Македонија
Петровска: Ќе ги донирам парите ако ја добијам тужбата против Ковачки, не сакам пари од нечесни луѓе

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, денеска во изјава по рочиштето од судскиот процес против пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, рече дека ако ги добие парите како надомест за нарушена чест и углед, ќе ги донира во добротворни цели. Станува збор за 610.000 денари.
„Немам намера да задржам пари од нечесни луѓе“, рече Петровска.
Како што додаде, сите шпекулации за наводно бришење податоци од Катастарот се само дополнителна замка во која Ковачки сам влегува.
„На моја страна е вистината и таа ќе излезе на виделина“, рече министерката.
Најави и дека ќе бара јавно извинување на прес-конференција на начинот на кој Ковачки го искажал лажното клеветење кон неа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Мицкоски: Не прифаќаме наметнувања под маска на европскиот процес

Не прифаќаме наметнувања под маска на европскиот процес, изјави премиерот Христијан Мицкоски, на заедничката прес – конференција со еврокомесарката за проширување, Марта Кос, по лидерскиот самит на Европската Унија и Западен Балкан посветен на Планот за раст што се одржува во Скопје.
Тој кажа дека Западен Балкан се приближува кон Европската Унија не со зборови, туку со дела, со реформи, резултати и со интеграција што се чувствува во секојдневниот живот на граѓаните.
„Фактот што сме домаќини на овој лидерски самит е важна симболична потврда за нашата регионална и европска релевантност. Тоа не е случајност. Тоа е резултат на политичкиот капитал кој го вложивме во стабилноста, реформите и конструктивниот пристап. Ова е признание за улогата што нашата држава ја има во градењето мостови и создавањето решенија. На денешните разговори се фокусиравме на реализација на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, кој претставува историска шанса за сите нас. Тоа е механизам кој ни овозможува не само пристап до инвестиции и фондови, туку и мотивирачка рамка за унапредување на владеењето на правото, ефикасноста на институциите и економската конкурентност“, рече Мицкоски.
За нас, додаде тој, овој план не е формалност. Според Мицкоски, тоа е алатка преку која ќе ја трансформираме земјата, ќе ги модернизираме јавните услуги, унапредиме образованието, ќе инвестираме во енергетска и дигитална инфраструктура и ќе ја направиме татковината вистински европски дома – пред да стане формално дел од ЕУ.
Но, исто така, додаде Мицкоски, сакам да бидам јасен дека нашите чекори по европскиот пат се со отворено срце и разум. Со прифаќање на европските вредности.
„Меѓутоа се противиме на уцените кои не се дел од тие вредности. Не прифаќаме наметнувања под маска на европскиот процес. Европа е дом на правото, на правдата, на достоинството. Тоа се вредностите што ги прифаќаме – сè друго е туѓо за Европската Унија, и туѓо за нас“, рече премиерот.
Македонија
(Видео) Костовски: Максим Димитриевски е најголемо разочарување, лажен патриот и приврзок на Мицкоски

Максим Димитриевски е најголемото политичко разочарување и најголема измама. Ветуваше независност и чесност, а заврши како тројански коњ, слеп извршители на политичката агенда на ВМРО-ДПМНЕ, небитен фактор и лажен патриот, целосно заглавен во криминал и корупција, изјави Мартин Костовски – организациски секретар на СДСМ.
Тој обвини дека за само една година, Димитриевски ги погазил сите свои изборни ветувања.
„Неговиот лажен патриотизам излезе на виделина, се што кажа порече. Максим јавно се колнеше дека нема да прифати внесување на Бугарите во Уставот без одложена примена. Пред два дена, смени лента, се откажува од тој став, сега веќе не е за одложена примена. Ветуваше борба за правда, а денес молчи пред корупцијата на коалициските партнери од ВЛЕН. Ваква сервилност, вакво коленичене пред ВЛЕН досега немало“, рече Костовски.
Според него, вистината е едноставна – Максим Димитриевски не е ништо друго освен обичен привезок на Христијан Мицкоски и слуга на политиките на ВМРО-ДПМНЕ.
„Тој е безгласна буква во владината коалиција, единствено способен за делење функции и удобни фотелји, без ниту еден резултат. Освен становите и парцелите вредни 300.000 евра. Максим Димитриевски е прочитан од граѓаните и ќе биде казнет токму од граѓаните. Македонија заслужува одговорни луѓе, а не лажни патриоти кои за фотелја се откажуваат од сè што ветиле“, рече Костовски.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Зад заканите за животот на новинар од Костадинов стојат Филипче и Заев

Зад заканите по животот на новинар од Костадинов, стојат Филипче и Заев, затоа и нема осуда и оградување од СДС, обвини Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Имено, не сме изненадени што Венко Филипче молчи. Тоа што Костадинов зема сила и се заканува со убиство на новинар е и директно мотивирано од Венко Филипче, кој шири атмосфера на паника и хаос, а со цел дестабилизација. Венко Филипче и СДС стојат зад заканите на Костадинов, а со тоа што досега не се оградија, ниту го осудија, говори дека со таквиот однос сакаат да мотивираат и други да го направат истото. Венко Филипче нема друг начин како да привлече внимание, па ги пушта своите пулени како Костадинов да разгоруваат тензии“, рече тој.
Петрушевски кажа дека очекува обвинителството да постапи и да отвори постапка против Костадинов.
Истовремено, додаде тој, очекуваме од Филипче јасно да каже што точно застапува и која му е целта.