата куќа, објаснувајќи дека темата ја покренал по телефонскиот разговор со премиерот Бенјамин Нетанјаху за состојбата во Појасот Газа.
Притисокот за анексија доаѓа од дел од десното крило на коалицијата на Нетанјаху, кое бара формално воведување на израелскиот суверенитет врз Западен Брег. Овие барања предизвикуваат силна загриженост кај арапските лидери, од кои дел се сретнаа со Трамп на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.
Западен Брег е освоен од Израел во војната во 1967 година. Палестинците со децении го бараат како дел од својата идна држава, заедно со Источен Ерусалим и Појасот Газа. На оваа територија денес живеат околу 2,7 милиони Палестинци и околу 700.000 израелски доселеници. Повеќето земји во светот не ги признаваат израелските населби таму и ги сметаат за нелегални според меѓународното право.
Изјавата на Трамп доаѓа во чувствителен момент на засилени судири во Газа и зголемен дипломатски притисок за изнаоѓање долгорочно решение за израелско-палестинскиот конфликт.
Свет
Трамп најави нови царини на лекови, камиони и мебел

Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека од 1 октомври ќе стапат на сила нови царини: 100 отсто на увоз на брендирани лекови, 25 на тешки камиони, 50 на кујнски ормари и 30 проценти на тапациран мебел.
Трамп изјави дека целта е заштита на домашното производство и националната безбедност, додека Американската стопанска комора и повеќе сојузници предупредија дека мерките ќе ги погодат блиските трговски партнери и голем дел од индустријата.