Македонија
Пентагон открива колку потрошила Македонија за купување американско оружје
Во трите години откако стана членка на НАТО, Македонија потрошила речиси 120 милиони долари на американско оружје купено преку американската програма за воена продажба во странство, покажуваат податоците од Агенцијата за безбедносно – одбранбена соработка (ДСЦА) на Пентагон.
Програмата за странска воена продажба претставува еден од двата главни начина преку кои САД им продава оружје на други земји, а подразбира дека Вашингтон учествува како посредник меѓу производителот и купувачот додека во директната комерцијална продажба нема посредник.
Во извештајот „Историска продажба на оружје“ во рамките на програмата за воена продажба во странство што ДСЦА го објави за фискалната 2022 година, Македонија купила воена опрема во вредност од 13.490.993 долари.
Во 2021 година Македонија потрошила рекордни 84.691.923 долари, во 2020 година таа сума изнесува 21,085,360 долари, а во 2019 година на оружје и воена опрема се потрошени 11,012,940 долари.
Само за споредба, во тригодишниот период од 2016 до 2018 година Македонија потрошила едвај два милиона долари (1.959.625 долари) на американско оружје и опрема.
Она што треба да се посочи се измешаните податоци за 2018 година во извештајот за 2022 година. Имено, во ланскиот извештај стои дека Македонија во 2018 година потрошила 4.497.550 долари, а во извештаите за 2021 и за 2020 година се наведува сума од 924.549 долари.
Повнимателна проверка покажува дека се работи за грешка во извештајот за 2022 и дека сумата од 4.497.550 долари во 2018 година ја потрошила Либерија.
Слични „несовпаѓања“ во извештајот за 2022 се појавуваат и во податоците на другите земји од регионот. Така, во делот за Косово се наведува дека во 2018 година земјата купила американско оружје во вредност од шокантни речиси 3,5 милијарди долари.
Споредбата со истиот извештај за фискалните 2021 и 2020 година покажува дека станува збор за грешка бидејќи тие даваат идентична бројка од 3.498.907.386 долари – но за Јапонија, а за Косово има сума од нула долари за дадената година.
Податоците што се совпаѓаат во сите три извештаи се дека во 2019 година Приштина потрошила 2.707.541 долар, проследено со драстичен скок во 2020 година на 11.115.838 долари и уште подрастичен скок во 2021 година до 22.425.205 долари, а во 2022 биле потрошени 16.0918 долари.
Дека ДСЦА направила збрка во бројките за 2018 година во извештајот за 2022 година, покажува и делот за Албанија, Хрватска, Црна Гора – кои се членки на НАТО – како и за БиХ и за Србија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Ѓорѓиевски: „Вардар” мора да постои – обезбедена поддршка за баражот
За ФК „Вардар“ пред најважниот натпревар оваа сезона, е обезбедена финансиска поддршка од градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски. На денешниот тренинг на тимот тој лично на „Вардар“, Вардарци и Комити им даде збор дека за многу брзо време работите ќе се променат на подобро, и „Вардар“ никогаш повеќе нема да биде во оваа ситуација.
– „Вардар“ е душата на Скопје и како еден од нив, ќе го дадам и последниот атом од мене за да се одржи клубот. Како и во минатото, така и сега во пресрет на баражот во недела, обезбедени се финансиски средства за да опстои нашата гордост. „Вардар“, Вардарци и Комити не се оставени сами на себе. Мојата подадена рака ќе стои секогаш тука за нив. И да, ќе одиме на врвот – таму каде што припаѓаме! А во една блиска иднина, за многу брзо време кога работите ќе се променат на подобро, „Вардар“ никогаш повеќе нема да биде во оваа ситуација. Го имате мојот збор!
Се гледаме во недела, во 17 часот на стадионот во Струмица. ФК ВАРДАР : ФК ДЕТОНИТ ПЛАЧКОВИЦА! За Вардар, за нашето славно минато и блескава иднина, истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, кој и минатата година, пред историскиот натпревар со Кавадарци му обезбеди финансиска поткрепа на спортската гордост на Скопје, „Вардар“.
Македонија
ДИК за денешното прегласување: Се одвиваше непречено, без пријавени нерегуларности
Денес заврши прегласувањето на болните и немоќни лица, лицата кои издржуваат казна затвор и лицата сместени во центрите за вонсемејна грижа а кои припаѓаат на избирачките места каде што се поништи гласањето за парламентарните избори спроведено на 8 мај 2024.
Вкупно 45 лица пријавени како болни или немоќни имаа право на глас на избирачките места каде се одвива прегласувањето во Желино, Крушево, Охрид, Долнени и Струга.
На ИМ 2101 во Желино гласале сите 4 лица кои биле запишани како болни или немоќни.
На ИМ 1194 Крушево од 20 запишани лица гласале 18 а на ИМ 1202 Крушево гласале сите 6 запишани лица.
На ИМ 1272 Охрид, правото на глас денес го искористиле двете запишани лица во посебниот извод од Избирачкиот список.
На ИМ 1470 Долнени во кое имаше запишано 7 лица како болни или немоќни и на ИМ 1470/1 Долнени со запишани 2 лица, сите го искористија правото на глас.
На ИМ 1844 Струга, сите 4 лица запишани како болни или немоќни гласаа денес во текот на денот.
Гласањето заврши и за лицата кои се на издржување казна затвор како и за лицата кои се сместени во центрите за вонсемејна грижа.
Сите 5 пријавени лица за гласање во затворите во Прилеп и Шуто Оризари денес гласаа во објектите каде престојуваат, а и двајцата пријавени гласачи во центрите за вонсемејна грижа во општините Карпош и Битола, денес го остварија своето право на глас.
Гласањето се одвиваше непречено, без пријавени нерегуларности, извести ДИК.
Македонија
Осомничениот за двојното убиство Љупчо Палевски – Палчо, спроведен во Кривичниот суд: одреден му е притвор од 30 дена
Осомничениот за двојното убиство во Скопје и Велес од ноември минатата година, Љ.П. кој на 15.05.2024 година беше екстрадиран од Р.Турција, по наредба на судија на претходна постапка денeска беше спроведен во Основниот кривичен суд Скопје за да се произнесе во однос на мерката притвор определна во негово отсуство, а по предлог на Основното јавно обвинителство – Скопје, соопшти Кривичниот суд.
„По признесување на осомничениот во присуство на неговиот бранител, поставен по службена должност, судија на претходна постапка донесе решение со кое на осомничениот му се определува мерка притвор во траење од 30 дена која започнува со нејзино реализирање од денот на неговиот прием во Истражниот затвор Скопје, а заради постоење на околностите од чл. 165 ст. 1 точка 1,2 и 3 односно постојат околности дека може да се даде во бегство, може да ја попречи кривичната постапка со влијание врз сведоците, и околности кои упатуваат дека ќе го доврши или повтори кривичното дело.
Против ова решение странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет на овој суд“, се истакнува во информацијата.