Црна хроника
Приведени тројца Македонци, биле дел од ИСИС: Oбвинителството нареди истрага
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против двајца македонски државјани за кои постои основано сомневање дека сториле по едно кривично дело – Служба во непријателска војска од чл. 322 ст.1 од Кривичниот законик.
Денеска во раните утрински часови, под раководство на предметниот јавен обвинител била спроведена синхронизирана полициска акција во Скопје и во Република Франција која била резултат на повеќемесечна меѓународна и меѓуинституционална соработка. Во акцијата во Скопје, како што соопштија од таму, се лишени од слобода две лица, додека во Р.Франција едно лице – македонски државјанин. Осомничените, во 2014 година ја напуштиле територијата на РМ, по што пристигнале во Сирија, место кое било под вооружен судир помеѓу припадниците на Исламска држава – ИСИС и меѓународните коалициони сили. Од месец април до месец август 2014 година, како македонски државјани и граѓани, станувајќи припадници на терористичката организација – Исламска држава – ИСИС учествувале во вооружените судири.
Осомничените, според обвинителството, ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје. Јавниот обвинител кој постапува во предметот ценејќи дека постојат околности што го оправдуваат стравот oд опасност од бегство, дека ќе ги сокријат, фалсификуваат или уништат трагите на кривичното дело и дека со влијание врз сведоци и соучесниците ќе ја попречат истрагата, до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје ќе достави предлог за определување на мерката притвор за осомничените.
Исламска држава – ИСИС од страна на ООН е прогласена како терористичка организација и согласно одредбите во Кривичниот законик граѓанин на РСМ кој за време на војна или вооружен судир служи во непријателска војска или во други непријателски вооружени формации ќе се казни со затвор најмалку три години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Со измами за лажни сообраќајки, охриѓанец „заработил“ 3,6 милиони денари, полицијата го уапси
Полицијата расчисти девет сторени кривични дела измама за лажни сообраќајни незгоди, охриѓанец заврши во притвор, жртвите ги оштетил за 3.600.000 денари.
Полицијата вчера го уапси П.С.(38) од Охрид. По извршен службен разговор П.С. појаснил за начинот, местото и времето на извршување на девет кривични дела од кои шест во Штип и три во Виница при што пријавителите се оштетени за околу 3.600.000 денари. Тој се јавувал на повозрасни лица и лажел дека нивни блиски направиле сообраќајки и им барал пари.
На измамникот му е одреден притвор.
Црна хроника
Бил агресивен и искршил куќна ограда: уапсен маж од Струшко
Синоќа во 21 часот, во струшкото село Радожда, лишен од слобода е К.С.(33) од истото село.
Тој бил пријавен дека го нарушил јавниот ред и мир со агресивно однесување кон М.М. и неговото семејство и извршил оштетување на нивната куќна ограда.
Полицијата соопшти дека по целосно документирање на настанот, против него, ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Претрес во Кавадарци, пронајдено оружје и муниција, уапсено едно лице
Вчера вечер во 22:00 часот, во Кавадарци, полициски службеници го уапсија А.М.(38) од Кавадарци. При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба од Основен суд Кавадарци, биле пронајдени и одземени гасен пиштол, рамка со куршум, воздушен пиштол, два револвери и 58 куршуми 9 мм, кои ги поседувал без соодветна документација.
Тој бил задржан во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

