Македонија
Претпладне умерено облачно, преку денот сончево со мала облачност и со слаб ветер од северен правец
Денеска претпладне ќе има умерена облачност во западните делови. Преку денот ќе преовладува сончево со мала облачност и со слаб ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 18 до 25 степени.
Во Скопје сончево со мала до умерена облачност и со слаб северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне 23 степени.
Утре и в сабота ќе преовладува претежно сончево и потопло време со мала до умерена облачност. Од недела следува период на нестабилно време, во попладневните часови со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Спасовски: СДСМ ќе ги почека законските предлози за реорганизација на министерства, ќе ги разгледа, па ќе донесе одлука дали ќе ги поддржи
Коориднаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, денеска во одговор на новинарски прашања во македонското Собрание информираше за заклучоците од координацијата на пратеничката група и кај претседателот на Собранието, на којашто главно, се дискутираше за конституирањето на комисиите, работните тела во законодавниот дом, делгациите и групите за соработка.
Во однос на Законите кои што се најавуваат за реорганизација на министерства или реформа на администрацијата, Спасовски соопшти дека СДСМ не може да соопшти став на невидено и затоа пред да одлучи ќе ги почека законските решенија, ќе ги разгледа внимателно законските текстови, по што ќе донесе одлука дали ќе ги поддржи.
Македонија
Гаши на редовна координација во новиот собраниски состав: во фокусот конституирањето на комисиите и неформалните работни тела
Претседателот на Собранието, Африм Гаши денеска ја одржа првата редовна координација во новиот собраниски состав, на која, главно, се дискутираше за конституирањето на комисиите, како и на неформалните работни тела во законодавниот дом.
На координацијата, покрај претседателот Гаши и генералната секретарка Цветанка Иванова, присуствуваа претставници на сите партии, односно коалиции кои освоија пратенички мандати на неодамнешните парламентарни избори: Никола Мицевски од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, Оливер Спасовски од коалицијата на СДСМ, Блерим Беџети од Европскиот фронт на ДУИ, Халил Снопче од ВЛЕН, Бобан Карапејовски од ЗНАМ и Борис Крмов од Левица.
Гаши притоа информира дека кон крајот на оваа работна недела треба да се одржи нова седница на Собранието, со цел верификација на останатите два мандати на пратеници, кои не беа верификувани на конститутивната седница на 28 мај годинава. Државната изборна комисија, како што рече Гаши, веќе има доставено извештај за овие два мандати, така што неделава треба да се закаже седница за нивно верификување, со што ќе се комплетира новиот собраниски состав.
Во однос на формирањето на комисиите, присутните ја разгледаа можноста во наредните денови првично да се изберат претседател и членови на Законодавно правната комисија и на Комисијата за политички систем, со оглед на тоа што течат роковите за избор на новата Влада. Потоа, во најбрз можен рок, политичките партии би требало да достават предлози за претседатели, членови и заменик-членови на сите други работни тела на Собранието, согласно бројот на мандатите освоени на изборите.
Македонија
Се работи на внатрешноста на храмот „Свети рамноапостолни цар Константин и царица Елена“ во Скопје, ќе биде потребна и дополнителна помош од верниците
Од Скопската епархија, при Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, информираат дека во изминативе 6 месеци интензивно се работи на внатрешноста на храмот „Свети рамноапостолни цар Константин и царица Елена“, во центарот на Скопје: се фрескоживописува и се привршува проектот за изработка на иконостасот и подот, а останува да се изведе електриката и да се уреди просторот околу храмот.
„Фрескописот и другите потребни работи се извршуваат од донации, но за целосно довршување на храмот ќе биде потребна дополнителна помош, па се очекува да помогнат и верниците, стопанствениците, приватните бизнисмени како и сите луѓе – добронамерници.
Инаку, новиот храм се гради во спомен на урнатиот од земјотресот, и е во целосна сопственост на Скопската епархија, со сите подмирени долгови од порано кон изведувачот на градежните работи, кој долгот го пријави дури по неколку години“, се истакнува во напишаното.