Македонија
Откриени случаи кога училиштето не пријавило булинг, Шаќири охрабрува родители, деца или трети страни да пријавуваат

Засилените активности против булинг и насилство во училиштата, по масакрите во Србија, веќе даваат резултати. Министерот за образование Јетон Шаќири денес ги охрабри родителите, децата или некоја трета страна да пријавуваат вакви случаи оти и Министерството и останатите институции постапуваат по секоја пријава. Одговарајќи на новинарско прашање тој кажа дека откриле и 2-3 случаи во кои училиштето не пријавило булинг оти така проценило иако ученици се пожлиле.
„Има и такви случаи, не можеме да кажеме дека нема. Има случаи во кои е пријавено дека 2-3 пати од страна на училиштето не е проценето дека треба да се пријават. За сите пријави, без разлика какви се, има посебен сектор во МОН со повеќе од петмина членови кои ги повикуваат службите во училиштата. За да ја потврдиме ситуацијата никогаш не кажуваме податоци кој го пријавил случајот, дали трета страна, дали родител. По доаѓање на службите, од сите училишта се бара што имаат постапено законски, дали е пријавен случајот, дали се известени родителите и по тие записници ние постапуваме. Значи, за секој случај министерството веднаш постапува, но не само министерството туку и другите институции. Постапува Министерството за труд и социјална политика, но и Министерството за внатрешни работи. Веднаш стапуваат во контакт со родителите и со детето“, рече министерот Шаќири.
Тој денес присуствува на дебата „Насилството кај децата“ на Филозофскиот факултет на која се поканети ученици за да ја отсликаат состојбата во училиштата. Нивните искуства ќе бидат искористени за подготовка на нови правилници и прирачници по кои ќе постапуваат учениците, наставниците но родителите од следната учебна година за да се намалат врсничкиот булинг и насилството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Манасиевски: Системот на Венко Филипче го урниса здравството

Венко Филипче ја постави Пановска за директор за да дава тендери на татко и, тој нема кредибилитет, да си поднесе оставка, кажа денеска на прес-конференција Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Венко Филипче додека беше министер за здравство ја постави Ирина Пановска за директорка на Хематологија, а таа пак даваше милионски тендери секоја година на веледрогеријата Др. Пановски, сопственост на нејзиниот татко. Венко Филипче даваше милиони кон Др. Пановски и преку други здравствени установи. Системот на Венко Филипче е давање тендери на негови блиски фирми, и тендери преку непотизам. Венко Филипче се бори за власт, за нови тендери и за нови тендерски шеми“, рече Манасиевски.
Тој потенцира дека „системот на Венко Филипче го урниса здравството“.
„Фактичката состојба во здравството денес, во поглед на недостатоци и проблематики е последица на тендер шемите на Филипче и СДС. Венко Филипче нема кредибилитет, тој треба веднаш да си даде оставка“, кажа Манасиевски.
Македонија
(Видео) Ристова: Откриваме нов скандал – пазарот во Неготино од 17 тони железо прикажан како „урбана опрема“

Пазарот во Неготино е изграден без соодветно одобрение за градење, а се води како „поставување на урбана опрема“, обвини денеска на прес-конференција Лолита Ристова, членка на Извршен одбор на СДСМ.
„17 тони железо, изградени на бетонска подлога од 420м2 со 90 тезги внатре се третираат како урбана опрема? Зошто е избегнато издавање на соодветно одобрение за градење во соодветна постапка. Особено од аспект на статиката и сигурноста на објектот. Како е можно два објекти изградени во толкав габарит кој лежи на 17 тони железо да се третира како „поставување на урбана опрема“? И клучното прашање дали ваквиот објект над главите на неготинчани е безбеден?“, вели Ристова.
Таа изрази сомнеж и од финансиски аспект.
„Зад проектот повторно стои една од омилените фирми на ВМРО-ДПМНЕ – МАСТЕФ ДООЕЛ, која редовно добива тендери во општини под нивна контрола, особено со пари од унгарскиот заем. Проценетата вредност на проектот е 25.960.000 денари, а договорот е склучен речиси за истата сума – 25.914.000. Без конкуренција, без намалување на цената, без домаќинско работење. На прашањето колку пари на граѓаните на Неготино се потрошени за оваа зделка и дали сумите се реални ќе зборуваме детално во наредните денови. Ако ова се потврди, ќе биде уште едно кривично дело во серијата сомнителни тендери на ВМРО-ДПМНЕ“, кажа Ристова.
Македонија
Муцунски на Анталија Дипломатски Форум: Западен Балкан е суштински дел од иднината на Европа

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денес се обрати на панел-дискусијата „Регионална одговорност за просперитетна иднина на Балканот“, во рамките на 4. издание на Анталија Дипломатскиот Форум, кој се одржува во Анталија, Република Турција.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја истакна интеграцијата во Европската Унија како стратешка цел на државата, а унапредувањето на регионалната соработка како клучен приоритет на македонската надворешна политика. Тој порача дека Западен Балкан не е проблем што треба да се менаџира, туку регион подготвен за напредок – не периферија, туку суштински дел од европската сегашност и иднина.
Муцунски ја нагласи потребата од јасен и опиплив пат напред кон полноправно членство во Европската Унија, како и значењето на регионалната политичка, економска и безбедносна одговорност. Во тој контекст, се осврна и на трагедијата во Кочани, посочувајќи ја како пример за важноста на блискоста со соседите и силата на солидарноста.
Министерот посебно го нагласи значењето на вложувањето во човечкиот капитал, јакнењето на конкурентноста на приватниот сектор и промоцијата на регионалните вредносни синџири како предуслов за одржлив раст. Само со ваков пристап, рече тој, можеме да спречиме одлив на млади, да поттикнеме циркулација на знаење и да изградиме долгорочна економија заснована на иновации и знаење.
Муцунски ја подвлече и улогата на Соединетите Американски Држави како значаен партнер кој обезбедува поддршка не само за безбедноста и политичката стабилност, туку и за економскиот развој на регионот.