Свет
„Волстрит журнал“: Џефри Епштајн го уценувал Бил Гејтс
Озлогласениот педофил Џефри Епштајн своевремено го уценувал коосновачот на Мајкрософт, Бил Гејтс, заканувајќи му се дека ќе ја обелодени нeговата вонбрачна врска со помлада жена, објави во неделата „Волстрит журнал“.
Епштајн открил дека Гејтс имал вонбраќна врска со руски играч на бриџ и платил за образованието на девојката пред да побара надомест од Гејтс во замена за неговото молчење.
Гејтс ја запознал Мила Антонова околу 2010 година, кога имал околу 55 години, а таа имала 20 и некоја година. Епштајн ја запознал Антонова три години подоцна и ѝ платил да посетува училиште за софтверско кодирање, а потоа во електронска порака до Гејтс во 2017 година му побарал да ги поткие трошоците за нејзината школарина, тврди весникот, цитирајќи луѓе запознати со проблематиката.
Трошоците за часовите за кодирање на Антонова биле неважни и за двајцата, а Гејтс не ги платил, велат изворите на „Волстрит журнал“ кои ја опишале пораката на Епштајн како алатка да му каже на Гејтс дека „знае за неверството и може да го обелодени“.
Во периодот кога ја испратил електронската порака, Епштајн неуспешно се обидувал да го убеди Гејтс да инвестира во добротворен фонд „тежок“ повеќе милијарди долари со ЈП Морган Чејс, пишува весникот, објаснувајќи дека „пораката имплицирала оти Епштајн ќе го обелодени неверството на Гејтс ако тој не ги одржува контактите меѓу двајцата мажи“.
Портпаролката на Гејтс ја потврди комуникацијата, наведувајќи дека Епштајн неуспешно се обидел да ја искористи врската од минатото на Гејтс за да му се закани.
Поврзаноста на Гејтс со Епштајн на крајот доведе до крај на неговиот 27-годишен брак со Мелинда Френч Гејтс во 2021 година. Една година по разводот од софтверскиот магнат, Мелинда изјави за Си-би-ес њуз дека врската на нејзиниот поранешен сопруг со Епштајн била една од многуте работи“што довеле до разделбата.
Епштајн и Гејтс се запознале во 2011 година, откако Епштајн веќе бил осуден за подведување дете за проституција. Според една статија на „Њујорк тајмс“ од 2019 година, тие двајцата се сретнале во повеќе пригоди, а Гејтс им кажувал на колегите дека го смета начинот на живот на Епштајн многу различен и интригантен, иако тоа не би функционирало за него.
Гејтс сега ја опиша својата врска со Епштајн како „грешка“ и изјави за Си-би-ес њуз дека требало да го послуша советот на својата поранешна сопруга и побрзо да ги прекине врските со злоставувачот.
Џефри Епштајн беше уапсен во 2019 година и обвинет за сексуална трговија со десетици малолетни девојчиња, но беше пронајден мртов во неговата затворска ќелија на Менхетен пред да биде изведен пред судење.
Неговата смрт беше прогласена за самоубиство, иако ова официјално објаснување беше дочекано со масовен скептицизам поради неговите блиски врски со богати и моќни личности, меѓу кои и поранешниот американски претседател, Бил Клинтон, актуелниот директор на ЦИА, Вилијам Барнс, и со британскиот принц Ендрју.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп вели дека Украина не изразила никаква благодарност за напорите на САД
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека Украина не изразила никаква благодарност за напорите на САД.
-„Лидерството“ на Украина изрази нулта благодарност за нашите напори, а Европа продолжува да купува нафта од Русија. САД продолжуваат да продаваат огромни количини оружје на НАТО, за дистрибуција во Украина (измамникот Џо даде сè, бесплатно, вклучително и „големи“ пари), напиша Трамп на платформата „Truth social“.
Тој ја даде изјавата додека високи функционери од САД, Украина и советниците за национална безбедност на Франција, Велика Британија и Германија разговараат за нацрт-планот на САД за завршување на војната во Украина во Женева.
-Војната меѓу Русија и Украина е насилна и ужасна војна која, со силно и вистинско американско и украинско лидерство, никогаш немаше да се случи. Започна долго пред да го земам мојот втор мандат, за време на администрацијата на заспаниот Џо Бајден, и само се влоши, рече Трамп.
„Доколку претседателските избори во 2020 година не беа наместени и украдени, немаше да има војна меѓу Украина и Русија…Наследив војна што никогаш не требаше да се случи, војна што е губитничка за сите, особено за милионите луѓе што толку непотребно загинаа, заклучи Трамп.
Свет
Зеленски: Мировниот план на САД може да вклучува елементи од клучно значење за Украина
Предлогот на САД за запирање на војната во Украина може да вклучува делови што се засноваат на украинските перспективи и се од клучно значење за украинските национални интереси, изјави денеска претседателот на земјата, Володимир Зеленски.
„Веќе имаме кратка информација од членовите на делегацијата за резултатите од првиот состанок и првите преговори“, напиша Зеленски на „Х“ за разговорите со ЕУ и САД во Женева.
-Работата продолжува за постигнување на главната цел што ја очекува нашиот народ: да се стави крај на крвопролевањето и војната, додаде тој.
Во исто време, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека украинските власти не изразиле никаква благодарност за напорите на САД по ова прашање, а Европа продолжува да купува нафта од Русија.
Свет
Фон дер Лајен: ЕУ мора да игра централна улога во обезбедувањето мир во Украина
Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, денеска изјави дека ЕУ мора да игра „централна улога“ во обезбедувањето мир во Украина и дека ова е еден од главните елементи за „праведен и траен мир и суверенитет на Украина“.
Делегација од Украина, европски безбедносни претставници и американска делегација предводена од државниот секретар Марко Рубио денеска се среќаваат во Женева за да разговараат за неодамна протечениот предлог на САД за прекин на војната во Украина.
Во соопштение објавено на веб-страницата на ЕК, фон дер Лајен изјави дека одржливиот мировен план, покрај запирањето на војната, не смее „да сее семе на иден конфликт“.
Таа додаде дека „границите не можат да се менуваат со сила“ и го отфрли ограничувањето на персоналот во украинската армија, што е една од точките на протечениот мировен план.
-Не може да има ограничувања на украинските вооружени сили што би ја направиле земјата ранлива на идни напади и со тоа би ја поткопале европската безбедност, се вели во соопштението.
Фон дер Лајен изјави дека „Украина мора да има слобода и суверено право да ја избере својата судбина“ и дека избрала „европска судбина“, додавајќи дека ЕУ ќе продолжи да работи со Украина, коалицијата на земји што ја поддржуваат Украина и САД за да се постигне „вистински напредок кон мирот“.
Таа изјави дека „клучен елемент“ на мировниот договор мора да биде и „враќањето на секое украинско дете киднапирано од Русија“.

