Регион
„Ги слушам тие сироти деца како плачат“, сведок на масакрот во Младеновац
„Такво сценарио – нема ни во најстрашните филмови“, раскажуваат жителите по крвавиот масакр во Младеновац, за српските медиуми.
„Навистина како да сме проколнати, пред десет години во блиското село Љубиша беа убиени шест мажи, шест жени и едно мало дете, а сега ова“, изјави Драган Павловиќ за „Слободна Далмација“, чија куќа е на само 50 метри од двете соседни клупи каде Урош пукал врз насобраните пријатели, меѓу кои, бил и полицаецот М.П. (22) и неговата сестра К.П. (19), како и 25-годишниот Д.Т.
„За нив немаше спас, беа убиени на лице место, а Д.Т. починал на пат кон болница. Останатите четворица пријатели се ранети и се борат за живот. На улица се уште се гледаат траги од крв, до клупата има многу крвави марамчиња. Глетка од која по вашето тело минуваат морници. Еве, види каде беше“, вели Драган, покажувајќи со раката кон крвавите клупи.
„Излегов од дома штом ги слушнав истрелите, но мислев дека некое дете фрла петарди. Крвта ми се заледи во вените кога видов што се случува. Сè се случи буквално за неколку секунди. Го видов Урош како излегува од автомобилот како пука. Можам да го слушнам плачот на тие кутри деца. Не можам да ви опишам како изгледаше таа сцена. Гледаш како ги убива и не можеш ништо. Знаеш за што се каам најмногу? Зошто не почнав да викам, за да му го одвлечам вниманието за да почне да пука во мене. Посакувам да ме погодеше, да беше спасено барем едно од тие деца“, раскажува тој.
Како што вели, пред да се врати во „мерцедесот“ убиецот дошол кај загинатите и испукал уште куршуми за да ги доврши.
„Беше толку ладнокрвен. Почна да пука и во брат ми кој излезе од дома, за среќа се спаси неповреден иако и тој испука четири куршуми кон него“, кажува потресено Драган за медиумот.
„До таа клупа лежеа мртви деца, брат ми го промаши од пет метри“, рекол Павловиќ и додал дека го познава убиецот Урош и неговото семејство.
Татко му е офицер во Генералштабот, таму има голема репутација, мајка му медицинска сестра. Урош живееше малку овде, малку во Белград, таму има стан. Се занимава со земјоделство, продавајќи овошје. Ништо не укажуваше на тоа дека може да ги убие сите тие деца. Кој знае што го натерало да го направи ова? Можеби секта? Никогаш не сум го видел како пие и пуши. И јас не верувам дека се дрогирал. Не разбирам, сите сме во шок“, додава Драган, не верувајќи дека бил сведок на ова крвопролевање.
Урош Блажиќ беше уапсен во близина на Крагуевац, потсетува медиумот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Словенечкиот премиер најави построги безбедносни мерки по убиството
Словенечкиот премиер Роберт Голоб најави засилување на безбедносните мерки и измени во казнената политика по смртта на 48-годишен маж во Ново Место, кој почина по напад, пренесе „Индекс“.
Во телевизиско обраќање, Голоб рече дека државата ќе направи сè за да ја заштити безбедноста на граѓаните, но предупреди дека „репресивните мерки нема да бидат популарни“.
Тој најави двојно зголемено полициско присуство во југоисточниот дел на земјата и рече дека сите институции – полицијата, обвинителството и судството – ќе добијат поголеми овластувања.
„Овој сторител не стана таков преку ноќ. Тој е производ на систем што не функционирал. За да го смениме тоа, ќе биде потребна цела генерација“, изјави Голоб.
Премиерот ги повика сите политички лидери да покажат одговорност и да не ја користат трагедијата за собирање политички поени.
Регион
Курти не успеа да формира влада
Лидерот на Движењето „Самоопределување“, Албин Курти, соопшти дека актуелната влада ќе продолжи да функционира до одржување на нови парламентарни избори, откако денеска во косовското Собрание не доби доволен број гласови за формирање нов кабинет, пренесе „Фонет“.
„Им благодарам на сите пратеници кои го поддржаа предлогот за новата влада и на граѓаните за поддршката. Бидејќи 56 гласа беа за, 52 против, а четворица воздржани, новиот мандат не може да започне. Во меѓувреме, како актуелна влада продолжуваме кон новите парламентарни избори“, напиша Курти на „Фејсбук“, пренесе „Косев“.
По гласањето, претседателот на Собранието, Димал Баџа, изјави дека одговорноста сега преминува на претседателката Вјоса Османи, која најави консултации со сите партии. Доколку не биде формирана влада, Османи ќе распише нови избори во рок од 40 дена.
Опозициските партии веќе порачаа дека нема да се обидат да формираат влада, бидејќи немаат мнозинство.
Регион
„Ројтерс“: Нафтата за Србија заглави во Хрватска, американските санкции го блокираа танкерот на НИС
Американските санкции воведени против Нафтната индустрија на Србија (НИС), која е во мнозинска руска сопственост, ја спречиле клучната испорака на сурова нафта, што може да доведе до запирање на единствената рафинерија во земјата доколку не се обезбедат нови залихи, пренесе „Ројтерс“, цитира „Индекс“.
Според неименувани извори запознаени со ситуацијата, Србија има само уште неколку дена пред рафинеријата на НИС во Панчево да мора да го прекине процесот на преработка на сурова нафта. Од компанијата не дале коментар.
Претседателот Александар Вучиќ уште на 9 октомври предупреди дека рафинеријата, која снабдува голем дел од пазарот со горива, вклучувајќи бензин и авио-гориво, ќе има тешкотии по 1 ноември. Сепак, Вучиќ порача дека складиштата се полни и дека постојните резерви ќе бидат доволни до крајот на годината.
„Нема да има недостиг од сурова нафта, нејзини деривати ниту енергетска криза“, изјави тој минатата недела.
Испораката запрена во Хрватска
Како што наведува „Ројтерс“, танкерот Maran Helios, кој превезувал околу еден милион барели казахстанска сурова нафта (KEBCO) за НИС, пристигнал во хрватското пристаниште Омишал на 9 октомври — токму на денот кога стапиле во сила санкциите. Меѓутоа, товарот никогаш не стигнал до Србија.
Хрватскиот оператор „Јанаф“ соопштил дека до 8 октомври ја испорачал целата нафта што се наоѓала во неговиот систем и била во сопственост на НИС, и дека по тој датум немало нови испораки за Србија.
Ова, според агенцијата, укажува дека казахстанската нафта купена од НИС воопшто не била примена во системот. „Ројтерс“ не успеал да потврди дали товарот, кој бил истоварен во вторникот по две недели чекање пред пристаништето, е складиран во Омишал или препродаден на друг купувач.
Можна енергетска криза во Србија
Блокираната пратка на сурова нафта би била доволна за работа на рафинеријата во Панчево околу десет дена. Иако моменталните резерви се речиси целосни, нивното намалување ќе ја направи Србија сè позависна од увоз.
Русија и Србија, како што наведува „Ројтерс“, се обидуваат да најдат решение со кое би се укинале американските санкции што стапија на сила по истекот на последното изземање.
„За мене тоа не е прашање. Рафинеријата мора да работи, а бензинските пумпи мора да останат оперативни“, изјавила за „Ројтерс“ Надежда Кокотовиќ, поранешна раководителка на канцеларијата на НИС за односи со Европската унија.

