Регион
Две жени од Бања Лука останале во кома по сообраќајка пред 34 години, едната се разбудила, другата почина пред неколку дена
Нада Малбашиќ, која по сообраќајна несреќа помина 34 години во кома била погребана минатиот викенд во Бања Лука.
Деталите за судбината на несреќната жена за „Глас Српска“ ги раскажал нејзиниот брат Маринко Малбашиќ, кој нагласил дека Нада тогаш имала само 22 години и штотуку почнала да живее.
На тој кобен 15 јули 1989 година, во тешка сообраќајна несреќа во Бања Лука, автомобилот на Нада удрил во дрво со костени. Загинале Бошко Максимовиќ и Станоја Матиќ, а тешко повредени биле Санда Михајловиќ и Нада.
„Беше 1989 година, околу 1 и пол по полноќ. За жал, двајца момци загинаа на лице место, а Санда беше повредена. Таа беше во кома неколку месеци. Потоа се разбуди и продолжи со својот нормален живот. Заврши факултет, се враработи во банка и имаше дете. Нада остана во кома 34 години“, изјави Малбашиќ.
Кобната несреќа се случила недалеку од центарот на градот, а низ главата и денес му се вртат фотографии и сцени од трагедијата.
„Нада е медицински феномен, без сомнеж. По толку години во кома немаше ни рана на телото“, изјави Малбашиќ.
„Имаше фрактура на бутната коска, па доби масни ткива кои го затворија средниот мозок, кој е центар за говор и рамнотежа. Пет милиони вакви случаи живеат во Америка со оваа дијагноза по несреќа. Запознав и девојка која девет години била во кома и се разбудила“, изјави Малбашиќ.
Борбата за животот на неговата сестра почнала веднаш по несреќата.
Со авион ја пренеле Цирих, а од таму со хеликоптер потоа била префрлена во Луцерн. Тука останала 34 години.
„Додека беше во Бања Лука десетина дена редовно ја посетувавме, а кога ја пренесовме во Швајцарија секој ден бевме со неа. Не само ние, туку и семејството на вујко ми и нивните деца“, рече тој.
Братот раскажа дека никогаш не изгубиле надеж и мислеле дека Нада ќе може да се избори.
„Имавме надеж дека ќе успее да се извлече бидејќи беше позната како голем борец. Особено што проблемот го предизвикаа оние масни ткива кои го блокираа средниот мозок и центарот за рамнотежа и говор. Постоеше можност да се спаси, бидејќи токму на таа клиника имаше случаи кога луѓето беа во кома седум-осум години, а потоа се будеа. Меѓутоа, мојата сестра имаше поинаква судбина и умре како херој бидејќи е медицински феномен, а нешто слично не е видено во светот“, изјави Малбашиќ.
Според него, имало многу трошоци, но се потрудиле да се обидат да ја спасат Нада. Сепак, судбината сакала поинаку.
„Дадовме се’ од себе да спасиме млад живот. Мислам на разни терапии и биоенергетика“, изјави Малбашиќ.
Според експертите, до кома доаѓа поради тешки повреди на мозокот предизвикани од удари во главата или мозочен удар. Иако искуството кај секого е различно, една работа останува иста. Очите на коматозното лице ќе бидат затворени и ќе изгледаат како да не реагираат на околината.
Има ретки случаи во кои луѓето можат да реагираат или да комуницираат или да имаат основни рефлекси како кашлање. Исто така, пациентите веројатно не реагираат на звук или болка поголемиот дел од времето. Некои можат сами да дишат, но во посериозни случаи ќе им биде потребна помош од медицински помагала.
Маринко Малбашиќ раскажа и како се случила несреќата која ја одредила судбината на неговата сестра Нада.
„Несреќата се случила бидејќи патот бил влажен, а момчето кое возело не било во алкохолизирана состојба. Можно е да дал малку појак гас. Подоцна се забил во дрво и двете момчиња починале на местото на настанот. За тоа тогаш пишуваа сите медиуми“, изјави Малбашиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Бахамите го признаа Косово
Бахамите официјално ја признаа Република Косово како независна и суверена држава, соопшти косовската претседателка Вјоса Османи.
