Регион
Истражување во Црна Гора: Милатовиќ е најпопуларен политичар

Кога во Црна Гора би се одржале парламентарни избори следната недела, за движењето Европа сега (ПЕС) би гласале 29,1 отсто од граѓаните, покажува најновото истражување на Центарот за демократија и човекови права (ЦЕДЕМ), кое денеска беше претставено во Подгорица.
Истражувањето е спроведено од 1 до 14 мај на примерок од 1.003 испитаници.
За Демократската партија на социјалистите би гласале 24,1 отсто, за Демократскиот фронт 13,2 отсто, за Демократите 11,1 отсто, за Бошњачката партија 5,1 отсто и за Граѓанското движење 4,4 отсто. Претставничката на ЦЕДЕМ, Милена Бешиќ, вели дека ПЕС има најголем тренд на раст, а рејтингот на ДПС продолжува да паѓа.
Според резултатите од истражувањето, новоизбраниот претседател на Црна Гора и еден од лидерите на ПЕС, Јаков Милатовиќ, е најпопуларниот политичар во Црна Гора со просечна оценка од 2,78.
Втор најпопуларен политичар е лидерот на ПЕС, Милојко Спаиќ, со оценка 2,47, а трет е претседателот на Демократска Црна Гора, Алекса Бечиќ – 2,46.
На четврто место се актуелниот претседател на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, и премиерот на Црна Гора и лидер на Граѓанското движење УРА, Дритан Абазовиќ, со оценка 2,36.
Лидерот на Демократската народна партија (ДНП), Милан Кнежевиќ, е петти со просечна оценка 2,21, а на шестото место е Даниел Живковиќ, в.д. претседателот на Демократската партија на социјалистите (ДПС), со оценка 2,17.
Минималната оценка што може да се даде е еден, а максималната – пет.
Кога денес во Црна Гора би се одржал попис, мнозинството граѓани би се изјасниле како Црногорци (42,8 %), 32,8 % би се изјасниле како Срби, 8,7 % би се изјасниле како Бошњаци, а 4,9 % како Албанци, покажаа резултатите од истражувањето.
Според истото истражување, 46,7 отсто од граѓаните зборуваат српски, 36,4 отсто црногорски, 5,3 отсто босански/бошњачки и 4,2 отсто албански.
Премиерот на црногорската влада во технички мандат, Дритан Абазовиќ, денеска изјави дека не верува во истражувањата на јавното мислење, особено, како што рече, на она што денеска го презентира ЦЕДЕМ, според кое речиси третина од граѓаните (29,8 %) сметаат дека Црна Гора оди по погрешен пат.
Абазовиќ смета оти резултатите од истражувањето презентирани денеска, како што рече, имаат своја цел.
„Само да разјаснам една работа: мнозинството црногорски граѓани мислат дека земјата е на вистинскиот пат. Ниту нарачани истражувања на јавното мислење не може да го оспорат тоа“, рече Абазовиќ на состанокот на владата на Црна Гора.
Тој смета дека е неточна и констатацијата за доверба во владата.
„Имаме констатација за која мислам дека е неточна бидејќи гледав нешто друго, кое не е објавено. Но, објавеното кажува и дека речиси половина од населението ги поддржува напорите на владата на Црна Гора“, посочи Абазовиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Вучиќ: Суштината на обоената револуција е Србија да биде најслаба во регионот, а јас да клекнам пред сите

Српскиот претседател Александар Вучиќ денес изјави дека суштината на обоената револуција е дека Србија мора да биде послаба во споредба со сите во регионот, како и тоа тој да биде неспособен претседател, кој би клекнал пред сите што не ѝ посакуваат добро на Србија, пренесуваат медиумите во соседството.
„Тоа е суштината на обоената револуција. Србија мора да биде скромна и секогаш мора да биде послаба од Хрватска и од сите други во регионот за да може да бидат задоволни“, рече Вучиќ во Палатата на Србија одговарајќи на новинарско прашање.
Вучиќ рече дека денес не е случај Србија да е најслаба во регионот, иако е посиромашна од другите, туку дека, од друга страна, напредува побргу од другите, што никому не му одговара.
„Тоа е една од причините зошто го прават тоа бидејќи би сакале да имаат некомпетентен претседател, кој би клекнал на колена пред сите оние што не ѝ посакуваат добро на Србија“, рече Вучиќ.
Тој ги обвини луѓето, за кои тврди дека се водачи на блокади, дека ја мразат Србија и ѝ посакуваат најлошо на својата земја наведувајќи дека поради нив, земјата е во тешка ситуација бидејќи „ја намалиле стапката на раст, го уништиле туризмот, како и многу економски гранки“.
„Дури и меѓу блокадите има такви што ја сакаат Србија, но не може да се одвојат од овие водачи – новинари, професори и политичари. Тоа е еден од проблемите“, рече Вучиќ, пренесува „Бета“.
Регион
Поради силни ветрови, во прекин фериботскиот сообраќај во Грција

Фериботскиот сообраќај во Егејското Море во Грција денес беше прекинат поради силни ветрови, кои достигнаа брзина од 60 километри на час, поради што илјадници туристи не можеа да одат до своите планирани дестинации.
Забраната за пловидба, која ќе биде во сила денес најмалку до 13 часот по локално време, важи во сите поголеми пристаништа во Атика, а само фериботите на неколку линии во областа Аргосароникос сè уште пловат, објавува „Јуроњуз“.
Пристанишните власти чекаат ветерот да стивне за да може да се укине забраната за пловидба.
Пловењето кон островите Киклади беше прекинато во пристаништето Рафина иако екскурзиите до Мармарис на островот Кос продолжија според планот.
Фериботите не сообраќаат од Пиреја, а пловидбата во пристаништето Лаврио е прекината во правец на Китнос и Агиос Маринас и Неа Стира.
Илјадници патници не можеа да го почнат своето патување утрово поради прекин на пловидбата и чекаат да одат на своите дестинации.
Грчката крајбрежна стража им советува на патниците да се консултираат со компанијата чиј ферибот треба да ги превезува кога ќе бидат можни нови поаѓања, како и да ги избегнуваат пристаништата на кои се појавил сообраќаен метеж.
Метеоролошката служба прогнозира дека силните ветрови ќе траат најмалку до недела, што би можело да влијае на фериботскиот сообраќај.
Поради оваа причина, властите им препорачаа на туристите да стапат во контакт со локалните пристанишни власти и компании пред да заминат.
Регион
Гори во Грција: издадена наредба за итна евакуација

Голем шумски пожар избувна денес во областа Каравадос на грчкиот остров Кефалонија, а издадена е наредба за евакуација на три области, јавуваат грчките медиуми.
Пожарот избувнал во земјоделска и шумска зона, а ангажирани биле 20 припадници на противпожарната служба со седум возила, како и членови на планинската спасувачка служба и волонтери, објави „Катимерини“.
„Доколку се наоѓате во областите Каравадос, Доризата и Керамис, засолнете се и упатете се во правец на Аргостоли. Следете ги упатствата на властите“, се наведува во известувањето на противпожарната служба.
Четири авиони и два хеликоптера исто така помагаат во гаснењето на пожарот, пишува грчкиот весник.
Фото: принтскрин