Македонија
Трајчева ја прикажа шемата на Рашковски: Се сѐ одвивало во кругот на едно пошироко „семејство“
Најголем дел од парите на граѓаните, кои Драги Рашковски ги исплаќал како генерален секретар во Владата, завршувале во неговиот џеб. Со ова тврдење, обвинителката Ивана Трајчева го комеплетираше процесот на докажување вина кај обвинетиот во процесот „Софтвери“. Таа на судијката Фанка Јанчулева Михаиловска и посочи дека иако звучи сложено – сепак се е едноставно. Ја објасни и шемата, посочувајќи дека Рашковски ги вмешал другите шест обвинети за да си го реализира планот и да оствари корист. За сите побара да бидат осудени согласно направеното, а парите исплаќани од буџетот да ги вратат назад.
Од пријатели, до соработници – која е шемата Раковски-други обвинети
Обвинителката Ивана Трајчева посочи дека најпрво мислела дека обвинетите Ивица Димитровски, Игор Христов, Даниел Станчев, Ирена Ивановска, Игор Ивановски и Маја Сиљаноска се случајно вмешани, како и дека нема никаква поврзаност меѓу нив. Потоа, утврдила дека тие се луѓе од доверба на Рашковски.
„Обвинетите Даниел Станчев и Ирена Ивановска се блиски пријатели, а со обвинетиот Драги Рашковски се познавале уште од студентските денови. Тоа е познанство, пријателство, кое трае и до ден денес, односно заедно излегувале по ресторани, си оделе на гости, патувале заедно. Обвинетите Драги Рашковски и Игор Христов заедно студирале. Обвинетиот Драги Рашковски самиот кажа дека имал најголема доверба во него, а со обвинетиот Ивица Димитровски ги спојува пријател на обвинетиот Ивица, кој исто така се вика Драги и така и започнува нивната комуникација, факт кој беше презентиран преку изведените разговори. Обвинетиот Игор Ивановски е брат на обвинетата Ирена Ивановска, а пак обвинетата Маја Сиљаноска е блиска пријателка на братот на обвинетиот Даниел Станчев. И кога ќе се види оваа слика, всушност само од себе произлегува дека се се одвивало во кругот на едно пошироко „семејство“. Оттука, можам лесно да се навратам со појаснување на она што го кажав пред малку, а тоа е дека од каде почнало, таму и завршило“, посочи Трајчева.

Обвинителството даде завршни зборови
Различни фирми ги добивале тендерите, но една ја имала клучната улога
Рашковски се гони за неколку тендери. Обвинителката посочува дека во сите склучил договор со различни фирми – но така е само навидум.
„Иако секоја од трите постапки за јавни набавки, за систем, за ANPR и за кабини, биле склучени со различни оператори, набавуваните стоки биле набавувани од едно исто правно лице – Г.Б.Ц системи, правното лице во сопственост на обвинетиот Игор Христов, човекот во кој имал најголема доверба обвинетиот Драги Рашковски и кого го ангажирал како надворешен соработник во Владата на Р.С.Македонија откако започнал да ја обавува функцијата на Генерален секретар. Иако овие постапки за јавни набавки се различни помеѓу себе, сепак правното лице Г.Б.Ц системи било правно лице за се и ги имало сите потребни работи за истите или пак можело да ги набави токму оние стоки за кои биле склучени предметните договори за јавни набавки. За набавка на некои стоки тој самиот им приоѓал на економските оператори со кои биле склучени договорите за јавни набавки, а за некои, некое друго лице токму него го посочувало. Затоа и реков, правното лице Г.Б.Ц системи, било правно лице за се. Се одело преку обвинетиот Игор Христов. Дали формално или пак не, стоело дека правното лице Г.Б.Ц системи е подизведувач во овие постапки за јавни набавки, во случајов е ирелевантно, кога паричните средства за набавените стоки за предметните јавни набавки во голем дел завршувале кај ова правно лице, неспорно докажан факт“, посочи Трајчева.
Фирмата, беше опишана како субјект кој едвај исплаќал плати, а одеднаш почнала да купува и автомобили. Едниот од нив, го возела сопругата на Рашковски.

