Македонија
(Видео) Канческа-Милевска влегува во второ полувреме; Адвокатот: Не може ниту еден суд да донесе поинаква пресуда од ослободителнa

Сашо Дуковски, адвокат на ексминистерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, посочи дека ослободителната пресуда само ги потврдува наводите што тие ги имале. Според него, ова е прво полувреме бидејќи чекаат жалба на Апелација, каде што одново ќе треба да се докажуваат дали слободата на Канческа-Милеска и другите обвинети е оправдана.
„Првин би кажал две работи – одредбите од Законот за кривичната постапка предвидуваат дека судот ја донесува пресудата врз основа на доказите изведени на главната расправа. Втората важна работа што овде треба да се напомене е дека обвинителот е тој што треба надвор од разумно сомневање да ја докаже вината на обвинетите. Ниту едното ниту другото не беше сторено во текот на оваа долга постапка, која траеше шест години. Сè што беше кажано беше индиција и чиста претпоставка и со ништо докажани наводи, кои не може да бидат на ранг на индиции, а камоли на цврст доказ врз кој ќе се заснова осудителна пресуда“, рече Дуковски.
За него, ова е владеење на правото.
„Жалосно е што овие обвинети, без каква било вина, беа подложни на шестгодишна судска постапка со мерки за безбедност, со потпишување во судот, со одземени патни исправи. На крајот, се докажа она што ние го тврдиме – нема ниту еден доказ со кој се утврдува вина. Ваквите пресуди укажуваат како треба да се анализира еден кривично-правен предмет и како треба да се постапува во смисла на еднаквост на странките во постапката. Со ова постапката не завршува – ова е прво полувреме. Застапникот на обвинението ќе поднесе жалба, но цврсто сум уверен дека со оглед на фактите што се презентирани, пред сè, супервештачењето, не може ниту еден суд да донесе поинаква пресуда од ослободителна. Едно е политика, друго е владеење на правото“, додаде Дуковски.
Претходно, Осман Шабани досуди ослободителна пресуда по пет години судење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ вели дека економијата се стабилизира од пустошот и хаосот кој го остави СДСМ

Економијата се стабилизира од пустошот и хаосот кој го остави СДСМ после 7 години катастрофално менаџирање, лоши економски политики и отсуство на мерки и проекти, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„После 7 години откако СДС ја уништи економијата и го срози стандардот на граѓаните, од голем минус стопанството и трговијата во индустријата се стабилизираа. Индикаторите за првиот месец од вториот квартал се високи, што покажува дека состојбата е стабилизирана во рамките на нула. Имаме раст на трговијата во индустријата од 6%, раст на преработувачката индустрија од 6,6%. Раст на прометот со трговијата во индустријата на меѓународниот пазар, каде имаме многу повеќе раст од домашниот. Прометот во трговијата во индустријата надвор е околу 7,5 – 7,6 проценти. За краток период Владата предводена од ВМРО ДПМНЕ исто така успеа да ги стабилизира буџетските приходи, и енормно да ја зголеми довербата на инвеститорите. Владата работи посветено со домаќински скроен буџет, се зголемија платите во клучни сектори како здравство, образование, полиција, се работи на конкретни мерки и проекти за намалување на невработеноста со цел подобар и поквалитетен живот на граѓаните“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Денес протест пред МВР поради одложеното рочиште за убиството на кучето Феликс

Денеска пред Министерството за внатрешни работи во 12 часот ќе се одржи протест поради одложеното рочиште за убиството на кучето Феликс.
Протестот го организира граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ заедно со активистички здруженија и групи за заштита на животните од држава.
-На 15 јуни во 12 часот ве повикуваме на мирен, но гласен и масовен протестен марш што ќе започне пред Министерството за внатрешни работи! Кога едно убиство — најтежок облик на кривично дело — останува неказнето, тоа е тешка повреда на правниот и на моралниот поредок во целото општество. Кога убиец останува на слобода се губи доверба во институциите (полиција, обвинителство, судство), се праќа порака дека животот нема вредност, се поттикнува култура на страв и молчење, наместо правда и одговорност, а насилството се нормализира! Кога нема казна, има повторување! Правдата не е избор, туку обврска на секое демократско и хумано општество! Феликс — симбол на добрината, верноста и кроткоста — беше брутално убиен. Феликс не беше само уште едно бездомно куче, не беше само уште една несреќна жртва! Неговото убиство не смее да помине неказнето! Правдата не дискриминира по вид. Живот е живот! Судот мора да изрече затворска казна ако сакаме и најмал зрак на надеж дека слични дела нема да се повторуваат во иднина!, велат од здруженијата.
Здруженијата бараат итно расчистување на случајот и максимална затворска казна за сторителот Љубе Крстевски како и за неговиот соучесник Бранко Билбиловски, воведување минимум од една година задолжителна затворска казна за кривичното дело убиство и мачење животни од Кривичниот законик, формирање локални (општински служби за заштита на животните), донесување закон за Комунална полиција (со полиција за животни), превентивни мерки за редуцирање на насилството врз животните и системска едукација.
Македонија
По половина час се чека на граничните премини Табановце и Богородица

На граничните премини Табановце и Богородица, времето на чекање за влез и излез од државата изнесува околу 30 минути. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.