Свет
Американски ловци пресретнале 6 руски бомбардери во близина на Алјаска

Група американски борбени авиони пресретнале шест руски бомбардери во близина на Алјаска, каде што во тек се американски воени вежби за обука, соопшти во неделата Северноамериканската команда за воздушна одбрана (НОРАД).
НОРАД соопшти дека во четвртокот откриле, следеле, позитивно идентификувале и пресретнале шест руски авиони, кои оперирале во и во близина на зоната за идентификација на воздушната одбрана (АДИЗ) на Алјаска.
Меѓу руските авиони имало бомбардери „ту-95“, танкери „ИЛ-78“ и борбени авиони „су-35“, пренесуваат медиумите.
Заедничката американско-канадска одбранбена команда додаде дека руските летови се случиле во време кога на Алјаска се одвиваат неколку планирани големи воени вежби на САД.
Тимот за пресретнување на НОРАД вклучувал ловци F-16, F-22, KC-135 „стратотанкер“ и авиони „E-3 авакс“ .
— North American Aerospace Defense Command (@NORADCommand) May 13, 2023
Од НОРАД соопштија дека руските авиони останал во меѓународниот воздушен простор и не навлегле во американскиот или канадскиот суверен воздушен простор.
Во нивното соопштение се додава дека руската активност во северноамериканската АДИЗ се случува редовно и на неа не се гледа како на закана.
Според процените на НОРАД, секоја година во АДИЗ се случуваат просечно по шест-седум упади на руски авиони.
Инцидентот се случува во време кога тензиите меѓу Вашингтон и Москва остануваат високи откако американското воено надгледувачко беспилотно летало (MQ-9 Reaper) падна во Црното Море на 14 март по средба со руските борбени авиони „су-27“ во меѓународниот воздушен простор во близина на територијата за која Русија тврди дека ја анектирала од Украина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Дописник на Би-би-си: Заборавете на Томахавките, состанокот Трамп-Путин е ладен туш за Украинците

Доналд Трамп повторно се обидува да ги комбинира дипломатијата и политиката на моќ – овој пат помеѓу Москва и Киев.
Само неколку часа пред планираната средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски, американскиот претседател му се јави на Владимир Путин, што предизвика загриженост и сомнеж во Киев за американските намери.
Трамп му рече на Путин дека наскоро ќе следи состанок на високи американски и руски претставници, по што ќе следи нова средба во Будимпешта.
Двајцата претседатели последен пат се сретнаа во Алјаска во август. Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, изјави дека Трамп „верува дека е сè уште можно“ да ги донесе Путин и Зеленски на иста маса, но нема планови украинскиот претседател да се придружи на самитот.
Вашингтон, исто така, разгледува дали Украина може да добие крстосувачки ракети Томахавки, но набљудувачите веруваат дека таквата одлука би била тешко да се донесе во време кога САД се обидуваат да отворат нов канал кон Москва.
„Трамп се врати на идејата за прекин на огнот од самитот во Алјаска, сега со надеж дека крајот на војната во Газа би можел да поттикне и мир во Украина“, пишува дописникот на „Скај њуз“ од САД, Дејвид Блевинс.
Би-би-си: Ова е политички ладен туш
Сепак, во Киев тоа е ладен туш. Дописникот на Би-би-си, Џон Садворт, вели дека повикот на Трамп до Путин, за кој Кремљ тврди дека е инициран од Русија, „нема да биде сфатен како добар знак“ во Украина.
Пред неговото патување во Вашингтон, помошниците на Володимир Зеленски рекоа дека забележале промена во тонот во Белата куќа – тие верувале дека Трамп почнува да „го гледа светот низ нивните очи“. Тие се надевале дека оваа недела ќе биде моментот кога тој ќе добие одобрение за испорака на американските ракети Томахавк и можност за удар подлабоко на руска територија.
Наместо тоа, пишува дописникот на Би-би-си во Киев, Путин е награден со уште еден состанок со американскиот претседател. „Заборавете ги Томахавките – ова изгледа како политички ладен туш“, заклучува Садворт.
Свет
Путин до Западот: Купија билет и не патуваа, само за да се налутат на кондуктерот: рускиот енергетски систем работи беспрекорно

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека одбивањето на европските земји да се потпираат на руските енергетски ресурси сериозно ја поткопа конкурентноста на нивните економии и доведе до пад на индустриското производство и пораст на цените низ целиот континент.
Зборувајќи на пленарната сесија на Руската недела на енергија во Москва, Путин истакна дека постапките на западните политички елити „ја уништија глобалната енергетска инфраструктура“, нагласувајќи дека политичкиот притисок довел до ирационални одлуки во ЕУ, според западните медиуми.
„Многу европски земји, под политички притисок, одбија да купуваат руски енергетски производи. Веќе неколку пати предупредив за последиците – не за Русија, туку за самите тие земји. Гледаме пад на индустриската активност и пораст на цените поради поскапата нафта и гас од странство“, рече Путин.
Тој додаде дека, по забраната за соработка со Русија, западните компании почнаа да ја губат својата технолошка предност и да го намалуваат производството, додека руските експерти станаа „технолошки лидери“ на пазарот.
„Што направија? Купија билет и не патуваа – само за да се налутат на кондуктерот. Каква глупост.
Нашиот енергетски систем е еден од најголемите во светот. Овој огромен комплекс работи сигурно и ефикасно“, заклучи претседателот на Русија.
Свет
Кремљ: Путин го предупреди Трамп за време на разговорот

Во денешниот телефонски разговор, рускиот претседател Владимир Путин го предупреди американскиот претседател Доналд Трамп дека испраќањето крстосувачки ракети „Томахавк“ во Украина ќе го загрози мировниот процес и ќе им наштети на односите меѓу САД и Русија. Веста беше потврдена од Кремљ во официјално соопштение, пренесуваат медиумите во регионот.
Според Кремљ, Путин изразил загриженост поради можноста напредното американско оружје во рацете на украинските сили да доведе до понатамошна ескалација на конфликтот. Предупредувањето јасно посочи дека таков потег од страна на Вашингтон би имал директни негативни последици врз билатералните односи на двете сили.
Советникот на Путин, Јуриј Ушаков, им изјави на новинарите дека Путин во разговорот нагласил дека руските сили во моментов имаат „целосна стратешка иницијатива“ по целата линија на фронтот во Украина.
Ушаков додаде дека денешниот повик, кој траел речиси два и пол часа, бил инициран од руска страна. Тој, исто така, објави дека на планираниот нов самит меѓу двајцата претседатели ќе му претходи разговор меѓу државниот секретар на САД, Марко Рубио, и рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, кој се очекува да се одржи во наредните денови, пренесува index.hr.
Фото: принтскрин