Османи го потпишала договорoт на Бахамите со премиерот Филип Брејв Дејвис. На социјалната мрежа „Икс“ беше објавено заедничко соопштение во кое се наведува дека двете земји воспоставиле дипломатски односи, кои стапуваат на сила со денот на потпишување на заедничкото комунике, во согласност со меѓународното право и Виенската конвенција за дипломатски односи од 1961 година.
Bahamas recognizes the Republic of Kosovo as a sovereign and independent state! 🇽🇰 🇧🇸
We just signed our bilateral agreement with Prime Minister @honphilipedavis. On behalf of the people of Kosovo, I extend my sincere gratitude for this decision of historic significance!
Full… pic.twitter.com/a9LLtW2BW7
— Vjosa Osmani (@VjosaOsmaniPRKS) December 19, 2025
Во соопштението се наведува дека Бахамите и Косово ја потврдиле посветеноста на целите и принципите на Повелбата на Обединетите нации и изразиле намера да развиваат соработка во области од заемен интерес, како што се трговијата, туризмот, образованието, културата, технологијата и јавниот сектор.
Двете земји изразиле очекување за воспоставување топло и продуктивно партнерство.
Годинава, независноста на Косово ја признаа и Сирија, Судан и Кенија.
depositphotos
Регион
Путин првпат зборуваше за НИС: Верувам дека Белград ќе ги исполни своите обврски
Рускиот претседател Владимир Путин повеќе од две децении одржува годишна прес-конференција, на која ги презентира своите политички ставови и анализи на јавноста во Русија и во странство.
За време на конференцијата, новинар од Србија го потсети рускиот претседател дека Нафтената индустрија на Србија (НИС), заедничко вложување меѓу Русија и Србија, ги трпи последиците од западните санкции. Тој го праша Путин како ја коментира оваа ситуација?
„Што се однесува до НИС, притисокот од западните санкции продолжува, а ова е показател за политичка моќ. Москва претпоставува дека Белград ќе ги исполни своите обврски, а двете земји ќе спроведат многубројни други проекти“, рече Путин не сакајќи да се продлабочува на оваа тема.
Претходно денес, рускиот претседател изјави за „Спутник“ дека знае што се случува со компанијата НИС и дека се надева оти ќе се најде заедничко решение.
„Знаеме што се случува со компанијата НИС. Имаме меѓудржавен договор и претпоставуваме дека пријателското српско раководство ќе го земе ова предвид. Имаме идеја за насоката во која сакаме да се движиме заедно. Работиме на тоа и се надевам дека ќе го најдеме потребното решение“, рече рускиот претседател.
Тој исто така рече дека без оглед на надворешната аспирација за подобрување на односите, притисокот со санкции ќе продолжи како начин за покажување сила, пренесува „Раша тудеј“.
„Москва претпоставува дека Белград ќе ги исполни своите обврски и дека Русија и Србија ќе спроведат многубројни други заеднички проекти“, рече тој.
НИС е под санкции на САД од почетокот на октомври поради мнозинската руска сопственост, што значително го комплицира работењето на една од најважните компании за функционирање на целата српска економија.
Рускиот „Газпромнефт“ е мнозински сопственик на НИС, а рускиот претседател рече дека земјата инвестирала повеќе од три милијарди долари во компанијата.
фото/депозитфотос
Регион
E-пошта со безбедносни закани во училиштата во Словенија: учениците итно евакуирани
Неколку основни и средни училишта низ Словенија денес добија е-пошта со безбедносни закани, а некои беа евакуирани како мерка на претпазливост, објави полицијата.
Главната полициска управа на Љубљана изјави дека реагирала веднаш по приемот на заканувачки пораки, собрала информации и ги спровела сите потребни мерки за да ја осигура безбедноста на учениците и персоналот, објави СТА.
Досега собраните податоци укажуваат дека станува збор за генерички закани, без конкретна оперативна опасност.
Полицијата процени дека ситуацијата носи мал ризик и дека нема потреба од дополнителен аларм.
Министерот за образование беше информиран за инцидентот, пишуваат медиумите.
Фото: депозитфотос

