Македонија
Првите три училишта во Центар добиваат фотоволтаични системи

ТД „Енергија Центар“ ќе ги постави првите фотоволтаични централи во општинските основни училишта „Киро Глигоров“, „11 Октомври“ Скопје и „Јохан Хајнрих Песталоци“. Советниците од Општина Центар на денешната 24 седница на Советот дадоа согласност за поставување фотоволтаични системи на кровните конструкции на првите три општински училишта.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски на седницата појасни дека инсталирањето на фотоволтаичните централи ќе започне по завршување на училишната година односно кога училиштата ќе бидат празни и во нив нема да има ученици.
„Навистина сум горд што Општина Центар ги носи иновациите и ги применува најефикасните технологии кои ќе донесат голем бенефит за многу генерации по нас. Ние ќе правиме напори проектот да се реализира во текот на летните месеци за од септември веќе да бидат во функција. Секако не зависи само од нас туку и од временските прилики потребни за поставување на фотоволтаичните системи на кровните површини на училиштата. Денеска имавме и состаноци на кои баравме начини како да се задолжи и претпријатието со цел проектот да го реализираме во сите три основни училишта. Верувам дека ќе се најде решение и сигурен сум дека ќе имаме успешен проект кој ќе биде пример и за останатите општини“, рече Герасимовски на седницата.
Според договорот Општина Центар односно ТД „Енергија Центар“ ќе ја преземе одговорноста за било какво оштетување на кровните површини или причината евентуална штета со протекување. ТД „Енергија Центар“ исто така ќе го направи и осигурувањето на фотоволтаичните системи.
Фотоволтаичните системи ќе бидат поставени со цел производство на електрична енергија од обновливи извори за покривање на потребите од електрична енергија од страна на училиштата. Додека заштедите од пониските сметки и средствата од продажбата на вишоците електрична енергија ќе бидат искористени за нови проекти кои ќе им бидат од корист на граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Нормализиран сообраќајот на патот Куманово – Крива Паланка

Од 15:00 часот сообраќајот на магистралниот пат Куманово-Крива Паланка, е нормализиран, објави АМСМ.
Претхиодно денеска, беше соопштено дека сообраќајот на тој пат е прекинат поради сообраќајна несреќа.
Македонија
Костадиновска-Стојчевска: Законот за верските училишта отвора многубројни нејасности и институционални проблеми

СДСМ изразува сериозна загриженост по однос на предлог-законот со кој верските училишта добиваат статус на средни училишта, а нивните дипломи стануваат признати за запишување на високо образование. Иако не поднесовме амандмани, оценивме дека во предлог-законот постојат повеќе суштински нејаснотии и недоречености, кои може да отворат нови правни и институционални проблеми, рече пратеничката на СДСМ, Бисера Костадиновска Стојчевска, на денешната седница на Комисија за образование, наука и спорт.
Костадиновска посочи дека законот влегува во Собранието без јавна дебата, а граѓаните имаат право да знаат кои образовни модели ќе бидат легитимирани под државна капа. Тука се отвора прашањето за секуларноста и финансиската контрола на ваквите училишта.
– Иако државата формално не ги финансира овие училишта, загрижува отсуството на механизми за контрола и увид во финансирањето и содржините што ќе се изведуваат. Тоа отвора простор за непознати влијанија и непрегледност во функционирањето на овие образовни институции, рече Костадиновска-Стојчевска.
Таа укажа и на фактот дека засега има отсуство на јасни критериуми за образовната содржина и според достапните информации, наставата во богословските и исламските училишта вклучува верски предмети изведувани од свештени лица, додека основните образовни и педагошки дисциплини се минимално застапени или нејасно дефинирани. Оттука, се поставува прашањето: дали овие ученици ќе имаат адекватна подготовка за да продолжат кон наставнички или други стручни факултети?
– Уставниот поредок мора да се почитува. Република Македонија е секуларна држава. Според амандманот 7 од Уставот државата мора да биде неутрална во однос на религијата, а верските заедници и државата се одвоени. Секоја легислатива што го доведува овој принцип во прашање мора да се разгледа со особена претпазливост. Автономијата на верските заедници е загарантирана, но со влезот на овие училишта под државна капа, тие мора да ги следат државните образовни стандарди и критериуми, констатираше пратеничката на СДСМ, Бисера Костадиновска Стојчевска.
Македонија
„Вреди“: ДУИ јавно ја призна вината за бришењето на дијаспората

Денес, пред очите на јавното мислење и медиумите, Демократската унија за интеграција јавно ја призна вината за една од најсериозните и неуставни неправди врз Албанците од Северна Македонија, бришењето на дијаспората од пописот на населението во 2021 година преку скандалозната методологија што ги подели жителите на резиденти и нерезиденти, велат од „Вреди“
Наместо да дадат отчет за овој сериозен политички и национален чин, како што истакнуваат во реакцијата, тие избегнаа каква било одговорност, молчејќи за фактот дека пописот е спроведен во време кога ДУИ беше на власт и имаше свој претставник во Државниот завод за статистика.
„Зошто ја избришавте албанската дијаспора од пописот?
Која беше валканата политичка зделка што ја направивте и со кого?
Зошто ги исклучивте Албанците од дијаспората од донесувањето одлуки кои со децении придонесуваат за оваа земја?“, прашуваат од „Вреди“.
Според нив, тоа е невиден чин, со кој се нарушува фундаменталното право на дијаспората да биде составен дел од албанскиот народ во Северна Македонија, не само емоционално, туку и правно и институционално.
„Сега е јасно: ДУИ, заедно со своите нонграти пријатели, не само што молчеа за оваа неправда четири години по ред, туку денес признаа дека биле коорганизатори на овој неправеден процес, а притоа не дадоа никаков одговор за нанесената штета.
Додека Албанците од дијаспората беа изоставени, ДУИ денес прави нови пазарења за заеднички листи на локалните избори. Дали ова е предупредување за нов таен договор меѓу ДУИ и нејзините патерици? Со овој договор, дали новите сојузници ја амнестираа ДУИ за овој срамен чин“.
Од „Вреди“ велат дека таквите неправди нема да останат неказнети.
Во октомври 2025 година, како што додаваат, најсилниот одговор ќе дојде од граѓаните и дијаспората, кои ќе изберат еднаквост, правда и достоинствено претставување, а не пазарење и манипулација.
„Вреди“ ќе продолжи да ја потсетува албанската јавност на сите антиалбански одлуки на претходниот режим. Оние кои ја исклучија дијаспората ќе бидат исклучени и од локалната власт. И тоа ќе го сторат граѓаните со својот глас, додаваат од оваа партија.