Македонија
Џамбаски: Официјалните власти во Скопје прават црни списоци за забрана за бугарските граѓани

Се огласи бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски по изјавата на македонскиот претседател Стево Пендаровски во врска со доаѓањето на бугарските политичари во земјата, кои се членови на мешовитиот парламентарен комитет меѓу Македонија и ЕУ.
„Официјалните власти во Скопје прават црни списоци за забрана за бугарските граѓани и се фалат со тоа. Само античовечки режим на омраза може да примени вакви трикови во XXI век во Европа!
Во комунистичките режими имало забранети луѓе, очигледно навиките не се искоренети. Сега останува секој што ќе се осмели да ја каже вистината за бугарската историја и потекло, да биде испратен на Голи Оток и директно пречкртан. Тоа е лицето на оваа античовечка, антибугарска и антиевропска влада⁉️ Каде се овде твоите европски вредности? Како е ова право на слободно движење? Како ова не е антибугарска омраза? Каде е денеска позицијата на активистите за човекови права во Брисел и на националните предавници во парламентот?“, напиша Џамбаски на „Фејсбук“.
Џамбаски вчера не дојде во Скопје како дел од мешовитиот парламентарен комитет меѓу Македонија и ЕУ, чиј член е европратеникот Џамбаски.
Европратеникот е на таканаречената црна листа на граѓани Бугари на кои им е забранет влез во земјата поради навреди и омаловажувања кон македонскиот народ. Сепак, ова се однесува на приватни посети, но не и како дел на официјални делегации.
И европратеникот Андреј Ковачев не е добредојден во приватна посета.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди

Времето денеска, променливо облачно со сончеви периоди. Локално ќе има услови за развој на нестабилна облачност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 14 до 20 степени.
Во Скопје, променливо облачно со подолги сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 20 степени.
Во недела ќе има продор на студена воздушна маса од север, кој ќе предизвика значителна промена на времето.
Ќе преовладува претежно облачно време со врнежи од дожд, а на повисоките места од дожд и снег. На планините врнежите ќе бидат од снег и ќе се формира снежна покривка (10-15см).
Ќе дува засилен северен ветер (над 70км/ч) и температурите значително ќе опаднат. Во понеделник со засилен северен ветер наместа ќе провејува слаб снег. Потоа времето ќе биде стабилно и ветровито со утрински температури кои насекаде ќе бидат негативни.
Македонија
Ослободена од стапица мечка во Ресенско

Регионалниот ЦУК Битола, известува дека преку Единствениот број за итни случаи 112 во ЦУК била добиена пријава за заробено диво животно како последица од поставена криволовна замка во атарот на помеѓу селата Љубојно и Брајчино (Општина Ресен).
Пријавителот претпоставил во пријавата дека најверојатно се работи за мечка поради гласното рикање што се слушало во непосредна близина на мостот на Брајчинска Река.
„За оваа ситуација, од страна на ЦУК веднаш е известена Гранична полиција Маркова Нога, Полициска станица Ресен, Концесионерот – ловното друштво и други субјекти за понатамошно постапување. По интервенцијата на надлежните служби од Концесионерот -Ловното друштво, со присутен ветринар, од НП „Пелистер“ и од полицајци од МВР мечката е успиена и безбедно ослободена“, соопшти ЦУК.
Македонија
Средба Тошковски – Ходулин: Интензивна поддршка од ЕУ преку ИПА проектите за креирање полиција со европски стандарди

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна средба со претставници на Делегацијата на Европската унија, предводени од Стефан Ходулин, раководител на Одделот за соработка и Даница Стошевска, програм менаџер во канцеларијата.
На состанокот беше разгледана досегашната соработка помеѓу Министерството за внатрешни работи и Делегацијата на Европската унија во делот на спроведувањето на проектите финансирани преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА).
Од страна на господинот Ходулин беше изразено задоволство од постигнатото во рамките на веќе спроведените проекти кои се имплементираат во министерството и изрази надеж дека посветеноста ќе продолжи со ист интензитет.
Министерот Тошковски во име на Министерството за внатрешни работи и се заблагодари на Делегацијата на ЕУ за досегашната поддршка и потенцираше дека истата е од исклучителна важност за министерството, и дека од наша страна ќе бидат обезбедени сите ресурси со цел максимално и рационално искористување на финансиската поддршка која е наменета за постигнување на европските стандарди во полициското работење.
За време на состанокот исто така се разговараше и за идните проекти кои се дел од Националната ИПА програма за 2025 година и следниот период, по што заеднички беше донесен заклучок дека ќе се продолжи со интензивни активности во наредниот период со цел финализирање плановите и проектите како основа за идното програмирање и обезбедување на сите неопходни предуслови од страна на министерството за внатрешни работи и целосна посветеност во нивната подготовка.
Двајцата соговорници изразија уверување и подготвеност за продолжување на одличната соработка и во иднина.