Македонија
Грковска: Сајбер-нападите се постојана закана и затоа мора континуирано да ги јакнеме отпорноста и безбедноста

„Заканите за сајбер-безбедноста постојано еволуираат и затоа професионалците за сајбер-безбедност мора да бидат опремени со најсовремени знаења и алатки за ефективно да се заштитат од нив. Техничките обуки им даваат можност да се запознаат со новите технологии, софтвер и најдобрите практики за сајбер-безбедност, што им овозможува поактивно да ги штитат своите организации од сајбер закани“, изјави заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, на отворањето на конференцијата „Балкански денови за сајбер-безбедност 2023“, која од денеска до 18 мај се одржува во Охрид.
Осврнувајќи се на важноста на експертските конференции, на кои се разменуваат знаења и искуства и се градат заеднички пристапи во справувањето со овој тип закани, вицепремиерката Грковска истакна дека само со обезбедување можности за обука на вработените на сите нивоа можеме да создадеме чувство на заедничка одговорност за сајбер-безбедноста и да се осигуриме дека сите се опремени да идентификуваат и да одговорат на потенцијалните закани.
„Хибридните закани се опасност со која постојано се соочуваме, што значи дека постојано мора да ја јакнеме нашата отпорност“, посочи Грковска додавајќи дека како претседавач со Националниот совет за дигитална трансформација посветува посебно внимание на прашањата поврзани со сајбер-безбедноста.
Од минатата година Северна Македонија стана членка на GFCE (Global Forum on Cyber Expertise) и активно учествува во повеќе иницијативи и платформи.
Конференцијата „Балкански денови за сајбер безбедност 2023“ е во организација на Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор (DCAF – Geneva Centre for Security Sector Governance), Форумот за справување со инциденти и безбедносни тимови (FIRST- Forum for Incident Response and Security Teams) и MKD-CIRT – Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти при Агенцијата за електронски комуникации. Настанот е во рамките на проектот „Добро владеење во областа на сајбер-безбедноста на Западен Балкан“, поддржан од Канцеларијата за надворешни работи, Комонвелт и развој на Обединетото Кралство. 100-ина учесници на конференцијата ќе стекнат знаења за новите видови закани и трендови во сајбер-безбедноста и ќе ги подобрат способностите за справување со вакви инциденти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Министерството за здравство формира независна меѓународна комисија по изјавата на Кедев за непотребни кардиолошки интервенции

Министерот за здравство, Азир Алиу, најави формирање комисија со експерти од три различни земји за проверка на работењето во приватните здравствени институции, но и продолжување на контролите во јавните здравствени установи кои се занимаваат со истата проблематика. Одлуката следи по изјавата на кардиохирургот, Сашко Кедев, дека во некои приватни болници се вршат непотребни интервенции со цел профит, вклучувајќи и стентирања и операции.
Алиу рече дека комисијата ќе биде независна и дека извештајот ќе служи како патоказ за понатамошни мерки. Од наредниот месец, приватните здравствени установи ќе мора да ги отворат базите со информации за кардиолошки интервенции, со цел Министерството да ги агрегира податоците и да има увид во здравствените патеки на граѓаните.
Министерот потврди дека има база со информации од 2019 до 2025 година за кардиолошки интервенции во јавните и приватните установи и дека ќе се сретне со д-р Кедев за понатамошна соработка. Фондот за здравствено осигурување, пак, ги следи сите прашања за квалитетот и законитоста на услугите, но оценката на медицинската оправданост останува надлежност на Државниот здравствен и санитарен инспекторат и специјалните комисии формирани од министерот.
Македонија
Никоски: Новата градинка во Потстаница, Драчево, значи подобра грижа за децата и поголема поддршка за семејствата

Како напредуваат градежните работи за новата градинка во Потстаница, Драчево, на лице место излезе да провери и директорот на Управата за заштита на животната средина и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Никоски, заедно со премиерот Христијан Мицкоски, заменик-министерот за труд и социјала Ѓоко Велковски и градоначалникот на Општина Кисела Вода,Орце Ѓорѓиевски.
„Oвој објект e со вкупна површина од 300 квадратни метри и дополнително дворно уредување од 700 квадратни метри. Тој ќе обезбеди подобра грижа за децата и поголема поддршка за семејствата во овој дел од општината. Овој проект е доказ за нашата посветеност кон социјалниот развој и унапредување на квалитетот на животот во Кисела Вода“, рече директорот Никоски.
Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, најави дека новата детска градинка ќе биде целосно завршена за само 20 дена и дека во неа ќе бидат згрижени 75 деца.
Македонија
Тошковски го суспендирал, а Чадиева го вратила на работа командирот кој пукаше со калашников – ВМРО-ДПМНЕ го објави решението по прозивките на СДСМ

Командирот од Ропотово кој пукаше со калашников од балкон и беше суспендиран, повторно е на работа. СДСМ денес го критикуваше министерот Панче Тошковски, прашувајќи зошто го дозволил неговото повторно именување. Но ВМРО-ДПМНЕ попладнево излезе со тврдење дека бил вратен на работа од кадар на Социјалдемократите, приложувајќи го решението на второстепената комисија во таа насока.
„Командирот на полициската станица во Ропотово кој пукаше со калшников и беше суспендиран и со кривична пријава, Тошковски го врати повторно да биде командир во Ропотово. Прашањето е зошто? Денеска го гледаме командирот што пукаше како гордо позира токму со неговиот пулен, Панче Тошковски.“, пишува во фејсбук објавата на СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ подоцна излезе со тврдење дека Панче Тошковски го суспендирал командирот од Ропотово, но Даница Чадиева од СДСМ претседател на Второстепена комисија, бивш претседател на СДС Велес го вратила на работа. Се додава и дека МВР постапува по решението на Второстепена комисија која ја води Чадиева. Партијата во прилог го испрати решението.