Македонија
Заев: Моите деца учат во Солун и сите тука се љубезни, луѓето ги видоа придобивките од преспанскиот договор
Придобивките од преспанскиот договор, односите со Грција денес, како и ставот на опозицијата за името Северна Македонија, беа темите на кои се осврна експремиерот Зоран Заев во интервју за грчкиот весник „Катимерини“.
Експремиерот вели дека сега анкетите ја покажуваат Грција како еден од петте најдобри пријатели на Северна Македонија, а пред Преспа таа беше еден од нашите три најголеми политички непријатели.
„Денес, многу се радувам кога гледам како семејства меѓусебно комуницираат, се посетуваат, доаѓаат на пазарење, за медицинска нега, на пример, кај стоматолог. Ние доаѓаме на кафе, на храна, на шопинг, особено во Солун. Како политичар многу често сум во Грција бидејќи моите деца учат во Солун и запознавам многу луѓе. Сите се толку љубезни, а има и такви што велат: ‘Господине Заев, јас сум против преспанскиот, но вие сте добар човек. Затоа ајде да работиме заедно’“, рече Заев.
Експремиерот ѝ се заблагодари на грчката влада како за помошта што ѝ ја понуди на неговата земја за време на пандемијата така и за поддршката за НАТО и европската перспектива.
Вели дека е очигледна разликата во односите, а луѓето ги виделе придобивките од договорот.
„Нашите земји и порано имаа некаква економска соработка. Но, сега, по Преспа, сè е отворено. Во Северна Македонија беа направени многу инвестиции од Грција, особено во енергетиката, а во периодот на коронавирусот Грција ни помогна со тоа што ни обезбеди вакцини. Сега градиме заеднички енергетски пазар и се обидуваме да бидеме отпорни и подобро подготвени за идните енергетски кризи. Ние сме мал регион и ако работиме заедно, навистина ќе бидеме посилни“, рече Заев.
Тој во интервјуто рече дека некои десничарски партии сè уште не го прифаќаат новото име, но сега е во нашиот Устав и ќе го почитуваат.
„Знам дека што и да се случи во Северна Македонија во иднина, Уставот мора да се почитува. Дури и лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, јавно коментира дека нема враќање назад. Затоа мора да продолжиме во иднина. Како што тогашната грчка опозиција беше против, денес како влада наоѓа начини и ја продолжува соработката бидејќи никој не сака да уништи нешто што е од корист и за двете страни“, рече Заев.
Говорејќи за ВМРО-ДПМНЕ, експремиерот додаде дека без разлика дали ќе останат во опозиција или ќе станат власт во одреден момент, тие првин мора да го почитуваат нашиот Устав бидејќи тој е најголемиот правен акт во државата.
Заев верува дека најдоцна до 2030 година Северна Македонија ќе биде земја членка на ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Непречено се одвива гласањето на болните и затворениците
Гласањето на болните и немоќните лица, лицата кои се во притвор или затвор, како и на граѓаните сместени во установи за вонсемејна грижа, денеска се одвива без потешкотии во сите општини каде што утре ќе се одржи вториот круг од локалните избори, соопшти Државната изборна комисија (ДИК).
Од Комисијата информираат дека гласањето започнало во 7 часот изутрина и се спроведува непречено на целата територија, вклучувајќи го и Градот Скопје.
Според податоците на ДИК, денес право на глас остваруваат 4.826 болни и немоќни лица, 1.256 лица сместени во 14 казнено-поправни установи и 214 граѓани во 13 центри за вонсемејна грижа.
Вториот изборен круг од локалните избори 2025 ќе се одржи утре, кога ќе се гласа за градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје, како и на три избирачки места во Шуто Оризари за избор на советници.
Според избирачкиот список, право на глас имаат вкупно 1.013.375 граѓани.
Македонија
(Видео) Цеца нагрна бугарско знаме на концертот во Велес, па објасни: „Секогаш прифаќам знамиња од публиката, немав намера да навредам никого“
Пејачката Светлана Цеца Ражнатовиќ се огласи по скандалот со знамето што се случи синоќа на нејзиниот концерт во Велес.
Цеца се завитка во бугарското знаме, што предизвика негодување кај публиката на концертот, по што таа објасни:
„Не е чудно што секогаш сум среќна да го прифатам секое знаме од мојата публика, бидејќи тоа е мојата публика, мојот народ. Нè обединува љубовта кон песната, без разлика од каде доаѓа некој. Жал ми е ако тој чин повреди некого – навистина не ми беше намерата, особено не да ги повредам или навредам домаќините. Верувам дека го знаете тоа. Ви благодарам за прекрасната вечер, за прекрасната енергија, љубовта и спомените што ги создадовме заедно. Имавме концерт“, вели Цеца, а за реакциите и бунтот на социјалните мрежи кажа:
„Реакциите се случија во салата, помеѓу мојата публика и мене. Знаеме како се забавувавме – што беше убаво, а што не беше убаво на концертот што траеше два часа. Тоа е најважно. Нема да се занимаваме со реакциите на социјалните мрежи, бидејќи сите ние што бевме заедно во Велес таа вечер знаеме што навистина се случи. Ништо и никој не може да застане помеѓу мојата публика и мене“, нагласи таа за Блиц.
На концертот таа потоа го крена и македонското знаме.
Македонија
Почина Кире Ѓорѓиевски, еден од осудените за 27 април
Почина Кире Ѓорѓиевски, еден од осудените за настаните на „27 април“, кој беше осуден на 13 години затвор.
Од она што досега е познато, Ѓорѓиевски бил болен и неговата состојба била оценета како тешка.
„Почивај во Мир Кире! И ти не дочека како братот Игор Југ да ја видиш слободата! Уште колку треба да умреме од 27 за да се наситите, уште колку додека ја чекаме правдата, напиша Горан Ангелов на социјалните мрежи.