Рашковски се гони за неколку тендери
„Па така покрај тоа што правното лице Г.Б.Ц системи учествувало како подизведувач во три јавни набавки спроведени од Генералниот Секретар – обвинетиот Драги Рашковски и откако го подобрило своето финансиско работење во времето додека бил на функција обвинетиот Драги Рашковски, а претходно едвај имало и за плати на вработените, купило две моторни возила, од кои едното го дало на користење на сопругата на обвинетиот Драги Рашковски, иако таа немала никаков деловен однос со правното лице Г.Б.Ц системи. Ова наводно било направено поради пробно возење, како што сакаше да прикаже обвинетиот Драги Рашковски во текот на оваа постапка, но неспорно е дека секое пробно возење е кратко, а не е на подолг временски период. Тука не станува збор за пробно возење, туку за поделба на дел од парите на граѓаните помеѓу овие двајца обвинети“, додаде обвинителката.
Трајчева: Вистинскиот сопственик на фирмата од која се набавува софтверот е Рашковски
Трајчева посочи дека фирмата „Инвока груп“ од која Владата го набавува сообраќајниот софтвер, била основана откако Рашковски станува генерален секретар. За кратко време, почнало да добива тендери. Таа тврди дека реален сопственик на фирмата е Рашковски, што се докажува и од разговорите кои се читале во судница.
„Никако не треба да се заборави и јавната набавка за набавка на софтвер за определување на просечна брзина на возила и изрекување на казни, а за која договор склучиле економскиот оператор Инвока Гроуп заедно со факултетот ФИНКИ, односно пријателите на обвинетиот Драги Рашковски, обвинетите Даниел Станчев и Ивица Димитровски. Овие двајца обвинети ги поврзува токму обвинетиот Драги Рашковски, а не некој друг или пак нивната работа, неспорен факт докажан од изведените разговори, иако тие самите кажуваат во разговорите помеѓу себе дека тешко некој ќе ја направел спојката помеѓу нив. Кога сум кај правното лице Инвока Гроуп, да го појаснам малку истото. Ова правно лице е формирано од обвинетиот Даниел Станчев во многу брзо време откако обвинетиот Драги Рашковски започнал да ја извршува функцијата на Генерален секретар на Владата на Р.С.Македонија, а кој претходно работел во правното лице на својата пријателка, обвинетата Ирена Ивановска. Но, и покрај тоа што ова правно лице било формирано во втората половина на 2017 година, сепак веќе од 2018 година започнало да склучува договори за јавни набавки со Владата, со државни институции. Најголемиот дел од приливите што ги добива ова правно лице, се токму од државните институции. Но, на ова правно лице обвинетиот Даниел Станчев е само формален сопственик, реалниот, вистинскиот, вушност е токму обвинетиот Драги Рашковски. Тој самиот кога разговара со обвинетите Даниел Станчев и Ирена Ивановска за ова правно лице, зборува во множина за „нашето“ правно лице, „ние ќе добиеме“, а не дека обвинетиот Даниел Станчев ќе добиел нешто, односно неговото правно лице. Сите четири предметни постапки за јавни набавки, а за кои носел одлуки обвинетиот Драги Рашковски како Генерален секретар на Владата на Р.С.Македонија, се незаконски спроведени“, вели Трајчева.

Посочи дека системот, кабините, камерите, софтверот – до ден денеска не се во функција.
Посочи дека системот, кабините, камерите, софтверот – до ден денеска не се во функција.
„Овие софтвери и предмети доколку не се водеше оваа постапка ќе останеа засекогаш заборавени, но парите на граѓаните сепак потрошени. За наведените софтвери и предмети, обвинителството докажа дека обвинетиот Драги Рашковски, спротивно на чл.4 од Законот за јавните набавки, нерационално, неекономично и непродуктивно потрошил 17.474.137,00 денари пари на граѓаните, а се со цел да ги впаричи својот патент и системот од неговата докторска дисертација“, додава обвинителката.
„Лукративното однесување на Рашковски не завршило“…
Трајчева продолжи со анализата па додаде: „Очигледно му требале уште, па смислил друг начин како уште народни пари да завршуваат во неговиот џеб. Тука се вклучуваат обвинетите Игор Ивановски и Маја Сиљаноска, кои воопшто не ги извршувале своите обврски согласно авторските договори, а обвинетата Ирена Ивановска свесно им помагала во изготвување на фиктивните месечни извештаи, се со цел дел од паричните средства кои ги земале како хонорарци да му ги вратат на обвинетиот Драги Рашковски. За ваквите фиктивни авторски договори, обвинетиот Драги Рашковски на обвинетите Игор Ивановски и Маја Сиљаноска им исплатил вкупно 1.320.000,00 денари, пари на граѓаните, а дел од тие пари потоа, со помош на обвинетата Ирена Ивановска ги присвоил за себе. Но, ова не се единствените дејствија на обвинетата Ирена Ивановска, туку всушност таа била лицето преку кое биле ангажирани обвинетите Игор Ивановски и Маја Сиљаноска“.
