Свет
Не се ни распакува: Зеленски патува и на самитот на Г7 во Јапонија
„Патувачкиот циркус на Володимир Зеленски“, како што неодамна ја нарекоа дипломатската турнеја на украинскиот претседател во Европа, набргу ќе пристигне во Азија на самитот на Г-7, пренесува „Фајненшл тајмс“.
Лидерот на Украинците, за кој првично беше најавено дека виртуелно ќе им се обрати на учесниците на самитот, сепак лично ќе присуствува на собирот во Јапонија.
Секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, Олексеј Данилов, потврди дека Зеленски ќе присуствува на самитот.
„Сигурни сме дека нашиот претседател ќе биде таму, каде што ѝ треба на Украина, во кој било дел од светот, за да го реши прашањето за стабилноста на нашата земја. Таму ќе се решаваат многу важни работи, така што физичкото присуство е клучно за одбрана на нашите интереси“, истакна Данилов за „Јуроњуз“.
Се очекува Зеленски да учествува на средбите во Хирошима в недела.
„Неговото неочекувано присуство има цел да ја зајакне поддршката на Западот за Украина бидејќи војната со Русија се приближува кон својот шеснаесетти месец. Тој ќе се обиде да обезбеди поддршка од учесниците што не се членки на Г7, како што се Индија и Бразил, кои не му се придружија на Западот во казнувањето на Москва“, пишува „Фајненшл тајмс“.
Индија и Бразил, инаку, не се членки на Г7, туку се дел од БРИКС заедно со Русија, но учествуваат на самитот на покана на организаторите.
Според „Фајненшл тајмс“, присуството на Зеленски би можело да ги комплицира напорите на јапонскиот премиер Фуми Кишида да се погрижи самитот, кој првпат по седум години се одржува во Азија, да не се фокусира само на војната во Украина.
A united European voice for forging @G7 unity with friends and partners. #G7HiroshimaSummit #G7 pic.twitter.com/38wpNTatRC
— Charles Michel (@CharlesMichel) May 19, 2023
Имено, Кашида сака собирот да се фокусира на безбедносните прашања во Индо-пацифичкиот Регион, но и на пристапот кон земјите во развој. И САД во овој момент повеќе би сакале да зборуваат за Индо-Пацификот и да работат на креирање унифициран пристап кон Кина.
Знаејќи, сепак, дека Зеленски го поминува секој момент на сите свои патувања од Америка до Европа, во барање повеќе пари и оружје, јасно е дека неговите сојузници во Азија нема да ја имаат агендата што ја замислиле.
Кишида првпат го посети Киев во март за официјално да го покани Зеленски да присуствува на самитот во Хирошима, што беше единствена посета на јапонскиот лидер на воената зона.
Портпаролот на јапонската влада сепак не потврди дали Зеленски лично ќе се појави во Хирошима, но ги повтори претходните изјави дека се очекува тој да се вклучи на настанот преку видеоконференција.
Претходните планови за патување на Зеленски се чуваа во тајност до последен момент, од безбедносни причини.
Украинскиот претседател не бил во Азија од почетокот на војната, но патуваше во многу други земји – токму неделава оствари ненајавени посети на Велика Британија, Италија и на Германија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Германскиот министер за одбрана со порака до Трамп: Кој и да го прекрши меѓународното право, не влегува во историјата како миротворец
Присилната анексија на Гренланд би била „стратешки неразумна“, изјави германскиот министер за одбрана Борис Писториус во интервју за NDR, предупредувајќи дека таков потег би предизвикал сериозна штета на безбедносната архитектура на Западот.
Писториус нагласи дека, ако Доналд Трамп е навистина загрижен за безбедноста на Арктикот, порационален пат води преку соработка со сојузниците на НАТО, првенствено со европските партнери.
„Ако Трамп ги убеди Гренланд и Данска да тргнат по мирен пат, тоа е прашање меѓу вклучените земји. Но, ако дојде до насилна анексија, тогаш две работи се јасни: Доналд Трамп дефинитивно нема да влезе во историјата како миротворец“, рече Писториус.
Тој додаде дека од стратешка гледна точка би било „крајно неразумно“ да се остави НАТО на неговата судбина, изразувајќи надеж дека „здравиот разум ќе преовлада“ во американската политика.
На 5 јануари 2026 година, американскиот претседател јавно ги објави плановите за анексија на Гренланд, на што остро се спротивставија данските власти и самата територија. На состанокот на претставниците на САД, Гренланд и Данска, одржан на 14 јануари, не беше постигнат компромис, но беше договорено да се формира работна група за да се разгледа ова прашање.
Во меѓувреме, францускиот претседател Емануел Макрон го објави почетокот на заедничките вежби на НАТО во Гренланд на 15 јануари, потсетуваат медиумите. Писториус истакна дека извидувачката мисија на Алијансата е поврзана со сè поинтензивното користење на Гренланд од страна на Русија за воени цели.
Свет
Полска: Времето за разговор со Путин ќе дојде, но не сега
Полска предупреди дека Европската Унија не треба избрзано да ги обновува дипломатските канали со рускиот претседател Владимир Путин, нагласувајќи дека секој иден контакт со Москва мора да се води исклучиво преку институциите на Унијата.
Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски изјави во Брисел дека ЕУ веќе има јасна контакт-точка со Русија преку високата претставничка за надворешна политика Каја Калас и дека не треба да се создаваат нови механизми или посредници кои би можеле да го ослабат притисокот врз Кремљ.
„ЕУ веќе има свој глас. Тоа е Каја Калас“, рече Сикорски, додавајќи дека секој разговор со Москва мора да биде цврсто втемелен во заедничката политика на ЕУ, а не во иницијативи на поединечни земји.
Тој оцени дека „времето за разговор со Путин ќе дојде, но тоа не е денес“, предупредувајќи дека Европа не смее да наседне на, како што рече, триковите на Кремљ.
Дебатата се отвори откако францускиот претседател Емануел Макрон и италијанската премиерка Џорџа Мелони ја споменаа можноста за обновување директни комуникации со Москва, речиси четири години по почетокот на војната во Украина.
Фото: Depositphotos
Свет
Руски научници открија голема коронална дупка на Сонцето
На Сонцето се формира голема коронална дупка, според најновите податоци од Лабораторијата за сончева астрономија на Институтот за вселенски истражувања на Руската академија на науките и Институтот за соларно-терестријална физика, објавија денес руските медиуми.
Според податоците на таа лабораторија, дупката е висока околу еден милион километри, објави агенцијата Интерфакс.
Како што е наведено, појавата на бројни коронални дупки на Сонцето започнала во првите месеци од минатата година, веднаш по врвот на сончевиот циклус што се случил помеѓу октомври и декември 2024 година.
Ова доведе до зголемување од 60 проценти на бројот на магнетни бури минатата година, соопштија научниците.
„Севкупно, зголемувањето на бројот на магнетни бури би можело да продолжи уште најмалку две години, приближно до 2028 година, по што треба да започне брзо опаѓање на сите видови сончева активност, што би довело до сончев минимум околу 2029 и 2030 година“, се наведува во извештајот на лабораторијата, пренесе руската агенција Танјуг.

