Свет
„Амнести интернешнл“: Бројот на егзекуции во светот е најголем од 2017 година, во некои земји владее смртоносно лудило“
Речиси 900 луѓе во 20 земји биле егзекутирани во 2022 година, најмногу од 2017 година, предупреди „Амнести интернешнл“ (АИ) во својот годишен извештај за смртната казна осудувајќи го смртоносното лудило во некои земји.
„Бројот на егзекуции во 2022 година достигна највисоко ниво во последните пет години, а за тоа во најголем дел придонесоа земјите од Блискиот Исток и Северна Африка, каде што владееше смртоносно лудило“, посочува АИ. Според податоците на таа организација за човекови права, во 2022 година смртна казна е извршена на 883 лица во дваесет земји, што е зголемување од 53 отсто во однос на претходната година.
„Брзиот пораст на бројот на егзекуции, кој веројатно не ги вклучува илјадниците егзекутирани во Кина минатата година, главно може да се припише на земјите од Блискиот Исток и Северна Африка, каде што во 2021 година беа егзекутирани 520 луѓе, а дури 825 лица во 2022 година“, се вели во извештајот на АИ.
Во Саудиска Арабија „81 затвореник беа егзекутирани за само еден ден“, рече Агнес Каламар, генерален секретар на „Амнести“. Покрај тоа, таа го обвини Иран дека „во очајнички обид да се потисне народното востание им ги одзеде животите на луѓето што само го користеа своето право на протести“.
Во исто време АИ истакнува дека вкупниот број егзекутирани луѓе во 2022 година е всушност значително поголем поради „тајноста што го опкружува извршувањето на смртната казна во земји како Кина, Северна Кореја и Виетнам“.
„Иако не го знаеме точниот број на егзекуции во Кина, таа земја несомнено е лидер по бројот на егзекуции“, додава „Амнести“. Сепак, од извештајот произлегува нота на оптимизам бидејќи шест земји целосно или делумно ја укинаа смртната казна во 2022 година.
Казахстан, Папуа Нова Гвинеја, Сиера Леоне и Централноафриканската Република ја укинаа смртната казна за сите кривични дела, а Екваторијална Гвинеја и Замбија ја укинаа смртната казна само за граѓански прекршоци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бројот на загинати во терористичкиот напад на плажата Бонди се искачи на 16
Бројот на загинати во пукањето на плажата Бонди во Сиднеј се искачи на 16, вклучувајќи и едно дете, изјави министерот за здравство на Нов Јужен Велс, Рајан Парк.
Бројот на повредени и хоспитализирани исто така се зголеми, од 29 на 40.
Нападот се случил околу 18:47 часот по локално време, кога најмалку две вооружени лица отвориле оган кон околу 1.000 луѓе собрани во паркот Арчер, каде што еврејската заедница организирала јавна прослава. Еден од осомничените бил убиен на местото на настанот, додека вториот е повреден и приведен. Не е исклучена можноста за вмешаност на трет осомничен, но истрагата е во тек.
Австралискиот премиер Ентони Албанезе го осуди нападот, нарекувајќи го „чин на зло, антисемитизам и тероризам“.
„Ова беше целен напад врз еврејската заедница на ден што требаше да биде ден на радост и прослава. Ова е удар во срцето на нашата нација“, изјави Албанезе, кој свика итна седница на Комитетот за национална безбедност.
Нападот предизвика осуди и изрази на сочувство од бројни светски лидери.
Свет
(Фото) Илјадници на улиците на Будимпешта – бараат оставка од Орбан по скандалот со злоупотреба на деца
Илјадници граѓани излегоа на улиците на унгарската престолнина во саботата, барајќи оставка од премиерот Виктор Орбан поради скандалот со злоупотреба на деца во воспитно-поправен дом за малолетници во Будимпешта.
Протестот беше предводен од лидерот на опозицијата Петер Маѓар, кој со демонстрантите маршираше до канцеларијата на премиерот. Граѓаните носеа транспаренти со пораки „Заштитете ги децата“ и плишани играчки, во знак на солидарност со жртвите на насилството.

Повод за протестите е видеото објавено претходно оваа недела, кое наводно го прикажува службеникот, кој до неодамна беше вршител на должноста директор на малолетнички поправен дом во Будимпешта, како се впушта во серија насилни дела, вклучително и клоцање дете кое лежи на земја и удирање на главата на друго дете од маса.
Осомничениот поднесе оставка и е приведен, а полицијата изврши рација и приведе уште неколку лица. Истрагата е во тек.
Орбан изјави дека насилството е неприфатливо, нагласувајќи дека и малолетните деликвенти не смеат да бидат третирани на таков начин, но додаде дека станува збор за специјална институција во која се сместени лица осудени за тешки кривични дела. Овие изјави предизвикаа дополнителни критики во јавноста и обвинувања за релативизирање на случајот.
Опозицискиот лидер Маѓар ја обвини владата за неуспех да ги заштити децата во системот за социјална заштита и побара политичка одговорност. Неговата партија Тиса, според анкетите, води пред парламентарните избори закажани за април.
Скандалот дополнително го зголемува притисокот врз Орбан, само неколку месеци пред изборите, а аналитичарите оценуваат дека темата за заштита на децата и институционалната одговорност ќе биде клучна во претстојната кампања.
Свет
Сè што досега е познато за терористичкиот напад на плажата Бонди во Сиднеј
Најмалку 12 лица загинаа, а 29 беа повредени во терористички напад што се случи за време на прославата на првата ноќ на Ханука на познатата плажа Бонди во Сиднеј.
Нападот се случил околу 18:47 часот по локално време, кога најмалку две вооружени лица отвориле оган кон околу 1.000 луѓе собрани во паркот Арчер, каде што еврејската заедница организирала јавна прослава. Меѓу загинатите има 12-годишно девојче и рабин, пренесуваат медиумите.
Полицијата соопшти дека еден од осомничените бил убиен на местото на настанот, додека вториот е повреден и приведен. Не е исклучена можноста за вмешаност на трет осомничен, но истрагата е во тек.
Полицијата на сојузната држава Нов Јужен Велс воведе безбедносен кордон околу делови од плажата Бонди. Во близина на местото на нападот беше пронајдено возило со импровизирани експлозивни направи, кои подоцна беа безбедно отстранети од специјалните служби.

Австралискиот премиер Ентони Албанезе го осуди нападот, нарекувајќи го „чин на зло, антисемитизам и тероризам“.
„Ова беше целен напад врз еврејската заедница на ден што требаше да биде ден на радост и прослава. Ова е удар во срцето на нашата нација“, изјави Албанезе, кој свика итна седница на Комитетот за национална безбедност.
Премиерот на Нов Јужен Велс, Крис Минс, ја пофали храброста на граѓанин кој се соочил со еден од напаѓачите и му го одзел оружјето.
„Тој човек е вистински херој и без сомнение спаси многу животи“, рече Минс.
Нападот предизвика осуди и изрази на сочувство од бројни светски лидери. Израелскиот претседател Исак Херцог го нарече нападот „подол терористички чин“, додека британскиот премиер Кир Стармер и лидерите на повеќе европски земји изразија солидарност со Австралија и семејствата на жртвите.