Трајчева посочи дека дел од хонорарите му се враќале на Рашковски.
„Таа (Ивановска) најпрвин ги предложила на обвинетиот Драги Рашковски, а потоа и ги доставувала нивните лични податоци потребни за да бидат составени авторските договори. Тука не смее да се заборави и обвинетиот Ивица Димитровски, кој исто така бил ангажиран како надворешен соработник во Владата и кој си ги извршувал своите работни задачи согласно склучените договори, но сепак дел од исплатените средствата од Генералниот секретаријат, во сооднос од 5:3 од месечниот надомест, односно од 80.000,00 денари, 30.000,00 денари ги враќал на обвинетиот Драги Рашковски. Неспорно дека обвинетиот Ивица Димитровски бил свесен дека е тоа противправно, но сепак се согласил со тоа, и покрај фактот што во конкретниов случај станува збор за универзитетски професор, чија примарна цел мора да биде правилно и морално насочување на академските граѓани во животот, а не тој самиот да сторува кривични дела. Таквите дејствија се се, само не одлика на еден професор, вклучувајќи ги и дејствијата на обвинетиот Драги Рашковски“, рече Трајчева.
Со завршни зборови, следно ќе продолжат обвинетите. Потоа, ќе биде изречена пресуда.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Родителите на починатите деца од „Пулс“ бараат новиот јавен обвинител да го преиспита случајот
Родителите на починатите во пожарот во „Пулс“ денеска на 34. Марш за ангелите во Кочани побараа проширување на истрагата, утврдување на индивидуална одговорност и јавно образложение зошто одредени лица досега не се опфатени со постапка. Исто така, тие испратија порака до новиот државен јавен обвинител – да се преиспита целокупниот предмет од самиот почеток, од денот на трагедијата, како што рекоа, за да се утврди кој знаел, кој дозволил, кој премолчел и кој не постапил.
-Гневни сме затоа што постојат и други лица за кои јавноста, а и ние како семејства, основано знаеме дека носат вина, а истите не се ниту осомничени, ниту предмет на видлива и транспарентна истрага. Нашите деца не се бројка. Тие имаат имиња. Имаат приказни. Имаат семејства што засекогаш ќе ги чекаат. Овој марш е порака: дека сме тука, дека паметиме, и дека нема да дозволиме вистината да се закопа заедно со нашите деца, рече Александар Наунов, татко на починато девојче од пред полициската станица во Кочани.
Пред зградата на Судот и Обвинителството во Кочани, Верица Трифунова, мајка на починатата Моника Спасова, нагласи дека оставката на државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски е задоцнета.
-Денес, во време кога ние повторно чекориме со сликите на нашите деца во срцата, државниот обвинител Коцевски поднесе неотповиклива оставка. Оставка што доаѓа предоцна. Затоа што немаше храброст и волја самостојно да го отвори предметот од денот на трагедијата. Наместо вистинска истрага, тој бараше информации од МВР, а постапките што следеа беа насочени кон лица осомничени уште од 2024 година и претходно, додека вистинските носители на моќ и одговорност останаа заштитени, децидно рече Трифунова.
Таа смета дека новиот државен обвинител треба да го преиспита целокупниот предмет од самиот почеток, од денот на трагедијата, да се утврди кој знаел, кој дозволил, кој премолчел и кој не постапил, и на обвинителна клупа да се најде секој што директно или индиректно придонел за убиството на нивните деца.
Протестниот марш, вообичаено, започна од „Паркот на Револуцијата“, преку Трговскиот центар и Управата за јавни приходи, кон полициската станица и Судот. На двојниот мост кај кружниот тек на улицата „Стево Теодосиевски“, запирајќи, родителите направија застој во сообраќајот, на што возачи реагираа со свирежи од нивните автомобили и не знајќина од кои причини е стојат подолго време во место.
Македонија
Петти конгрес на ДУИ – Ахмети бара нов историски договор
Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, на денешниот Конгрес на партијата во Скопје најави нов „Национален договор за напредок“ и побара целосен ветинг со меѓународен надзор за сите носители на јавни функции во последните 34 години. Ахмети предложи и воведување на „извршен Бадентер“ при избор на Владата, примена на Бадентеровиот принцип во Уставниот суд и нова фаза на функционална и фискална децентрализација.
