Регион
ЕУ: Загрижува изградбата на полициски бази на северот на Косово

Основањето четири полициски бази на северот од Косово предизвикува загриженост, соопшти Европската Унија и ја повика Приштина строго да се придржува до законските процедури и да ги почитува правата на сопствениците при експропријацијата на недвижниот имот, пренесува „РТ Балкан“.
„Воспоставувањето четири бази на косовската полиција на земјиште во приватна и општествена сопственост, во некои случаи и пред поведување на постапката за експропријација, предизвикува загриженост за правата на сопственост на северот од Косово, а властите мора соодветно да го решат тој проблем“, се вели во соопштението на канцеларијата на ЕУ во Приштина.
Во врска со прелиминарната одлука на владата во Приштина за експропријација на земјиште во општините Зубин Поток и Лепосавиќ, ЕУ нагласува дека секој процес на експропријација предвидува претходно известување и сеопфатни информации на сопствениците на недвижности, нивното право да коментираат за бараната експропријација, можноста за соодветен правен лек и нивна соодветна компензација пред процесот.
„ЕУ апелира до властите во Приштина строго да се придржуваат до законските процедури за експропријација на недвижен имот, да направат сè што е во нивна моќ за да се погрижат да се следи соодветниот процес и дека целосно ќе се почитува правото на сопственост на сопствениците на земјиштето што е наменето за експропријација или се заинтересирани за тоа“, се наведува во соопштението.
Косовските власти почнаа со изградба на полициски бази на земјиште во приватна и општествена сопственост во општините Зубин Поток и Лепосавиќ, но по притисокот од Србите и нивните претставници, како и од претставници на меѓународни организации и амбасади, одржаа јавна дебата со сопствениците, правните експерти и локалната самоуправа, на која граѓаните се изјаснија против незаконската конфискација на земјиштето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Се уште трае потрагата по хрватските планинари заробени од лавина на словенечките Алпи

Потрагата по двајцата исчезнати хрватски планинари во Јулиските Алпи продолжи утрово кратко по 7 часот, потврди Словенечката планинска служба за спасување за хрватски Индекс.
Вчера наутро, под врвот Тошќ во Јулиските Алпи беше предизвикана снежна лавина, при што беа затрупани тројца хрватски планинари.
За време на тешкото пребарување и спасување, еден планинар беше пронајден без знаци на живот, додека двајцата мажи сè уште се бараат.
Во потрагата денес е вклучен и хеликоптер.
Екипите веќе тргнаа кон локацијата, но точниот број на вклучени спасувачи сè уште не е познат.
Службата додава дека денешното време дозволува распоредување на хеликоптер, но условите во планините се сè уште нестабилни и постои ризик од нови лавини. Идентитетите на загинатиот планинар и двајцата исчезнати сè уште не се официјално потврдени, но неофицијално хрватските медоуми објавија дека двајцата мажи по кои се трага се браќа.
Шеф на спасувачката служба: Ситуацијата е сложена и опасна
Заменик-шефот на Словенечката планинска спасувачка служба, Клемен Белхар, изјави за ХРТ дека во областа има околу половина метар снег, што не звучи како многу, но создава висок ризик од лавини. Тој додаде дека во планините сè уште има групи алпинисти кои ќе бидат спасени денес и утре.
„Ситуацијата е доста сложена и опасна“, рече Белхар. На прашањето дали има надеж дека преостанатите двајца Хрвати по кои сè уште се трага се сè уште живи, тој одговори: „Секако ќе се однесуваме како да се живи, но колку надеж има, никој не знае“.
Регион
Трагедија во Србија: се преврте чамец во Дунав, има жртви

Брод со неколку лица се преврте синоќа во Дунав кај Бачка Паланка, во соседна Србија.
Како што јавуваат спрските медиуми, во несреќата има жртви и повредени.
На бродот имало 11 лица, 10 кинески државјани и еден српски државјанин, за кој се верува дека го управувал бродот. Според неофицијални информации, станува збор за обид за нелегално преминување на државната граница.
Досега се пронајдени осум лица – шест кинески државјани беа спасени од хрватски спасувачи, додека спасувачите од Србија пронајдоа еден преживеан и едно тело.
Потрагата по останатите исчезнати лица сè уште е во тек. Повеќе информации ќе бидат познати по официјалното соопштение од надлежните органи.
Регион
(Видео) Во Црна Гора убиен член на Шкаљарскиот клан: телото пронајдено во автомобил

33-годишниот Бобан Сјеклоќа беше убиен вчера околу 18 часот во продолжението на војната меѓу црногорските кланови. Телото на овој висок член на ќелијата Цетиње на Шкаљарскиот клан беше пронајдено во кај плажата Трстено во близина на Будва во автомобил „голф“ со регистарски таблички од Подгорица.
Вишата државна обвинителка Ана Радовиќ потврди за црногорски Вјести дека за време на истрагата се пронајдени неколку чаури и дека наредила вештачење на запленетите траги. „Жртвата е идентификувана како Б.С. (33). За време на истрагата се пронајдени одреден број траги и чаури, кои ќе бидат испитани во Центарот за судска медицина“, рече таа.
Извор близок до истрагата за Вјести изјави дека телото го пронашле пожарникари кои биле известени околу 18 часот дека автомобилот излетал од патот. Тој истакна дека мажот бил застрелан преку шофершајбната. Сјеклоќа со години бил во бегство. Според полициските податоци, тој бил важна алка во ќелијата на криминалниот клан Шкаљари во Цетиње.
Специјалното државно обвинителство го обвини за шверц на половина тон кокаин и помагање во ликвидацијата на Андрија Газивода и Перо Мухадиновиќ во Цетиње во 2020 година. Полицијата неколку пати ја претресе неговата куќа во Цетиње, но не го пронајде за време на овие операции.
За потсетување, Шкаљарскиот и Кавачкиот клан се во судир со години. Крвавиот конфликт започна кон крајот на 2014 година поради исчезнувањето на 200 килограми кокаин од стан во Валенсија, што доведе до поделба на некогаш обединетиот криминален клан на два завојувани табора.
фото: принтскрин