Македонија
„Банана филм“: Манчевски со години пријавува корупција во Агенцијата за филм, инспекцијата не увиде корупција кај него
Продукцијата „Банана филм“ ја демантира Агенцијата за филм и потенцира дека ниту еден надлежен орган не утврдил неправилности во работата ниту, пак, се води постапка против продуцентската куќа. Напротив, од продукцијата велат дека неколку институции веќе заклучиле дека Агенцијата за филм работи незаконски.
„Според записникот на инспекцијата на Министерството за култура од 4 април 2023 година, инспекторот јасно и недвосмислено утврдил дека нема неправилности во работата на ‘Банана филм’ поради што и ја запрел постапката за инспекциски надзор. Записникот вели: ‘Не е утврдено ненаменско или спротивно на договорот користење средства добиени од Агенцијата за филм од причина што корисникот на средствата се придржувал кон финансискиот и оперативниот план во согласност со Законот за филмската дејност“, додаваат од „Банана филм“.
Тие велат дека имаат добиено позитивен извештај токму од Агенцијата за сите нивните филмови – „Мајки“ (2010), „Врба“ (2019) и „Кајмак“ (2022).
„Оваа кривична пријава е поднесена со цел да се оправдаат најмалку две незаконски постапки на Агенцијата – незаконското одбивање да се доисплатат средствата, кои, според правосилниот договор Агенцијата, ѝ ги должи на ‘Банана филм’ за завршениот филм ‘Кајмак’, кој од минатата година со успех го обиколува светот, како и незаконското одбивање на Агенцијата да потпише договор за проектот на ‘Банана филм’, ‘Биста’, кој беше поддржан како филм од национален интерес на конкурсот на истата таа Агенција од мината година“, посочуваат од продуцентската куќа.
Во соопштението се потенцира дека и самиот Манчевски изминативе неколку години со пријави до надлежните институции укажал на корупција во Агенцијата за филм. Но, и дека сериозни поплаки од повеќе филмаџии против Агенцијата и ДФРМ има и до вицепремиерката за антикорупција, Славица Грковска, и тоа може да се провери во нејзиниот кабинет.
Правниот тим на „Банана филм“ подготвува тужби и кривични пријави против луѓе во Агенцијата за филм и други за кршење на законот по повеќе основи – попречување на професионална работа, клевета и за замолчување укажувачи на корупција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Левица: Ќе поднесеме предлог – закон за департизација и искоренување на непотизмот во јавното здравство
Пратеничката група на Левица до Собранието на Република Македонија ќе поднесе Предлог-закон за укинување на дискреционото право на директорите во јавното здравство при вработување, со кој се воведува обврска за избор на најдобро рангираните кандидати на транспарентни конкурси со јасни, мерливи и проверливи критериуми, соопштија од партијата.
Од таму појаснуваат дека со Предлог-законот се прави неопходен и одлучен чекор кон дефинитивно укинување на децениските практики на непотизам, партизација и клиентелизам, преку елиминирање на дискреционите овластувања и воведување задолжително почитување на ранг – листите и објективните критериуми при вработување.
„Јавното здравство со децении е оптоварено со системски непотизам, партизација и клиентелизам, каде што роднинските врски и партиската подобност се вреднуваат повеќе од стручноста, знаењето и професионалниот интегритет. Дискреционото право на директорите се претвори во институционализиран механизам за репродукција на привилегии, со што јавното здравство функционира како затворен систем на наследни и партиски вработувања. Како директна последица на ваквите политики, најквалитетните и највисоко рангираните здравствени работници се системски оттурнати од јавното здравство и принудени својата професионална кариера да ја продолжат во приватните здравствени установи во државата, каде што нивното знаење станува пазарна стока или во здравствените системи во странство, каде што државата практично го извезува сопствениот образуван кадар од државните универзитети“, велат од партијата.
Овој двоен одлив, кон приватниот сектор и кон странство, додаваат од Левица, претставува тежок удар врз јавното здравство.
Според Левица, државата инвестира во образование и обука на здравствени работници, а придобивките од таа инвестиција ги собираат приватните профитни структури, други држави или промена на професијата. Истовремено, велат од Левица, Фондот за здравствено осигурување сноси дополнителни трошоци за лекување во приватни установи и во странство, додека пациентите продаваат дел од својот имот да се лекуваат во приватни клиники или други држави.
„Јавното здравство мора да биде систем на знаење, одговорност и еднакви шанси, а не поле за семејни и партиски привилегии. Левица ги повикува сите пратеници во Собранието да го поддржат овој Предлог-закон и да застанат на страната на јавниот интерес, здравствените работници и пациентите. Поддршката на овој закон е јасен показател дали се брани јавното здравство или се продолжува со заштита на непотизмот и клиентелизмот“, велат од Левица.
Македонија
Продлабочување на стратешкото партнерство со САД во фокусот на средбите на Гаши во Вашингтон
За време на работната посета на Вашингтон, претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Даниел Џ. Лотон, заменик-помошник секретар во Бирото за европски и евроазиски прашања на Стејт департментот на САД.
„На оваа средба беше потврдено непоколебливото партнерство меѓу двете земји, изградено врз заеднички демократски вредности, посветеноста на владеењето на правото, борбата против корупцијата и посветеноста на меѓународниот мир и стабилност. Соговорниците разменија мислења за актуелните геополитички настани, безбедносните предизвици и конструктивната улога на Република Северна Македонија како фактор на стабилност во Западен Балкан“, соопштија од Собранието.
Гаши информирал за континуираните напори за полноправна интеграција во Европската унија и изразил благодарност за континуираната поддршка на САД во процесот на реформите.

Гаши на средбата беше придружуван од потпретседателите на Собранието, Антонијо Милошоски и Јован Митрески, како и од владината делегација, составена од министерот Стефан Андоновски, Златко Пирински и генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев.
По средбите во Вашингтон, Гаши се сретна и со Филип Рикер, поранешен амбасадор на САД во Република Северна Македонија и докажан пријател на земјата, со кого разговарале за неодамнешните политички настани и продлабочувањето на стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави.
На средбите биле потврдени одличните билатерални односи и заедничката посветеност за продлабочување на трансатлантската соработка.
Македонија
СДСМ ги осуди заканите и навредите кон новинарот Видиновски: Институциите да реагираат
„СДСМ најостро ги осудува заканите и личните навреди кон новинарот Александар Видиновски, кон граѓаните и директорот на Канал 5 Телевизија од бугарски државјани“, велат од СДСМ.
„Говорот на омраза, заканите и навредите се недозволиви, претставуваат атак врз целата новинарска професија, слободата на говорот и слободата на информирање кои се европски вредности.
Ги повикуваме институциите да реагираат и да ги преземат сите мерки за санкционирање“, соопшти СДСМ.