Лидерот на ДУИ истакна дека иницијативите имаат за цел да го зајакнат унитарниот карактер на државата преку еднакво партнерство на сите заедници, да ја зацврстат довербата во институциите и да обезбедат стабилна, функционална и праведна држава.
– Унитарната држава може да биде функционална и стабилна само доколку се темели врз довербата и лојалноста на сите заедници што живеат во неа. Во таа насока, предлагаме три клучни мерки кои обезбедуваат правична застапеност, функционална еднаквост и општествена кохезија, во духот на Рамковниот договор од Охрид. Прво, избор на Владата со двојно мнозинство, односно извршен Бадентер; Секој нов состав на Владата да ја добие довербата на Собранието не само со мнозинство од вкупниот број пратеници, туку и со мнозинство од пратениците кои ги претставуваат немнозинските заедници, смета Ахмети.
Ова, според него, ќе овозможи Владата да ужива двоен легитимитет и реално да ги претставува сите заедници. – Овој механизам обезбедува двоен демократски легитимитет и гарантира реална застапеност на сите етнички заедници, како и зачувување на меѓуетничката кохезија на највисоките нивоа на извршната власт, рече Ахмети.
Како втора мерка, лидерот на опозициската ДУИ ја посочи примената на Бадентеровиот принцип во Уставниот суд.
-Законите усвоени со двојно мнозинство во Собранието не смеат да бидат поништени од Уставниот суд без двојно мнозинство и во рамките на судскиот состав. Предлагаме уставно-правни измени со кои одлуките што ги засегаат правата на немнозинските заедници нема да се донесуваат без заемна согласност меѓу судиите, рече Ахмети.
Трета мерка, додаде, е продлабочување на децентрализацијата и локалната самоуправа, односно, како што рече, „финансиска автономија на единиците на локалната самоуправа, преку правична распределба и враќање на даночните и таксените приходи во општините каде што тие се создаваат“.
Во делот за владеењето на правото, Ахмети изјави дека ДУИ ја поддржува идејата за темелна истрага на потеклото на имотот, приватизацијата и дејствијата на безбедносните служби од 1945 година до денес, нагласувајќи дека „правдата не смее да биде селективна“.
Најави дека нивниот предлог за „Национален договор за напредок“ ќе ги обедини сите заедници и експерти за заедничка визија на државата „во која достоинството е гарантирано, а соништата се остварливи“. На крајот од обраќањето Ахмети упати повик до младите, жените, професионалците и дијаспората активно да се вклучат во, како што рече, процесот за изградба на европска иднина, бидејќи „иднината не се гради со поделби, туку со еднаквост, не со експерименти, туку со државничка одговорност“.
На Конгресот, партијата усвои четири резолуции – за зајакнување на унитарниот карактер на државата и консолидирање функционална еднаквост, за владеење на правото, независното судство и враќање на довербата во институциите, за национален договор за напредок и одржливиот развој на државата и за европската интеграција.
Македонија
Откажани летови и отежнат авиосообраќајот на скопскиот аеродром поради маглата
Како резултат на ниската видливост предизвикана од густата магла што ја зафати скопската котлина денеска до 14 часот на Меѓународниот Аеродром Скопје има пет откажани, два пренасочени и шест летови со доцнење. Од 12 часот временските услови се подобрени, така што три лета пристигнаа, еден полета, а три лета се спремни да полетаат, информираат од ТАВ Македонија.
Од ТАВ Македонија апелираат до сите патници дека временските услови се менуваат постојано и во однос на нивните летови да ги следат насоките кои им ги дава нивната авиокомпанија.
-Денеска, 20 декември 2025, од 00:00 часот до 14 часот, на Меѓународниот Аеродром Скопје има 5 откажани летови, 2 пренасочени летови и 6 летови со доцнење, како резултат на ниската видливост предизвикана од густата магла што ја зафати скопската котлина. Од 12 часот временските услови се подобрија, така што 3 лета пристигнаа (од Дортмунд, Истанбул и Париз), 1 лет полета (за Истанбул), а 3 лета се спремни да полетаат (за Осло, Љубљана и Баден-Баден), информираат од ТАВ Македонија.
Маглата, што го зафати денеска Скопје го отежнува авиосообраќајот на скопскиот аеродром, каде, според податоците од официјалната веб-страница, има откажани и летови што се реализираат со задоцнување, додека сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по суви коловози, но со намалена видливост на одредени патни правци.

