Македонија
(Видео) Стоилковски: Ковачевски признава дека нема основен проект, а со тоа и дека е лага почнатата градба
Портпаролот на антиевропскиот фронт за заштита на криминалот, дезертерот од дебата, Димитар Ковачевски, зад камерите признава дека коридорите ќе чинат многу повеќе од 1,3 милијарда евра, но и дека не постои ниту основен проект за нивна градба, истакна на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Ковачевски, вели портпаролот на опозициската партија, со тоа признава дека исплаќа пари, а градбата сè уште не може да почне.
„Тогаш Ковачевски мора да одговори за што се одржа манифестацијата кај Битола на којашто тој пред два дена мавташе со зелени знамиња? Како е можно да отпочнува градба за којашто нема ниту основен проект? Невозможна е градба без основен проект, и со тоа невозможно е да започне да се гради. Затоа ли и багерите ги снема по снимањето на рекламата за Ковачевски на Фб?
Дали Ковачевски признава дека отпочнувањето на градбата кај Битола е само уште една лага од Ковачевски и фронтот за заштита на криминалот. Фрлени се десетици илјади евра за манифестација само за креирање на лажна слика и за скапи Фб, твитер и тикток владини реклами?“, прашува Стоилковски.
Додава дека антиевропскиот Фронт за заштита на криминалот на ДУИ и СДС фрли десетици илјади евра за лага и манипулација, за владиниот скап неуспешен инфлуенсер Димитар Ковачевски да сними ново вирално видео со знаменца.
„Чиста лага, чиста манипулација за снимање за медиуми, чист гол лажен кич за Пи-Ар. Кршат закони, го суспендираат собранието и дополнително фрлаат пари за гол маркетинг, само и само во заштита на криминалот. Полтронот Ковачевски ќе направи се’ само да му удоволи на Али Ахмети, да удоволи на криминалот, за да продолжи уште некој месец да бега од поразот, а тоа ќе ја чини Македонија речиси цел еден годишен државен буџет. Вакво насилство врз нормите за да воведе експлоатација на народот, за да помине криминалот, вакви градења на потемкинови села само за гола реклама, прави само премиер и влада кои што знаат дека ќе бидат збришани на следните избори“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Фетаи–Лоутон: Продлабочување на партнерството меѓу Северна Македонија и САД
Заменик-претседателот на Владата задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, оствари работна средба со Даниел Џ. Лоутон, заменик-помошник државен секретар во Бирото за европски и евроазиски прашања (EUR) при Стејт департментот на Соединетите Американски Држави.
На средбата се разговараше за стратешкото партнерство меѓу Северна Македонија и САД, како и за продлабочување на соработката во областите на владеењето на правото, институционалните реформи, борбата против корупцијата и зајакнувањето на практиките на добро владеење. Заменик-претседателот на Владата Фетаи ја потенцираше посветеноста на Владата за унапредување на демократските стандарди, зголемување на транспарентноста и отчетноста, како и спроведување реформи кои обезбедуваат правично и ефикасно функционирање на јавните институции.
Заменик-помошник државниот секретар Лоутон ја реафирмираше силната поддршка на САД за реформските процеси во земјата, потенцирајќи ја важноста од продолжување на стабилните политики што го поттикнуваат евроатлантското интегрирање, институционалната стабилност и демократскиот развој. Заменик-претседателот на Владата Фетаи и заменик-помошник државниот секретар Лоутон се согласија да продолжат со редовна комуникација и координација за прашања од заеднички интерес, со посебен акцент на зајакнување на доброто владеење и институционалниот интегритет.
Во рамки на посетата, заменик-претседателот на Владата Фетаи оствари работна средба и со Марк Тервакоски, Директор на Канцеларијата за Европа и Азија при Бирото за Меѓународни Наркотични Прашања и Спроведување на Законот.
Македонија
Средба на Гаши со шеикот Махир Муајкали
Претседателот на Собранието, Африм Гаши оствари средба со Имамот на Каба, шеикот д-р Махир Муајкали, кој за првпат е во четири дневна официјална посета на државата.
На средбата беше присутен и Реис ул Улема Шаќир еф. Фетаху, поглавар на Исламска верска заедница (ИВ).
„Во срдечната и конструктивна атмосфера, соговорниците се осврнаа на значењето на неговата посета, како и на важноста од меѓусебното почитување и разбирање. Притоа беше изразена искрена благодарност до државните власти на Кралството Саудиска Арабија за нивната досегашна поддршка и соработка. Во разговорот беше нагласено и значењето на зајакнувањето на врските и вредностите што ги споделуваат двете земји и народи, како и заедничката подготвеност за унапредување на институционалните односи и продлабочување на меѓусебната соработка“, соопшти Собранието.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ утре на 18. Конгрес ќе ја донесе новата „Стратегија за Македонија 2030“
ВМРО-ДПМНЕ утре во Кавадарци ќе го одржи својот 18-ти редовен Конгрес. Од партијата велат дека овој Конгрес претставува ново поглавје во политиката, во која првенствено треба да се обезбеди стабилно, предвидливо и државничко водство.
На Конгресот ќе биде донесена новата Стратегија на партијата: „Ново поглавје – Стратегија Македонија 2030“ (правци за дејствување, развој и државно водство), како и пропратни документи на истата.
„За да опстои и да напредува, македонската држава мора да има јасен стратегиски правец: стабилна државност, функционални институции, модерна економија и цврсто заштитен македонски идентитет. Оваа стратегија ја дефинира улогата на ВМРО-ДПМНЕ токму во таа насока: партија што предвидува, а не следи; партија што гради систем, а не мандат; политичка сила што поставува долгорочна архитектура на државата. Со оваа Стратегија ВМРО-ДПМНЕ се дефинира како водечка европска, демократска и вредносно ориентирана политичка сила во Македонија“, велат од партијата.

