Македонија
(Видео) Митева: Нови тендери по мерка на МОН за учебниците по странски јазик, дискриминаторски услови за големи заработки
Додека власта преку шнајдерски скроени кампањи држи тематски трибини под мотото резултати, сигурно мислат на резултатите од криминалот, корупцијата и уништувањето на Македонија за кое се неприкосновени. Скандалите и уништувањето на образованието никако да запрат, учебници нема, но затоа има тенденција за скроени тендери по нечија желба за големи заработки, изјави пратеничката од ВРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
„Објавениот повик за одобрување учебници по странски јазик за деветгодишно основно образование е со низа недоследности и согласно тврдењата во јавноста на реномирани издавачки куќи, како ‘Оксфорд’ и ‘Пирсон’. Имено, повикот што беше објавен во март по неколку основи е дискриминаторски. Прво, станува збор за оглас во кој се предвидени ограничувачки услови кои фрлаат сомнеж дека со ваквиот потег се фаворизираат фирми што би ги исполнувале условите од јавниот повик. Станува збор за два услова, прво апликантот да има ирелевантни ИСО-сертификати и, второ, во секоја од минатите три години да има годишен приход по 20 милиони денари. Ова потврдува дека Министерството за образование и наука во својот повик воведува нови, досега нечуени критериуми, поради кои дури и реномирани издавачи не може да аплицираат на повикот.
Дополнително, издавачките куќи што се јавуваат како автори на учебници се од англиско говорно подрачје, учебниците на фирмите што ги застапуваат се направени според европска рамка за образование за изучување странски јазик, но сепак МОН одлучило да формира комисија што ќе ги оценува, иако издавачките куќи се специјализирани само за оваа работа. Па се поставува прашањето – која би била функцијата на комисијата, кои критериуми треба да ги оценуваат ако знаеме дека станува збор за издавачи чија специјалност е токму ова?
Воедно, станува збор за издавачките куќи „Оксфорд“ и „Пирсон“, кои јавно изјавија дека ваквите критериуми се негаторски и дискриминирачки затоа што тие не би можеле да имаат приход од 20 милиони денари за секоја од трите последни години бидејќи книгите, пред сè, се специјализирани и се продаваат по реални пазарни цени, а за добивање ИСО-сертификат се потребни минимум шест месеци, а тој услов МОН го поставило како критериум неколку дена пред да го распише повикот“, рече Митева.
Според неа, тоа е потенцијал за нов криминал во МОН.
По учебна година во која учебниците беа финално поделени во април, само еден месец пред завршување на школската година, дополнително тендерот за свидетелства е повторно објавен за што повторно се поставува прашањето дали учениците и оваа година ќе имаат свидетелства навреме за на крајот да имаме и нов сомнителен и фаворизирачки тендер, кој се однесува на учебниците по англиски јазик, порача Митева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

