Свет
Унгарија ќе ја блокира воената поддршка за Украина сè додека на ОТП банка не ѝ се укинат санкциите

Унгарија ќе ја блокира следната транша воена помош на Европската Унија за Украина и секој нов пакет-санкции против Русија ако Киев не ја тргне унгарската ОТП банка од својата листа на воени спонзори, изјави денес унгарскиот министер за надворешни работи.
„Не можеме да дадеме зелено светло сè додека ОТП е на црната листа“, рече шефот на унгарската дипломатија, Петер Сијарто, додавајќи дека „тоа важи и во случајот на санкциите“. Унгарија не ја одобри исплатата на следната транша воена поддршка за Украина од Европскиот фонд за мир барајќи гаранции дека другите региони, како Балканот и Северна Африка, ќе добијат средства.
Европскиот фонд за мир, основан 2021 година, е вонбуџетски инструмент насочен кој јакнење на капацитетите на ЕУ да спречи конфликти, изгради мир и да ја зајакне меѓународната безбедност. ЕУ досега обезбеди вкупно речиси 3,6 милијарди евра за воена поддршка на Украина.
Унгарија, која е членка на ЕУ и НАТО, одби да испорача каква било воена опрема на соседна Украина, а во повеќе наврати ги критикува санкциите на ЕУ против Русија, но сепак ги поддржа сите досега договорени мерки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Нетанјаху: Падот на иранското раководство не е целта, но може да биде резултатот

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера изјави дека промената на режимот или падот на раководството на Иран не е цел на нападите на Израел, туку може да биде резултат.
„Прашањето за промена на режимот или падот на овој режим е пред сè прашање на иранскиот народ. Никој друг не може да го стори тоа. И затоа не го претставив како цел. Може да биде резултат, но тоа не е наведена или официјална цел што ја имаме“, рече Нетанјаху во интервју за израелскиот јавен радиодифузер Кан.
Тој рече дека Израел може да ги уништи сите нуклеарни реактори на Иран, без оглед на тоа дали американскиот претседател Доналд Трамп ќе се придружи на нападот или не.
Нетанјаху ја даде изјавата пред Белата куќа да објави дека ќе одлучи во следните две недели дали САД ќе се приклучат на нападите врз Иран.
Воените аналитичари веруваат дека на Израел можеби ќе му биде потребна помош од американски бомби за разбивање бункери за да го уништи објектот за збогатување ураниум во Фордо, клучен објект во нуклеарната програма на Иран, кој се наоѓа под планина во близина на градот Ком.
На прашањето дали Израел може да го уништи Фордо без американска поддршка, Нетанјаху рече: „Можеме да ги уништиме сите наши цели, сите нивни нуклеарни објекти, но одлуката на претседателот е дали сака да се придружи или не. Тој ќе го направи она што е најдобро за Соединетите Американски Држави, а јас ќе го направам она што е најдобро за државата Израел и морам да кажам дека секој го прави својот дел.“
Во средата, Трамп рече дека Соединетите Американски Држави можат сами да го уништат Фордо. „Но, тоа воопшто не значи дека ќе го направам тоа“, рече Трамп.
Свет
Европски дипломат: Иранците не можат да седнат со Американците, додека ние можеме

Европските министри за надворешни работи денес ќе се сретнат со својот ирански колега, со цел да го отворат патот за дипломатија околу спорната нуклеарна програма, и покрај тоа што САД активно размислуваат да се приклучат кон израелските напади врз Иран. Министрите на Велика Британија, Франција и Германија, познати како Е3, како и шефот за надворешна политика на Европската Унија, разговараа со иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, претходно оваа недела и се координираа со американскиот државен секретар Марко Рубио.
Во редок повик до Аракчи, тие ја нагласија потребата тој да се врати на преговарачката маса и да избегне понатамошна ескалација. На предлог на Иран, двете страни се согласија да се сретнат лице в лице. Разговорите ќе се одржат во Женева, каде што во 2013 година беше постигнат почетен договор меѓу Иран и светските сили за ограничување на неговата нуклеарна програма во замена за укинување на санкциите, пред сеопфатен договор во 2015 година.
Преговорите меѓу Иран и САД пропаднаа кога Израел ја започна операцијата против нуклеарните објекти и капацитетите на Иран за балистички ракети. „Иранците не можат да седнат со Американците додека ние можеме“, рече еден европски дипломат.
„Ќе им кажеме да се вратат на маса за да разговараат за нуклеарното прашање пред најлошото сценарио, а во исто време да ја изразиме нашата загриженост за балистичките ракети на Иран, неговата поддршка за Русија и притворањето на нашите граѓани.“
Европските сили, кои не беа дел од нуклеарните преговори на Иран со САД, беа сè повеќе фрустрирани од преговарачката стратегија на САД во разговорите. Тие ги сметаа некои од барањата за нереални, плашејќи се од слаба почетна политичка рамка за преговорите.
Двајца дипломати изјавија дека има мала надеж за напредок во Женева, каде што ќе биде присутен и шефот за надворешна политика на Европската Унија. Но, тие рекоа дека е клучно да се соработува со Иран бидејќи по војната, нуклеарната програма на Иран ќе остане нерешена, со оглед на тоа дека ќе биде невозможно да се искорени стекнатото знаење, што потенцијално ќе овозможи тајно оживување на програмата.
Иранскиот функционер рече дека Техеран отсекогаш ја поздравувал дипломатијата, но ја повика Е3 да ги искористи сите расположливи средства за да изврши притисок врз Израел да престане да го напаѓа Иран. „Иран останува посветен на дипломатијата како единствен начин за решавање на споровите, но дипломатијата е нападната“, рече функционерот.
Европејците се единствените што можат да го активираат механизмот за повторно воведување на санкциите, а дипломатите рекоа дека трите земји се обиделе да постават рок до крајот на август за неговото лансирање. „Иран повеќе пати изјавуваше дека активирањето на овој механизам ќе има сериозни последици“, рече иранскиот функционер.
Европа
Чешкиот претседател: Кина е на исто ниво со Русија кога станува збор за хакирање

Кина е на исто ниво со Русија кога станува збор за државно спонзорирано хакирање и шпионажа, изјави чешкиот претседател Петр Павел за „Фајненшл тајмс“.
„Пекинг и Москва се „еднакви во однос на сајбер заканата““, рече тој, додавајќи: „Сведоци сме на сајбер напади од двете страни, речиси на исто ниво“.
Минатиот месец, Чешката Република ја обвини Кина дека е одговорна за „злонамерна кибер кампања“ насочена кон мрежа што се користи за некласифицирани комуникации во нејзиното Министерство за надворешни работи.
Кина ги отфрли обвинувањата.