Економија
Нова инвестиција од 40 милиони евра во ТИРЗ Кичево – Бектеши и Деспотовски во Брисел

Белгиската компанија „ Avesta Battery and Energy Engineering (АBЕЕ)“ ќе гради фабрика за производство на електрични батерии за автомобили во ТИРЗ Кичево.
Вкупната инвестиција ќе изнесува 40 милиони евра, а ќе бидат отворени 600 нови работни места.
Договорот за реализација на инвестицијата денеска во Брисел го потпишаа директорот на Дирекцијата за технолошко развојни индустриски зони, Јован Деспотовски и сопственикот и генерален директор, АБЕЕ, Нешин Омар.
На церемонијата на потпишување на договорот присуствуваше и министерот за економија, Крешник Бектеши.
„ Владата донесе нова легислатива за инвестиции во земјата која што е предвидлива за инвеститорите пред се во делот на воведување на нови технологии за електрични возила што е тренд во светот. Она што е важно да се каже за оваа инвестиција на компанијата „АБЕЕ“ е што ќе се реализира во зоната во Кичево и во сите фази ќе бидат отворени 600 работни места. Тоа ќе значи намалување на миграцијата и отворање на нови висококвалификувани и високоплатени работни места не само за локалното население туку и за целата земја”, кажа Бектеши.
Потенцираше дека исто така од голема важност е тоа што кадарот кој што ќе биде вработен во фабриката во Кичево ќе помине на процес на обука за воведување на нови технологии и примена на високо технолошки работни процеси кои што ќе се имплементираат во фабриката на „АБЕЕ“ во Кичево.
„ Не застануваме тука, во завршна фаза се преговори за нови инвестиции во земјата кои ќе значат ќе нови вработувања и развој на целокупната економија”, кажа Бектеши.
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски изрази задоволство за потпишувањето договор со компанија која е активна во индустријата на 21 век, на електрични возила.
„ Станува збор за брзорастечка компанија која вложува во напредни технологии. Севкупниот план е инвестиција од 40 милиони евра и 600 работни места. Просечната бруто плата ќе изнесува 1500 евра. Она што особено ме радува е дека просечната возраст на вработени во оваа компанијата сега е од 30 до 35 години и тие доаѓаат од 23 националности. Компанијата привлекува таленти од цел свет и верувам дека и фабриката во Македонија ќе стане хаб во кој ќе се привлекуваат вакви таленти, особено млади луѓе.
Со ова отвораме ново поглавје. Носиме инвестиции кои не само што носат повисока додадена вредност туку и се брзорастечки.
Со ова Македонија ја ставаме не само на мапата земји кои имаат капацитет за големи инвестиции туку и за инвестиции на 21 век”, кажа Деспотовски.
Сопственикот и генерален директор на „АБЕЕ“, Ношин Омар кажа дека е воодушевен што влегува во ова партнерство со Северна Македонија.
„Овој проект претставува клучна и пресвртна точка во стратегијата за експанзија на АБЕЕ и е потврда на нашата заложба за изнаоѓање на технолошки иновации и решенија за енергетска одржливост. Убедени сме дека оваа фабрика ќе придонесе за економскиот раст на Северна Македонија и уште повеќе ќе ја зацврсти позицијата на АБЕЕ како глобален лидер во индустријата за батериски менаџмент системи”, кажа Омар.
„Авеста Батери и Енерџи инженеринг“ во ТИРЗ Кичево ќе се фокусира на развој и производство на Батериски менаџмент системи (БМС) и системи за енергетска електроника. Производството се планира да започне во 2024 година, а производниот капацитет на компанијата ќе биде 300.000 единици годишно. Дополнително оваа компанија планира да развие и нова палета на производи кои ќе го прошират портфолиото на производи на АБЕЕ.
„Авеста Батери и инжинеринг“ е инженерска компанија специјализирана за изнаоѓање напредни иновативни решенија за батерии и батериски системи за автомобилски и стационарни апликации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
МЗШВ: Во четвртиот квартал од 2025 година ќе биде објавен јавниот повик за претприемачите во прехранбената индустрија

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја информира јавноста дека во четвртиот квартал од оваа година ќе биде објавен Јавниот повик 02/2025 за користење на средства од ИПАРД Програмата 2021-2027, мерка 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”.
Оваа мерка претставува исклучителна можност за македонските претприемачи во прехранбената индустрија да ги унапредат своите капацитети и да станат поконкурентни на домашниот и меѓународниот пазар.
Мерката 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”од ИПАРД Програмата овозможува финансиска поддршка за модернизација на преработувачките капацитети, инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, како и усогласување со европските стандарди. Преку оваа мерка се поддржува зголемувањето на конкурентноста на земјоделското производство и земјоделско-прехранбениот сектор во целина.
Средствата за оваа мерка се обезбедени преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД Програмата за периодот 2021 – 2027 година).
Министерството ги повикува сите заинтересирани да започнат со навремена подготовка на потребната документација и да ги следат официјалните објави на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Економија
Издадени првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) ги издаде првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори на компанијата ЕНЕРГО СОЛАР СИСТЕМИ.
Станува збор за два батериски системи со вкупна инсталирана моќност од 2 600 kW, што се инсталирани во склоп на две различни фотонапонски електроцентрали кои се веќе изградени и во функција.
„Издавањето на овие лиценци во кои се вклучени батериски системи за складирање на електрична енергија, всушност го означува почетокот на еден нов инвестициски циклус во енергетиката. Воведувањето на батериите во пракса значи забрзана енергетска транзиција преку создавање на одржлив, ефикасен и еколошки енергетски систем во земјава. Во РКЕ очекуваме голем број сопственици на ФЕЦ да поднесат барање за инсталирање на “сториџи“, но исто така очекуваме интерес да појават и компании кои би биле самостојни оператори на складишта само со батериски системи. Употребата на батериите ќе придонесе за сигурно и доверливо функционирање на системите, а едновремено и за економски посигурен и поефикасен енергетски пазар. Истите можат да даваат услуги на операторот на електропреносниот систем за балансирање на истиот, како и одржување на одредени параметри на мрежата во пропишани граници. Складирањето на енергија во периоди кога има вишок и нејзино користење во периоди кога потребите од електричната енергија се зголемуваат се очекува дека ќе влијае и врз намалување на вкупните трошоци во системот.“ посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Условите, постапката и потребната документација за добивање на лиценца за складирање на електрична енергија се уредена во Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, .
Економија
Владата усвои измени: Се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра

Со цел зајакнување на домашната економија, поддршка на локалните компании и создавање нови работни места, Владата усвои измени и дополнувања на Законот за данок на додадена вредност, со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра. Законските измени веќе се во собраниска процедура, а нивното спроведување се очекува да има директни позитивни ефекти врз економијата и работењето на домашните компании.
Со оваа мерка, околу 4 милиони денари месечно, колку што во одредени периоди изнесува прометот кон странските онлајн платформи, ќе се пренасочат кон домашното стопанство. Овие средства ќе придонесат за развој на локалните компании, отворање нови работни места и исплата на повисоки плати на вработените.
Ова претставува значаен чекор во заштита и поддршка на домашната економија, особено во услови на зголемена глобализација и дигитална трговија.
Дополнително, измените ќе помогнат во намалување на сивата економија, имајќи предвид дека досегашниот систем овозможуваше злоупотреби – односно увоз на стоки ослободени од данок кои понатаму се продаваат на домашниот пазар.
Со оваа измена, државата испраќа јасен сигнал на поддршка за домашните компании кои создаваат додадена вредност и вработуваат граѓани во земјата, велат од Министерството за финансии.