Македонија
Да се укинат друштвата за брзи кредити, кои профитираат од сиромаштијата на народот, бараат од Левицата
Во услови на растечка сиромаштија и енормна стапка на инфлација, Владата предводена од социјалдемократи не нуди никакви суштински мерки за заштита на социјално загрозените граѓани за што говорат мегаломанските профити на современите лихвобанкари, обвинија од Левицата.
Дека од кризата се погодени само најсиромашните граѓани, според Левицата, потврдува заработката на банкарскиот сектор, кој од година во година се зголемува, благодарение на отсуството на волја кај Владата да воведе сериозни ограничувања на банкарските давачки.
„Покрај банките, својата шанса да профитираат од кризата ја увидоа и друштвата за издавање на брзи кредити, на кои главните приходи им се базираат на камати и административни трошоци за позајмени пари. Вкупниот приход на сите небанкарски финансиски друштва што се занимаваат со кредити (31 на број) во 2021 година изнесувал 46,8 милиони евра, а нивната вкупна нето-добивка изнесувала 10,5 милиони евра!
Министерството за финансии минатата година до Владата поднесе предлози за промена на Законот за финансиските друштва, со кои „се зголемува заштитата на граѓаните“ при користење ваков тип на услуга. Но, лицемерството и наводната грижа за граѓаните се гледа во тоа што Министерството за финансии единствено бара да се зголеми главнината за отворање на ваков тип друштво – додека не предложува конкретни мерки за заштита на граѓаните, ниту пак за намалување на каматите и административните трошоци, кои се главните извори на заработка на овие друштва“, наведуваат од партијата.
Од таму порачаа дека како единствена парламентарна партија која е ослободена од стегите на олигархијата, се залагаат за целосно укинување на ваков тип финансиски друштва (кои нудат услуги на брзи кредити поради лихварски камати и предизвикување должничко ропство на клиентите), како и воведување државна комерцијална банка за бескаматно кредитирање на населението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МВР: Повторените локални избори завршија без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржаа во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одржаа во мирна, фер и демократска атмосфера, информираат од Министерството за внатрешни работи.
„МВР во текот на целиот ден презеде мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. Не беа регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир“, стои во известувањето од МВР.
Македонија
Состојба по обилните врнежи во Македонија: пресек на ЦУК до 18:30 часот
Центарот за управување со кризи направи пресек на состојбата по врнежите на територијата на Македонија до 18:30 часот.
Тетовски регион
Тетово
На патниот правец Тетово – Бањиче, пред ресторанот „Лумаре“, има падната голема карпа на коловозот со опасност од дополнителни одрони. За настанот се известени ЈКП Тетово, СВР Тетово и ДЗС, кои преземаат мерки согласно надлежностите.
Состојбата во градот и околината е стабилна, патната инфраструктура е проодна, а коловозите се претежно влажни.
Гостивар – Маврово
Кај каменоломот е евидентиран одрон на патниот правец Гостивар – Маврово. Надлежните служби се известени и најавено е расчистување и обезбедување на сообраќајот.
Тиквешки регион
Кавадарци
Во ридско-планинскиот дел се интервенира со два камиона на патните правци Кавадарци – Мушов Гроб – Мрежичко, Мушов Гроб – Михајлово и Страгово – Горна Бошава. Сите патишта се проодни во зимски услови. Висината на снежната покривка е до 15 см. Во останатите населени места нема снег.
Североисточен регион
Куманово, Липково и Старо Нагоричане
Нема излевање на реките, а водостоите се во опаѓање. Патот од с. Пелинце до Граничен премин Пелинце беше подмрзнат и небезбеден, по што е извршена интервенција и патот е расчистен.
Крива Паланка
Сите локални и регионални патни правци се проодни и чисти. Интервенирано е на патот кон манастирот Св. Јоаким Осоговски поради одрон.
Ранковце
Патот од с. Пклиште до с. Герман е затрупан со снег и е испратена механизација за расчистување. Делницата е со кашаст снег и отежнато движење.
Кратово
Сите локални патни правци се проодни. Водостоите на реките не претставуваат опасност од излевање.
Источен регион
Штип
Нема врнежи. Водостоите се зголемени, но без опасност од поплавување. На патните правци Истибања – Делчево – граничен премин, Виница – Берово и Штип – Неготино има помали одрони кои редовно се расчистуваат.
Југозападен регион
Охрид
Реката Сушица е ставена под контрола со насип. Сè уште има поплавени подруми и дворови на повеќе локации.
Струга
Во селата Мислешево и Калишта има поплавени дворови. Санирањето е отежнато поради непречено истекување на водата.
Дебар
Реката Радика има зголемен водостој без опасност од излевање. Има помали одрони на патните правци Жировница – Дебар и Дебар – Струга, кои редовно се расчистуваат.
Кичево
Водостоите на Зајашка река и Треска се намалени и нема опасност од нови поплави. Во тек е состанок на општинскиот кризен штаб за проценка на штети и планирање на санација.
Пелагониски регион
Демир Хисар
Поради оштетување на мостот на Боишка Река, локалниот пат кон с. Мренога е затворен за сообраќај.
Битола
Состојбата во градското подрачје е нормализирана. Во околните места водата се повлекува од поплавените површини.
Крушево
Сите локални и регионални патни правци се исчистени, посолени и проодни.
Ресен
Поплавени се земјоделски површини, но водата се повлекува. Во тек е интервенција со градежна механизација за расчистување на коритото на Голема Река.
Новаци
Нивото на река Црна изнесува 320 см и се следи континуирано.
Македонија
(Видео) ДИК: Излезноста на повторените локални избори во четири општини до 18:30 часот е 28,07 проценти
Државната изборна комисија соопшти дека излезноста на повторените избори до 18:30 часот изнесува 28,07 отсто.
По општини:
– Врапчиште: 31,76 %
– Гостивар: 28,22 %
– Маврово и Ростуше: 28,04 %
– Центар Жупа: 13,18 %
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, кажа дека поради задоцнето отворање, ќе има продолжување на пет избирачки места, три во Гостивар и две во Маврово-Ростуше. Најдолгото продолжување на гласањето во траење од 2 часа и 45 минути ќе биде на избирачко место 503 во Гостивар.
На избирачкото место 0782 во Ќафа немало гласање бидејќи тоа воопшто не било отворено.

