Свет
Турската опозиција обвинува за манипулација со пребројувањето на гласовите
Лидерот на Републиканската народна партија (ЦХП), Кемал Киличдароглу, го повика турскиот Врховен изборен совет да постапи одговорно и да побрза со објавувањето на резултатите од претседателските избори тврдејќи дека владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) на претседателот Реџеп Таип Ердоган ја блокира волјата на Турција, пренесува „Ал џезира“.
„Драга моја нацијо, тие го блокираат системот со повторени приговори на гласачките места, каде што имаме поголем број гласови. Не можете да го спречите тоа што ќе се случи преку приговори. Нема да дозволиме ‘завршена работа’ “, истакна Киличдароглу од партиското седиште во Анкара во неделата вечерта.
Киличдароглу, сепак, истакна ќе прифати втор круг и дека ќе победи.
„И покрај сите негови лаги и напади, Ердоган не го доби посакуваниот исход. Никој не треба да биде уверен дека ова е ‘завршена работа’. Изборите не се добиваат на балкон“, истакна тој очигледно алудирајќи на обраќањето на Ердоган.
Партијата на Ердоган, од друга страна, го обвини ривалскиот кандидат за „обид за атентат на националната волја“, а портпаролот Омер Челик ги нарече тврдењата на Киличдароглу неодговорни.
Кандидатот аутсајдер, Синан Оган, исто така се огласи со тврдења дека неговиот табор „слушнал дека се вршат некои манипулации во процесите на пребројување гласови во странство“.
„Нема да дозволиме ‘завршена работа’ со манипулација со странски гласови. Не кревајте тензии. Ова е само до вториот круг“, напиша Оган на „Твитер“.
Претседателот на Врховниот изборен совет, Ахмет Јенер, ги отфрли обвинувањата од опозицијата дека ги одложува резултатите посочувајќи претходно во неделата дека податоците се внесуваат во системот и се споделуваат со медиумите и политичките партии во мигот кога пристигнуваат.
Со преброени повеќе од 99 % од гласачките ливчиња, првично удобното водство на Ердоган се намали на 49,4 отсто – нешто под мнозинството од 50 % потребни за да се избегне вториот круг, пренсува „еАнадолија“. Неговиот главен ривал од опозицијата, Киличдароглу, освои 44,9 % од гласовите, Синан Оган освои само 5,3 %.
Додека повеќето од домашните гласови се веќе пребројани, повеќето гласачки ливчиња од странство допрва треба да се пребројат. Распределбата на гласовите може да се промени и во зависност од тоа како изборното тело се справува со гласовите дадени за Мухарем Инџе, кој се повлече од трката, но сепак освои околу 0,5 %.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Руски дипломат: На работ сме на договор за мир во Украина
Заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков, изјави во интервју за Еј-Би-Си дека верува оти страните во војната се „на работ“ на дипломатско решение што би го завршило руско-украинскиот конфликт.
„Подготвени сме да постигнеме договор“, рече Рјабков, додавајќи дека се надева оти спогодбата може да биде постигната „поскоро отколку подоцна“.
Неговите изјави доаѓаат откако претставници на американската администрација сигнализираа дека мировен договор можеби е поблизу од кога било, наведувајќи дека околу 90 проценти од спорните прашања веќе се решени.
И покрај оптимистичкиот тон, Рјабков повтори дека Русија не се откажува од контролата врз Крим, како и врз делови од украинските области Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон, што Киев ги смета за неприфатливи услови.
Тој истакна дека Русија нема да прифати присуство на НАТО-сили во Украина, дури ни како безбедносна гаранција по завршувањето на војната.
Разговорите се водат со посредство на САД, како дел од мировната иницијатива на Белата куќа за ставање крај на руската инвазија започната во февруари 2022 година.
Свет
Мерц: САД се подготвени за обврзувачки безбедносни гаранции за Украина
САД се подготвени да преземат правни безбедносни гаранции слични на член 5 од Договорот за НАТО. Ова го изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц, цитиран од „News.LIVE“. Повоениот мир за Украина мора да биде обезбеден со материјални и правни гаранции од САД и Европа, нагласи германскиот канцелар Мерц, додавајќи дека сојузниците повеќе нема да ги повторуваат „грешките од Минските договори“.
Овие гаранции треба да бидат сеопфатни, истакна Мерц, додавајќи дека нивната специфична содржина ќе биде разгледана подоцна: „Во случај на нов напад од страна на Руската Федерација, Украина би можела да се одбрани не само сама, туку и со поддршка на оние земји што ќе ги преземат обврските“.
Според канцеларот, Европејците ѝ ги предале на Русија своите предлози за обезбедување безбедносни гаранции и „топката сега е во дворот на Москва“. Мерц го повика Кремљ да покаже дека навистина сака мир и да се согласи на целосно прекин на огнот со Украина за време на божиќните празници.
Веќе има сигнали од украинската страна и од водечките земји од ЕУ дека е можно на крајот да има договор меѓу САД и Украина за тоа како треба да изгледа идниот мир. Но, Русија сепак ќе мора да биде убедена, дури и ако Украина и САД на крајот постигнат договор за Донбас. Американската страна, исто така, била задоволна од тоа како се одвивале преговорите, тврди Ројтерс, врз основа на свои извори.
„Разговорите не се лесни, но се продуктивни“, коментираше украинскиот претседател Володимир Зеленски и потврди дека Украина и САД имаат различни ставови за судбината на Донбас.
depositphotos
Свет
Зеленски: Не е постигнат компромис за територијалното прашање за време на преговорите во Берлин
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека позициите на САД и Украина за поделбата на териториите сè уште се разликуваат. Тој го објави ова за време на заедничката прес-конференција со Фридрих Мерц на Германско-украинскиот економски форум, пренесува „Европејскаја правда“.
Тој нагласи дека САД дејствуваат како посредник во овие преговори.
„Секако, не сите прашања се едноставни. Постојат сложени работи, особено во врска со териториите. Секако, сите го покренуваат ова прашање. И тука е важно сите ние да работиме на тоа ваквите прашања да се решат апсолутно праведно. Дијалогот за териториите не беше доволен и ми се чини дека досега имаме различни позиции, да бидам искрен, но мислам дека колегите го слушнаа мојот личен став“, рече Зеленски.
Во исто време, тој истакна дека е постигнат напредок по многу прашања за време на неодамнешните преговори.
„Навистина имаше напредок по многу прашања. Искрено, не знам како Русија ќе го перцепира ова – во однос на релевантните резултати од нашите разговори“, нагласи украинскиот шеф на државата.
Во Берлин се одржа состанок на украинската делегација предводена од Володимир Зеленски со претставници на тимот на американскиот претседател Доналд Трамп.
Специјалниот претставник на американскиот претседател Стив Виткоф денес објави значителен напредок во преговорите.
depositphotos

